Македонија
„Сите што ме познаваат добро знаат колку и како се грижев за безбедноста на сите гости во клубот“ рече Јованов, сопственикот на дискотеката „Пулс“, за кобната ноќ
До ден-денес се чудам и не можам да поверувам што се случи таа вечер, изјави првообвинетиот и сопственик на дискотеката „Пулс“ во Кочани, Дејан Јованов, на денешното судско рочиште.
Рече дека цели девет месеци е затворен во четири ѕида.
„Секојдневно ја преживувам таа трагична ноќ“, изјави првообвинетиот Јованов.
Со треперлив глас, на моменти и со солзи во очите, рече дека не може да поверува што се случило таа ноќ.
„Јас како човек и како родител, каде што се собираа сите млади и моите деца, да бидам способен да дозволам нешто да недостига. Зарем сериозно мислите дека, доколку би знаел дека нешто недостига, не би презел сѐ за да се отстрани навреме. Во тој клуб, на тоа место, имаат пораснато десетина генерации. Сите што ме познаваат добро знаат колку и како се грижев за безбедноста на сите гости во клубот. Од срце и од душа сакам да им изразам сочувство на сите фамилии што имаат починати, а на повредените закрепнување. Затоа што ги знам нивната болка и тагата, затоа што и ние во нашата фамилија имаме починат и повреден член и ја носиме истата болка како и вие што ја носите. И уште едно не ми е јасно, зошто Михајло е обвинет бидејќи тој немаше никакви обврски и активности ниту, пак, допирни точки со работата на клубот. Тој си имаше своја фирма за дистрибуција, си ги работеше своите работни обврски со фирмата и си беше нормален гостин како и сите“, рече Јованов.
Неговата бранителка Ивана Коцева во долг воведен говор зборуваше за правни нелогичности и пропусти што ги направило Обвинителството во обвинението, рече дека причина за пожарот е пиротехниката, која без да ја пријават кај Јованов ја внеле и ја употребиле членовите на ДНК.
Коцева рече дека во постапката ќе докаже дека од отворањето на кабарето до трагичниот пожар не можело да постои свест кај Јованов за непреземени мерки за безбедност оти сите служби што имале сознанија не предочиле законски пропусти. Оттука, Коцева смета дека Јованов може да одговара за небрежност и за ништо повеќе. Укажа дека институциите цели 13 години му издавале лиценци откога утврдувале дека ги исполнува условите.
„Тој не бил стручен да препознае недостатоци, институциите немале забелешки“, рече Коцева. Таа се пожали дека како бранителка има тешка задача оти треба да одбрани човек што за сите е убиец, а таа го гледа како човек.
„Дејан е човек, не е монструм“, рече Коцева и нагласи дека во судницата не се дојдени за одбрана на злосторства, туку да дојдат до правдата. Воведниот говор го заврши со зборовите: „Не може да бараме правда, а да ја засноваме на неправда“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска се обрати на свечена академија по повод 105 години од основањето на Филозофскиот факултет во Скопје
105 години Филозофски факултет значат повеќе од еден век умствен и духовен раст, традиција, научна извонредност и општествено созревање. Тоа е наследство што мора да го чуваме и да го негуваме. Верувам дека оваа институција и понатаму ќе биде водилка на општествената и на хуманистичката мисла, бранител на критичноста и чувар на академската слобода, рече министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на свечената академија со која високообразовната установа го одбележа големиот јубилеј.
„Факултетот не придонесува во развојот на државата само преку образованието и науката, туку и преку својата силна стратешка улога во креирањето на националните политики. Тука се раѓале концепти и научни согледувања што го обликувале образовниот систем, културните политики, социјалните институции и многу од современите професионални практики во државата. И во овој период, Филозофскиот факултет е активно вклучен во изработката на клучни национални стратегии“, рече Јаневска изразувајќи благодарност до сите поранешни и активни професори, истражувачи и вработени на факултетот за нивната посветеност, научен придонес и визија за општеството.

Министерката потенцираше дека иако по однос на неколку теми за време на нејзиниот мандат, ставовите на МОН и факултетот се разликувале, токму таквите јавни дискусии доведуваат до креирање на најдобрите решенија за обезбедување на поквалитетно национално образование. Очекува, како што рече, Филозофскиот факултет да остане меѓу најсилните партнери на државата кои отвораат пат кон нови образовни подвизи.
Јаневска изрази уверување дека буџетот за образование ќе продолжи да се зголемува, а со тоа ќе се зголемува и поддршката за развој на високото образование и науката.
„Држава која вложува во високото образование вложува во сопствената иднина – ја јакне својата конкурентност, го унапредува демократскиот капацитет и го поттикнува општествениот развој. Продолжуваме да креираме политики што обезбедуваат автономија, дигитализирани процеси, подобра научна инфраструктура и поддршка за младите истражувачи“, рече министерката.

Освен Јаневска, на свечената академија се обратија и ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Биљана Ангелова и деканот на Филозофскиот факултет, проф. д-р Оливер Бакрески кои се согласија дека академскиот простор мора да остане место каде знаењето се претвора во визија, а визијата во општествена вредност.
Македонија
Делови од Илинден, Аеродром, Чучер Сандево и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот, корисниците од ул. 27 во село Белимбегово, општина Илинден;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од бул. Видое Смилевски Бато бр. 8А, општина Аеродром;
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците кои се напојуваат од изводот кој започнува од Рибилимус и продолжува во правец на Горно и Долно Оризари, општина Чучер Сандево;
– во периодот од 11.00 до 15.00 часот, корисниците од село Бардовци лоцирани кај Машинац зградите, општина Карпош.
Македонија
Магла во утринските часови, сончево со умерена облачност преку ден
Во утринските часови наместа ќе има појава на магла, а во текот на денот сончево со умерена облачност и претежно тивко. Во северозападните делови повремено ќе има зголемена облачност со услови за слаб дожд.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 1, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде умерено до значително облачно и претежно тивко.
Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредниот период
Продолжува периодот стабилно и претежно тивко време. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини ќе има појава на магла

