Македонија
„Службен весник“ ја објави промената на Уставот
В сабота, 12 јануари, ден по изгласувањето на одлуката за прогласување на амандманите 33, 34, 35 и 36 на Уставот на Република Македонија, шестиот број на „Службен весник“ за годинава ја објави промената на Уставот. Одлуката ја потпишал претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Во Уставот, зборовите „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во членот 36 од Уставот.
Во преамбулата на Уставот се бришат зборовите: „кaко и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се“, „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со зборовите „правните одлуки кои се наведени во прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ“, по зборот „година“ се додаваат зборовите „на кои се изрази волјата за создавање самостојна суверена држава и Охридскиот рамковен договор“, а се бришат зборовите „одлучија да“.
Со амандманот 34 се потврдува дека Републиката ги почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави. Со амандманот 35 Републиката ги штити, гарантира и негува особеностите, историското и културното наследство на македонскиот народ и правата и интересите на своите државјани што живеат или престојуваат во странство.
Во амандманот 36 пишува дека Републиката се грижи за дијаспората на македонскиот народ и за дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите и ги негува и унапредува врските со татковината.
Објавена е и одлуката за прогласување на Уставниот закон за спроведување на амандманите.
Државјанството е македонско/граѓанин на Република Северна Македонија. Во личните документи и патни исправи на граѓаните државјанството се пишува на македонски јазик и неговото кирилско писмо, а на граѓаните што зборуваат службен јазик поинаков од македонскиот и неговото кирилско писмо, се пишува на македонски јазик и неговото писмо и на јазикот и неговото писмо на тој јазик во сите закони.
Постојните официјални документи и материјали на јавната администрација за меѓународна употреба и документите за внатрешна употреба што може да се користат надвор од државата треба да се усогласат најдоцна во рок од пет години.
Усогласувањето на документите и материјалите наменети исклучиво за внатрешна употреба ќе почне со отворањето на секое поглавје од релевантното поле во преговорите со Европската Унија, а ќе заврши најдоцна во рок од пет години од отворањето на поглавјето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На 12,78 отсто се искачи одѕивот до 11 часот, најголем во Демир Капија 23,99 отсто
До 11 часот на гласање излегле 229.473 граѓани и одѕивот од 3,85, колку што беше до девет часот, се искачи на 12,78 отсто.
Најголем е одѕивот во Демир Капија, 23,99 отсто, каде што од вкупно 3.208 граѓани до 11 часот гласале 769.
На седмите претседателски избори во земјава право на глас имаат 1.814.317 граѓани на 3480 избирачки места.
Македонија
Даштевски: Во првите два и пол часа пријавени се само технички проблеми, кабел или батерија, ги решаваме во од
Ситни техники проблеми околу биометриските уреди се пријавени во првите два и пол часа од гласањето. Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски извести дека гласањето се одвива мирно и без неправилности, а техничките проблеми вели дека тековно ги решаваат.
„Пријавени се само технички проблеми, батерија или кабел на биометриските уреди кои ги решаваме во од. Сите гласачки места се отворени и засега нема прекин никаде“, рече претседателот Даштевски.
Одѕивот во првите два и пол часа е 3,85 отсто, но пристигнале податоци од само 832 избирачки места. На овие избори право на глас имаат 1. 814.317 граѓани на 3480 избирачки места.
Македонија
3,85 отсто е одѕивот за гласање во првите два и пол часа, 12 приговори пристигнале во ДИК
Одѕивот на граѓаните во првите два и пол часа од гласањето за избор на претседател на државата на седмите претседателски избори е 3,85 отсто. Гласањето е почнато навреме, се одвива мирно и без пријавени неправилности. Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски утрово рече дека одѕивот е мал, но мал е и бројот на избирачки места од кои се пристигнати податоци.
„До девет часот пристигнати се податоци за одѕив на гласачите од 832 избирачки места. Од вкупно запишани 42.748 гласачи на овие избирачки места, гласале 15.487 или 3,8 отсто од гласачите. До овој момент во ДИК се доставени вкупно 12 приговори за заштита на личното избирачко право кои се предмет на обработка“, рече Даштевски.
На бесплатниот телефонски број 0800 555 44 граѓаните можат да постават прашање или да пријават неправилности до Државната изборна комисија.
Активна е и видеокол линијата 076 488 360 преку која граѓаните со оштетен слух и говор ќе можат преку видео повик да постават прашање до Државната изборна комисија и да добијат одговор на знаковен јазик. На сите граѓани на располагање им се интернет страницата на ДИК www.sec.mk како и страниците на социјалните мрежи „Фејсбук“ и „Твитер“ и каналот на јутјуб.
На страната rezultati.sec.mk може да се следи во живо излезноста на гласачите, вкупна и по општини.
На овие избори право на глас имаат 1. 814.317 граѓани на 3480 избирачки места. Податоци од повеќе избирачки места претседателот Даштевски најави за следната прес – конференција.