Македонија
Сиљановска – Давкова очекува помош од ЕУ во пронаоѓањето креативно решение за деблокада на македонските интеграции
Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова очекува помош од Унијата во пронаоѓањето на излезно креативно решение за деблокада на македонските интеграции. На вчерашната средба во Скопје со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, Сиљановска – Давкова изразила спремност за македонско-бугарски разговори по завршувањето на локалните избори.
Од Кабинетот на Сиљановска-Давкова соопштија дека претседателката ја оценила посетата на фон дер Лајен како охрабрувачка и поттикнувачка за европската реинтеграција на регионот.
Фон дер Лајен пак, разговорот го започнала со изразување отворен интерес на ЕУ за Западниот Балкан, заради неговата природна европска припадност во географска, историска и културна смисла, но и заради тектонските промени на меѓународниот поредок и зголемените светски и европски безбедносни закани.
Македонската претседателка ја реафирмирала посветеноста кон исполнувањето на стратешката цел – полноправно членство во ЕУ.
Таа ги споредила Балтикот и Балканот, посочувајќи ја очигледната разлика: во првиот, земјите, членки на ЕУ, застанаа зад своите соседи, а во вториот, некои членки на ЕУ го користат привилегираниот статус за да го условуваат, па и блокирааат политичкиот пат на соседот кон Брисел.
Уште еднаш укажала на огромната важност за регионот на: СЕПА, Западно-балканскиот роаминг, „Везилка- Националниот центар за вештачка интелигенција“, „Хоризонт“, како и на големите очекувања од инфраструктурните проекти: „Коридор 8“ и „ Коридор 10“.
Гордана Сиљановска – Давкова предупредила и на опасноста од реплицирање на преседанот со билатерализацијата на македонскиот процес на интеграција, надвор од Копенхагенските критериуми, не само во регионални рамки, туку и пошироко.
„Воедно, потсети на непочитувањето, односно кршењето на некои фундаментални принципи и вредности на основните конститутивни акти на ЕУ што ги гарантираат националниот и културниот идентитет на државите и нациите, како и достоинството и интегритетот на граѓаните. Исто така, изрази спремност за македонско-бугарски разговори по завршувањето на локалните избори.
Сиљановска – Давкова очекува помош од Унијата во пронаоѓањето на излезно креативно решение за деблокада на македонските интеграции, бидејќи како што нагласи, прифаќањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ не е само прашање на проширување, туку ја засега безбедноста и стабилноста на Европа. Иницијативата за реформирање на процесот на одлучување во ЕУ, што би ги опфатило и прашањата поврзани со проширувањето на Унијата, односно воведувањето на гласање со квалификувано мнозинство, за Сиљановска-Давкова би било храбра одлука, што ќе доведе до евроинтеграциски исчекор“, соопштија од Кабинетот.
Според Сиљановска – Давкова, ние мораме да ја насочиме енергијата кон реформите во судството и бескомпромисната борба со корупцијата и криминалот.
На средбата, фон дер Лајен ја нагласила јасната волја кај сите 27 земји, членки на ЕУ за забрзано реинтегрирање на Балканот и го поздравила значајниот прогрес постигнат во рамките на Планот за раст, потенцирајќи дека земјава заслужува да оди напред.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ бара истрага: Заев, Николовски, Груби, Филипче, Бајрами, Дончев и Рашковски посочени како пример за неказнивост
ВМРО-ДПМНЕ реагира дека нема да толерира незаконско постапување и девијантно однесување на поединци за кои постојат сомнежи дека ги прекршиле законските регулативи. Од партијата порачуваат дека Законот мора да важи еднакво за сите и дека секој фатен во корупција или криминал треба да понесе соодветна одговорност.
Во реакцијата се наведува дека државата не смее да се враќа во „мрачните времиња“, како што ги нарекуваат периодите кога, според нив, лица со основано сомнение или пресуди за криминал – меѓу кои ги посочуваат Заев, Љупчо Николовски, Груби, Филипче, Перпарим Бајрами, Ден Дончев и Рашковски – слободно се движеле без одговорност.
Од ВМРО-ДПМНЕ апелираат надлежните институции целосно да го истражат случајот и да постапат до крај согласно законските прописи.
Македонија
За девет месеци од наплата на патарините државата заработила над 58 милиони евра
Вкупните приходи од наплата на патарина за првите девет месеци од годинава изнесуваат 3.611.645.604, денари (58,725 милиони евра).
Во септември годинава прометот на наплатните станици изнесува 401.971.971 денар, а во летните месеци кога е највисока фрекфенцијата на возила, биле инкасирани 494.308.025 во август, 469.811.647 во јули и 399.325.680 денари во јуни годинава.
Најпрофитабилна е наплатната станица Романовце, а најниски се приходите на Кадрифаково.
Македонија
Најмногу дожд во изминатото деноноќие падна во Пожаране и Попова Шапка
Најмногу дожд во изминатото деноноќие наврал во Пожаране и Попова Шапка, а најмалку во Штип и Кавадарци.
Управата за хидрометеоролошки работи информира дека во Пожаране и Попова Шапка наврнале 32 литри на метар квадратен, во Маврови Анови и Крушево 23, во Тетово 21, во Претор 20, во Лазарополе 14, во Гевгелија 11, во Битола, Тополчани и Скопје-Зајчев Рид 6, во Ѓуриште, Пожар-Радовиш 5, во Прилеп, Велес, Скопје-Петровец 4 и во Штип и Кавадарци еден литар на метар квадратен.
До вторник синоптичарите најавуваат променливо облачно време со локални врнежи од дожд. Денеска наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 30 l/m² за 24 часа), проследени со засилен ветер и појава на ретки грмежи.
Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од јужен, а долж Повардарието од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 12 до 17 степени.

