Македонија
Случајот со „пајакот“ и полицајката во фиока – ОЈО сè уште ги анализира доказите против Асани

Основното јавното обвинителство, и по шест месеци од инцидентот, сè уште ги анализира доказите за случајот со нападнатата полицајка Јасмина Јаначковска. Полицајката беше повредена при извршување службена должност додека со пајак-возилото и вработени од „Градски паркинг“ му го кренале непрописно паркираниот автомобил на високиот функционер во ДУИ, Бекир Асани. ОЈО не кажува колку и какви докази се обезбедени, но и дали ќе поведат обвинение против Асани.
„ОЈО ги анализира прибраните докази во насока на утврдување евентуална кривична одговорнсот“, беше кусиот одговор на ОЈО.
Обвинителството не ги даде снимките од безбедносните камери на кои точно се гледа дали полицајката била нападната физички или вербално иако во нив нема класифициран материјал. Останува нејасно зошто, ако полицајката не била нападната и сторителот има само прекршочна пријава, ОЈО отвори истрага, а снимките не се објавуваат во јавност, односно се чуваат во тајност.
Кога во јавноста одекна веста дека партискиот функционер на ДУИ, Бекир Асани, ја удрил полицајката Јасмина Јаначковска, МВР излезе со соопштение во кое тврдеше дека тој ѝ се развикал, но не ја тепал. Полицајката беше на сослушување кај министерот Оливер Спасовски, каде што кажа дека повредата настанала бидејќи се удрила во вратата од пајак-возилото. Нападнатата полицајка Јаначковска за „Макфакс“ пред седум месеци, по средбата со Спасовски, објаснуваше дека непотребно се кренала врева за целиот случај со нападот од функционерот на ДУИ, Бекир Асани.
„Вонредна прес-конференција на ‘Градски паркинг’, пајакот ќе се извинува во живо; Не ме удри никој, ме касна пајак; Лицето Бекир А. толку вербално ја нападнал што таа изгубила рамнотежа, при што настанало судир на полициската службеничка со возило од пајак-службата; Условно за цајканката и решена работа. Судија?; – Мамо, кога ќе пораснам, сакам да бидам полицајка. Никако ќерко, сакаш ли пајак да те тепа?; Агресивна полицајка нападна пајак, а тој го возврати ударот; Вистински пајак не удира полицајка“, беа само дел од коментарите што кружеа на социјалните мрежи.
МВР го гонеше Асани бидејќи го нарушил јавниот ред и мир, дело за кое максималната казна изнесува 800 евра. Функционерот на ДУИ, Асани, ѝ е добро познат на полицијата бидејќи неколкупати го евидентирала како учесник во насилство. Пред повеќе од две години тој и тројца партиски лица го нападнаа претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров. Овој предмет не стаса на суд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ИК на ВМРО-ДПМНЕ: Мицкоски да предложи нови кадровски решенија, одењето на Таравари значи паѓање на уште една маска

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ одржа седница на која се дискутираше за актуелната економска и политичка состојба во државата
Во рамки на седницата, Извршниот комитет го овласти претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да предложи нови кадровски решенија на позициите што досега ѝ припаѓаа на Алијансата за Албанците, по одлуката на Арбен Таравари да ја напушти владината коалиција.
Овој чекор на Таравари беше оценето дека претставува уште еден доказ дека групата на заштитници на криминалот и корупцијата добива нови редови. „Уште една маска падна, уште една илузија беше разоткриена“, пишува во соопштението.
„На политичката сцена се појави нов, добро координиран марионетски квартет: СДС, Алијанса, ДУИ и Левица – различни имиња, но ист газда. Различни маски, но ист сценарист. ДУИ со години инвестираше во создавање на лажни политички конкуренти кои всушност се негови продолжени раце. Така ги добивме СДС и Алијансата на Таравари – партии со речиси идентичен рејтинг, подготвени да бидат потрошени во функција на обидот за враќање на ДУИ на власт. И како што е случај со секоја потрошна роба, така и овие ќе бидат фрлени на политички отпад кога ќе ја завршат својата задача“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, жално е што токму ваквите политички привезоци најдобро се снаоѓаат во улога на сервилни помошници – без став, без визија, без достоинство.
„Но, да биде јасно: државата не оди во провалија. Од провалијата ја вадиме. А тоа што ги боли е фактот што веќе нема амнестии, нема рекети, нема наместени тендери. Боли што правдата конечно тропа на нивната врата. На крајот, нека викаат колку сакаат. СДС, ДУИ и нивните политички вазали веќе се осудени – од граѓаните на изборите. А вистинскиот суд – оној на правдата – допрва доаѓа“, се наведува во соопштението.
Македонија
Викендов дожд со температури под просекот за овој период од годината

Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 16 до 24 степени, информира УХРМ.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност и со слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 24 степени.
Во четврток кон крајот на денот, во текот на ноќта и во петок под влијание на влажен бран ќе има врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. Во деновите од викендот ќе се задржи променливо облачно време со повремен локален дожд. Температурите ќе бидат под просекот за овој период од годината.
Македонија
Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола ќе добие Факултет за медицина

Владата ја разгледа и усвои информацијата за потреба за основање на Факултет за медицински науки и здравство при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.
„Формирањето на Факултетот за медицински науки и здравство како единица во состав на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола претставува стратешка неопходност за унапредување на здравственото образование особено во Пелагонискиот и Југозападниот регион на Република Северна Македонија“, велат од Владата.
Новоформираниот факултет ќе има задача да биде правен наследник на Високата медицинска школа, каде освен тригодишни студии ќе може да се акредитираат четиригодишни студиски програми по медицински сестри и акушерки.
Од Владата велат дека имајќи го предвид фактот дека е потребно време да се испочитуваат мислењата од сите надлежни институции, како на пример да се разгледа проектот за основање на Факултетот за медицински науки и здравство како единица во состав на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола од страна на Одборот за акредитација на високото образование, да се донесе закон за основање, и да се испочитува членот 149 од Законот, каде е наведено дека запишувањето на студии се врши врз основа на јавен конкурс кој го објавува универзитетот, односно самостојната висока стручна школа кој ги реализира студиите најмалку пет месеци пред започнувањето на наставата, Министерството за образование и наука предложи Факултетот за медицински науки и здравство да отпочне со работа од студиската 2026/2027 година, а во меѓувреме да се завршат сите постапки согласно Законот за високо образование.