Македонија
Сиљановска-Давкова – Фон дер Лајен: изразено очекување дека процесот на интеграција ќе се спроведе врз основа на принципот на заслуги
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска оствaри средба со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен.
На средбата беа разменети мислења и информации за евроинтеграцискиот процес на земјава и перспективите за напредок, имплементацијата на реформите и придобивките од Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан.
Заблагодарувајќи се за нејзиниот личен ангажман и заложби во однос на проширувањето, претседателката Сиљановска Давкова посочи дека Планот за раст е важен механизам со голем потенцијал, кој ќе ги забрза реформите, ќе придонесе за стандардизација, економскиот раст и напредок и ќе ја приближи земјата до Европската Унија.
Претседателката истакна дека македонските институции во повеќе области се подготвени за забрзана интеграција и вклучување во повеќе иницијативи и мрежи на ЕУ и изрази очекување дека процесот на интеграција ќе се спроведе врз основа на принципот на заслуги и Копенхагенските критериуми, пoтенцирајќи дека во нив е клучот за нашиот развој.
Посочувајќи ја важноста од одржување на кредибилитетот на Европската Унија во однос на политиката на проширувањето, претседателката ја истакна потребата од засилена поддршка од страна на европските институции со цел надминување на билатералните предизвици и забрзување на евроинтеграциите.
Претседателката изрази подготвеност за натамошно продолжување на дијалогот и ја истакна важноста новиот пристап на постепена, фазна интеграција да продолжи паралелно со процесот на пристапување.
Во контекст на регионалните случувања, претседателката Сиљановска Давкова посочи дека напредокот постигнат од секоја земја-кандидат од Западен Балкан позитивно влијае на регионалната динамика на пристапување во ЕУ и ги истакна своите заложби за натамошно унапредување на севкупната регионална соработка во интерес на заедничката стабилност, безбедност и просперитет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива тековно во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Намалена видливост поради магла има до 30 метри на патниот правец село Гајре – Попова Шапка и планинските превои Ѓавато и Плетвар до 50 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без вода дел од општините Центар и Гази Баба
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација – Скопје, информира дека денеска без вода ќе бидат дел од општините Центар и Гази Баба.
· поради изведување водоводен приклучок на водоводна мрежа со пречник од ф- 80 мм на улицата Коле Неделковски бр. 32, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица како и улицата Стефан Јакимов- Дедов во општина Центар;
· поради промена на затворач од водоводна мрежа со пречник од ф-100 мм на улицата Јани Лукровски бр. 2, од 08:30 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следните улици: Јани Лукровски, 16-та Македонска Бригада и Трифун Хаџијанев во општина Гази Баба.
Скопје
Дел од општините Центар и Карпош денеска без струја
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека поради планирани зафати во електро дистрибутивната мрежа денеска без напојување со електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 11:00 часот, корисниците од дел од улицата Тетовска во општина Центар;
· од 09:00 до 13:00 часот, корисниците во околината на последната автобуска станица на ЈСП – линија 57, во населба Нерези во општина Карпош;
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од улиците: Орце Николов, Крагуевачка, Драган Ѓаконовски – Шпато, Беджих Сметана и Миладин Поповиќ во општина Карпош.