Македонија
Скопје ќе биде 15 часа без вода, санацијата на главниот градски водовод ќе почне во раните утрински часови

Утре, во раните утрински часови, ќе почнат активностите за санација и модернизација на главниот градски водовод, која се очекува да трае во следните 15 часа.
Од „Водовод“ информираа дека главна цел на овој оперативен план е подобрување на водоснабдувањето и притисокот во општините Ѓорче Петров и Карпош, со репарација на 6 сегменти, каде што во изминати децении се нотирани огромни загуби на вода.
Со затворање на главниот градски цевковод Ф 1600 мм, поради санација на 5 затворачи по должина на оваа линија, на потегот од кружниот тек во Ѓорче Петров до раскрсницата на булеварот Партизански одреди со улицата Никола Парапунов, ќе се изврши:
– замена на нефункционален затворач Ф 400 мм на кружниот тек во Ѓорче Петров;
– репарација на затворач Ф 600 мм на мостот „Обединети нации“, кој тече;
– заптивање на затворач Ф 700 мм на булеварот Партизански одреди, кој протекува, и замена на затвароч Ф 150, кој се наоѓа во истата шахта;
– санација на затворач Ф 700 мм и Ф 500 мм на улицата Никола Парапунов;
– замена на 4 водушни вентили.
Во согласност со оперативниот план за санација на затворачите на градската водоводна линија Ф 1600 мм, секторот „Водовод“ презеде многубројни оперативни активности за подготовка на луѓе, механизација, алат и пумпи.
Во процесот на активностите секторот „Водовод“ првично ќе направи проверка за исправноста на воздушните вентили, испусти и хидранти поставени по должината на цевководот Ф 1600 мм. По утврдувањето на состојбата и констатирање на нивната исправност, секторот „Водовод“ со екипи составени од 6 пункта, носители на работата, со обезбедена испомош на конкретни работници од други пунктови, ќе обезбеди сигурно празнење и полнење на системот.
Се апелира до сите јавни фактори да внимаваат во изнесувањето информации и да не предизвикуваат страв и паника кај граѓаните за неколкучасовното немање вода. Овој сериозен зафат, како што се додава, се презема за да се превенираат состојби на дефекти, како што се тие во Тетово, Битола, Штип и Неготино, каде што со денови и недели немаше вода поради несанирани дефекти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Беќаровски за пациентите на Токсикологија: Млади страдалници раскажуваат како мирисот на изгорено човечко месо им ги парал ноздрите, а нам солзи ни навираат

Докторот Нико Беќаровски на неговиот „Фејсбук“ посочи дека на Универзитетската клиника за токсикологија хоспитализирани се дваесетина млади лица повредени од пожарот во дискотеката во Кочани кои раскажуваат низ солзи како преку нив газеле други деца, бегајќи од пламените.
„На Универзитетската клиника за токсикологија хоспитализирани се дваесетина млади страдалници од хоророт кој го доживеаа во таканаречениот кабаре бар. Од една страна среќни што сепак извлекле жива глава, задоволни што поминале со некоја полесна изгореница, сѐ уште со гареж во нивните гради“, но секој од нив има своја траорна приказна за ужасот кој го доживеале тие 10-30 минути“, посочи докторот Нико Беќаровски и додаде:
„Раскажуваат низ солзи, како преку нив газеле други деца бегајќи од пламените, како изнесувале на своите раце изгорени и јагленисени свои другари, како мирисот на изгорено човечко месо им ги парал ноздрите, како топлината им го горела ждрелото, како чучнати во вецето го чекале судниот момент и уште многу други лични трауми кои ги погодија овие прекрасни млади личности. Тие раскажуваат, нас солзите нѝ навираат“.
Истакна дека ова се дваесетина индивидуални драми, но секој од тие петстотини невини фиданки, има своја приказна своја лична траума.
„Драми кои не може да ги креира ниту Холивуд. Физичките трауми ќе зараснат или ќе остават трајни физички дефекти, но душевните трауми уште долго или доживотно ќе бидат нивен следбеник. Ноќните кошмари уште долги години ќе бидат нивен несакан ноќен придружник. ЗОШТО ??? За туѓи бели дворови, копај си црни гробови”, завршува Беќаровски.
Директорот на Клиниката за токсикологија, Андон Чибишев, утрово извести дека првично кај нив биле хоспитализирани 18 повредени во пожарот во Кочани. Поради влошување на состојбата, четворица се префрлени во Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ). Директорот Чибишев не е до крај задоволен од состојбата на четворица пациенти кои се уште се на Токсикологија, оти не е целосно стабилизирана, а останатите рече дека се стабилни.
Македонија
Митева: Ќе се обезбедат 30 милиони денари за транспорт и сместување во странство на семејствата на повредените

На територија на државата извршени се околу 50 контроли во текот на 16 и 17.03. 2025 година во угостителски објекти коишто имаат лиценца за работа која се однесува на кабаре, ноќен клуб, диско-клуб и диско-клуб на отворен простор. Согласно овие контроли на увид се приложени лиценци за вршење на угостителска дејност коишто се со важност и тие се 22 на број на цела територија на државата, но има и 15 лиценци коишто се со истечена важност. Државниот пазарен инспекторат е на терен и се проверуваат сите 22 објекти коишто имаат важечка лиценца дали ги исполнуваат минимум технички услови коишто се потребни за да ја добијат таа лиценца. Заедно со останати надлежни институции за тоа ќе излеземе со дополнителни информации откако ќе заврши целиот надзор којшто тие го прават, рече владината портпаролка Марија Митева на прес-конференција
„За сите други објекти, коишто се со истечена важност на лиценцата или немаат воопшто лиценца, Државниот пазарен инспекторат донесе забрана за вршење на нивната дејност сè додека не се утврдат сите потребни документи, додека не се провери дали воопшто поседуваат услови, минимално технички услови за вршење на дејност за истите да можат да обезбедат дополнителна лиценца. Во Министерството за економија, пак сакам да информирам дека се прави и проверка на лиценците дали повторно има некој случај со злоупотреба на архивското работење, односно за некоја лиценца да е заведена по друга основа. Сакам да ја информирам јавноста за она што го најавивме вчера, дека ќе се донесе и официјализира одлуката во однос на помошта на семејствата за транспорт и сместување. Денеска Владата ја официјализираше таа одлука и го задолжи Министерството за финансии да обезбеди средства во висина од 30 милиони денари коишто треба да ги пренесе на Службата за општи и заеднички работи“, додаде Митева.
Посочи дека се обезбедени 58 лица, односно за истите се обезбедени транспорт и сместување.
„И дека оваа одлука ќе се однесува и на оние лица коишто заминале и пред донесување на оваа одлука, ќе може ретроактивно да им се изврши дополнителна исплата. Ова се актуелните случувања коишто на денешната седница на Владата, беа соопштени како информации и ова се заклучоците коишто беа донесени. Остануваме посветени, ќе ја информираме јавноста транспарентно за сите преземени чекори“, заврши Митева.
Македонија
Никогаш не размислувавме дали ќе помогнеме или не, туку како побрзо да се организира евакуацијата на повредените, рече бугарскиот министер за здравство

Направивме навистина една навремена евакуација на настраданите, би рекол повеќето деца, и тие беа сместени во бугарски медицински установи пред да почне евакуацијата на другите повредени, изјави министерот за здравство на Бугарија, Силви Кирилов.
– Никогаш не размислувавме дали ќе помогнеме или не. Првата и единствена реакција и мисла беше како и како што побрзо да се организира евакуацијата и да се создадат идеални услови за транспорт на вакви исклучително тешки пациенти, бидејќи тие се на механичка вентилација и секогаш може да се очекува некаков колапс, појасни Кирилов.
Тој денеска заедно со македонскиот министер за здравство Арбен Таравари и министрите за надворешни работи на земјите Георг Георгиев и Тимчо Муцунски, ја посетија Универзитетската мултипрофилна болница за активно лекување и ургентна медицина (УМБАЛСМ) „Н.И. Пирогов“, пренесе БТА.