Македонија
„Си има Обвинителство“, разрешениот директор на „Идризово“ крена раце од мрежата полицајци и затвореници за копање на тунелот

Директорот на „Идризово“ во заминување, Шпенд Тахири, и самиот потврдува дека разрешувањето што го доби од Владата е последица на политички пазар, а не одговорност за низата скандали за време на неговото директорување. Тој за „Макфакс“ посочува дека институциите треба да утврдат дали тој има кривична одговорност за организираното бегство за кое се води истрага, за дрогата и за телефоните во ќелиите, за претепувањето затвореници, за тунелот што се копал два месеца. Тахири ги минува последните денови како директор на затворот.
„Разрешувањето е политичко бидејќи ние како Алтернатива веќе еден месец не сме дел од Владата. Спречувањето на тунелот е успех и јас се гордеам дека сум бил разрешен со тој успех“, посочува Тахири за „Макфакс“, па прашан како може откривањето на тунелот да е успех кога не открил кои вработени помагале за копањето, топката ја префрли во други институции и додаде: „Јас од кога дознав, заедно со Управата за извршување санкции, за еден месец, ги презедовме сите можни мерки и дојдовме до реализација. Што се однесува на тоа кој ги криел и кој соработувал со нив – има Обвинителство и полиција“.
Прашан дали се чувствува сигурно оти нема да биде гонет кривично поради корупцијата во затворот со кој раководеше, Тахири посочи дека си има институции за тоа.
„Дали ќе ме гонат кривично и дали имам вина, сè тоа ќе го потврдат надлежните органи“, додаде Тахири за „Макфакс“.
Додека со затворот раководеше Тахири, се случи организираното бегство на Беким Мемети, кое и натаму се испитува од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, а се вмешани и затворски полицајци. Во „Идризово“ дрога бараше полицијата со судски налог како акција за сузбивање на корупцијата, а беа пронајдени и куп недозволени предмети. Беше натепан и затвореник за што имаше тврдења дека насилството му било сторено од затворски полицаец – случајот нема разрешница. Затвореници завршуваа во болница оти беа претепувани во затворениот дел на институцијата.
Пред повеќе од еден месец „Макфакс“ побара и коментар од Владата дали новите коалиции се поважни од одговорноста што треба да се понесе при нестручно раководење со институциите, но од таму досега не одговорија.
Тахири дојде на функцијата без искуство во затворскиот систем. За него, Управата за санкции велеше дека му е дадена шанса да се докаже. Тој беше предлог на Марјан Спасовски, разрешениот директор на Управата за санкции.
„Го предложив за да добие шанса како и секој друг. Го најдов во општина Камењане, ми го препорачаа како голем борец против криминалот и корупцијата“, рече Марјан Спасовски, разрешениот директор на Управата за санкции.
Нов директор на затворот „Идризово“ е Зоран Јовановски. Ковачевски за него рече дека е професионалец. Работел во МВР. Посетувал и обуки во странство. Тој е избран по предлог на премиерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нема атмосферска канализација што ќе ги апсорбира врнежите со ваков интензитет, вели градоначалникот на Делчево

Градоначалникот на Делчево Горан Трајковски вели дека се работи за голема елементарна непогода и дека ништо не можело да спречи такво невреме, проследено со интензивни обилни врнежи.
„Ова е елементарна непогода. Екипите се на терен – територијалната противпожарна единица, јавното комунално претпријатие, „Македонија пат“, овде е и полицијата која го регулира сообраќајот да можеме побрзо да го ставиме градот во функција и да им помогнеме на луѓето каде што треба..ги контактиравме околните општини, пумпи за испумпување се на пат, имаме организирано, знаеме каде да ги упатиме овие пумпи“ рече Трајковски и додаде дека мора брзо да интервенираат затоа што има поплавени неколку улици и домови.
Тој апелираше до граѓаните кои имаат потреба од помош да се јават на 193 во противпожарната единица, за да пријават штета.
Рече дека имаат помош од околните општини Берово, Македонска Каменица, Кавадарци, Кочани и дека е во постојана комуникација со нив.
Ги предупреди граѓаните до утре да се воздржат од пиење вода од чешма. Исто така апелираше, луѓето да не излегуваат по улиците со нивните возила, за да не прават гужва во сообраќајот.
Македонија
(Видео) Страотни сцени од Делчево под вода; Жителите: Да не се повтори

Делчево е под вода. Од фотографиите и видеата што се шират на социјалните медиуми може да се види што направило страшното невреме.
Реки течат по улиците на градот. Уништена е и дел од улицата „Вера Јоциќ“. Поплавени автомобили.
Возилата на дел од улиците во Делчево не може да движат и таму сообраќајот е во застој.
Врнежите од град кои биле со големина на лешник предизвикале штети на дел од раноградинарските култури и на дел од овошните насади.
Од Општина Делчево апелираа до граѓаните да пријават евентуални штети.
Македонија
(Видео) ЦУК: Големо невреме во Делчево – врнежи од дожд и град, поплавени десетина објекти

Големо невреме проследено со врнежи од дожд и град попладнево го зафати Делчево.
Според информациите од ЦУК, во невремето има поплавени објекти. Во моментот на информирањето, екипите од Територијалната противпожарна единица ТППЕ Делчево во секој момент очекуваат да престане дождот за да излезат на терен и да интервенираат.
„Моментално интервенираат ТППЕ Делчево со 2 ПП возила и 5 пожарникари, додека Јавно комунално претпријатие во секој момент се очекуваа да излезат на терен и да интервенираат.
До со сега во Делчево се поплавени 10 објекти, но бројот на поплавени објекти, според информациите од терен, се очекуваа да расте“ велат од ЦУК.
Некои од граѓаните споделуваат видеа од невремето.