Македонија
Сиљановска Давкова: Турската заедница има значаен придонес во сите сфери на општествениот развој на државата
Уште од формирањето на македонската држава е не само гарантирано, туку и практично овозможено правото на образование на турски јазик, како неразделно од етничкиот и културниот идентитет на Турците, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во обраќање на приемот, којшто по повод 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик, го организираше Сојузот на турски невладини организации во Македонија – МАТУСИТЕБ, со поддршка на Турската агенција за соработка и координација – ТИКА.
Сиљановска Давкова истакна дека македонската држава отсекогаш ги препознавала различните идентитети, вклучително и турскиот, како вредност, сила и предност.
– Со обезбедување не само индивидуални, туку и колективни права коишто, денес, ги надминуваат стандардите на многу високоразвиени демократии, успеавме да изградиме демократски модел на соживот! Сепак, свесна сум дека во реалната/практичната примена на уставно утврденото право на образование на турски јазик постојат недорешени прашања и потешкотии, но и решеност и подготвеност за нивно надминување преку координирана, одговорна и ефикасна соработка меѓу локалната самоуправа и централните институции, рече претседателката Сиљановска Давкова.

Нашите сограѓани од турско потекло овде, како и лицата од македонско потекло коишто живеат во Република Турција, наведе претседателката, се најцврстата човечка врска меѓу нас и пријателската Република Турција.
– Вие сте најсилната алка на македонско-турските односи. Верувам дека во периодот што следи, заедно со претседателот на Република Турција, господинот Реџеп Таип Ердоган, ќе продолжиме да ги продлабочуваме овие односи во духот на пријателството и на меѓусебната почит, подвлече претседелката Сиљановска Давкова.
Таа посочи дека празниците како овој не се само повод за радост и свеченост, туку и моменти кога повторно се потсетуваме на нашите обврски кон општеството и државата во којашто живееме.

– Основачот на модерна Турција и син на македонската држава, големиот Мустафа Кемал Ататурк, мудро рекол: „Татковината најмногу ја сака оној што најдобро ја извршува својата должност“. Водејќи се од оваа максима, нашата заедничка должност е јасна: каде и да се наоѓаме, што и да работиме, да ја извршуваме својата задача чесно, посветено и одговорно. Само така ќе придонесеме за нејзиниот развој и за нејзиното заслужено место меѓу европските држави, порача претседателката.
Според Сиљановска Давкова, наставниците се особено заслужни за едукацијата на турски јазик на бројни генерации ученици, воспитувајќи ги во духот на соживот и одговорност за заедничкиот живот во мултикултурното македонско општество.
Претседателката во обраќањето истакна дека припадниците на турската заедница имаат значаен придонес во сите сфери на општествениот развој на државата, почнувајќи од образованието и културата, до спортот и политиката.
Ја нагласи и важноста на интензивната турско-македонска меѓудржавна соработка и се заблагодари за континуираната турска финансиска подршка, особено преку ТИКА, со чие разбирање и помош се реновираа важни верски објекти, се подобрија здравствените капацитети, се модернизираа научните и образовни инстититуции, се подржааа земјоделските иновации.
За Сиљановска Давкова, сограѓаните од турска припадност, како и турските граѓани од македонско потекло во Република Турција, се најцврстата врска меѓу нас и Република Турција, што мора да се негува и зацврстува.

На настанот се обратија и: Фатих Улусој, турски амбасадор во земјава, Мустафа Шентоп, поранешен претседател на Големото национално собрание на Република Турција, како и организаторот на настанот, Тахсин Ибрахим, претседател на МАТУСИТЕБ, на кои, вклучувајќи ја и претседателката, им беа доделени признанија за истакнатата улога во градењето и зацврстувањето на турско-македонското пријателство.
– Доделените награди на најуспешните ученици на натпреварите во поезија, проза и цртање на Денот на наставата на турски јазик ја потенцираа важноста на знаењето, креативноста, стручноста и компетентноста, без коишто нема прогрес на заедницата, ниту европеизација на државата!, информира Кабинетот на претседателката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на планините снег, од следната недела заладување
Времето утре, променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Времето утре ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.
Македонија
Сали – Џанел: Холандската поддршка значајна за реформите и евроинтеграцијата
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со амбасадорката на Кралството Холандија, Озлем Џанел.
На средбата се разговарало за европската интеграција, спроведувањето на Реформската агенда и билатералната соработка. Министерот Сали нагласил дека членството во ЕУ останува стратешки приоритет, како и целосната усогласеност со Владеење на правото.
Било дискутирано и за уставните измени како предуслов за отворање на кластерите, како и за напредокот во рамки на Кластерот „Темелни вредности“. Воедно било истакнато дека третото барање за исплата на средства е доставено навремено, со значителен напредок во реформските чекори.
„Двете страни ја потврдија подготвеноста за понатамошно продлабочување на соработката во областа на реформите и владеењето на правото“, соопштија од Министерството.
Македонија
ССМ: Ако газдите не се одважат да дадат дел од колачот на работниците, ќе бидеме приморани секојдневно да бидеме на улица
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денес напладне ги блокираше стопанските комори во Скопје кои одбиваат да се согласат минималната плата да се големи на 600 евра, а сите останати да се зголемат за 100 евра. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, од улица им кажа на газдите во коморите, за кои смета дека избркале цели семејства надвор од државата, дека се оставени да бидат единствени виновници што не се покачува минималната плата.
„Владата веќе кажа дека се договарала со своите вработени, па ги остави газдите да бидат виновни за идниот генерален штрајк и во јавниот и во приватниот сектор“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
Им порача на газдите дека понудата за зголемување на минималната плата е се уште на маса, но нема да остане уште долго оти следниот пат ќе се појават со генерален штрајк. Кажа дека во неработен ден ќе организираат голем работнички протест со организиран превоз за работниците, за да се даде шанса на секој работник да им се придружи.
Претседателот на ССМ Трендафилов објасни дека пред коморите, исто како и пред Собранието, се појавиле со само 21 работник оти толку бара законот, но да немало такво ограничување тој кажа дека бил подготвен за застане сам за да ги заштити работниците да бидат сликани и снимани.
Потпретседателот на ССМ, Иван Пешевски, кажа дека се подготвени секојдневно да им бидат пред очи и на пратениците и на газдите.
„Доколку газдите не се одважат дел од колачот да го дадат на работниците кои во минатото им го овозможиле тој профит, ќе бидеме приморани секојдневно да бидеме на улица со нив, со блокади со шатори и секој еден ден да ги потсетуваме дека повеќе за тие плати нема да работиме“, рече потпретседателот на ССМ, Пешевски.
За вторник следната недела ССМ најави блокада на Владата, пред повторно да преминат на нов голем работнички протест и генерален штрајк.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, денес кажа дека блокадите и протестите на ССМ имаат политичка заднина и во деновите што доаѓаат на македонската јавност ќе и покаже како лицата кои блокираат се поврзани со опозицијата.

