Македонија
Советниците на ВМРО-ДПМНЕ со иницијатива до советите за документ дека ќе нема мигрантски кампови
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговори на новинарско прашање во однос на се позачестените иницијативи по советите во општините во земјата и кампањата на Венко Филипче за мигранти каде што потенцира дека мигрантски кампови нема да има, а дополнително и советниците на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат иницијативи до советите во општините, да гласаат документ дека мигрантски кампови на териториите на општините нема да има.
„Не можам да се изначудам се уште кој ги насанка на оваа тема, бидејќи оваа тема тотално не оди во нивна полза, бидејќи самите тие се тие кои што на владина седница гласале за да се градат такви приватни мигрантски кампови и за што имало протести во минатото, вклучително и ние. Јас тоа го кажав во една моја изјава, дека во темелните вредности на ВМРО-ДПМНЕ, е антиемигрантската политика, за што бевме обвинувани дека сме ксенофобична партија. Сега, сосема спротивни обвинувања од страна на СДСМ, а вистината е јасна. Апсолутно таква работа ниту ќе се случи ниту има некој план, или размислувал дека такво нешто се случило. Впрочем такви беа изјавите од единствениот официјален извор, од Британската амбасада во земјава“ кажа Мицкоски.
Мицкоски истакна дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ во текот на следната недела ќе достават до советите да се гласа таков документ дека мигрантски кампови на териториите на тие општини нема да има.
„Инаку, советниците на ВМРО-ДПМНЕ во текот на следната недела ќе достават до советите да се гласа еден таков документ, со којшто ќе се јасно стави до знаење дека таа е политиката, односно антиемигрантската политика, политика која што се бори против нелегалната миграција и генерално таков тип на процеси. Нема на територијата на тие општини да се создадат такви мигрантски кампови и ќе побара од надлежните институции согласно Кривичиниот законик, да поведат процеси против сите оние кои што сеат страв паника. И покрај јавно изнесените деманти од страна на Владата, тие се кривично одговорни за тоа што го прават, бидејќи јас разбирам да вие имате во вашата партија проблеми, не можете да мобилизирате извршен одбор, никој не ви се нафаќа да формирате структура, општински организации како и да ги викаат и тоа е во ред“ истакна Мицкоски.
Мицкоски истакна дека и покрај сите деманти од Владата и министерствата, СДС и понатаму свесно шири страв и паника кај населението а за тоа во Кривичниот законик се предвидени одредени санкции.
„И разбирам еве таа тема да ја покренете еднаш два пати, но кога веќе официјално стигнува демант од претседателот на Владата, од соодветните министерства внатрешни и надворешни, мислам дека од тој момент па натаму вие го поминувате рубиконот и вие свесно и покрај демантите ширите паника и страв и за тоа во Кривичниот законик се предвидени одредени санкции“ нагласи Мицкоски.
Мицкоски ги повика соодветните органи да поведат процеси против тие лица.
„Јас ги повикувам соодветните органи да излезат од тие октруирани стеги на претходната влада на СДСМ и ДУИ и против овие лица да покренат, би рекол, процес. Затоа што, многумина од граѓаните се загрижени со право, ми се јавуваат и ме прашуваат и покрај тоа што веќе една недела цело време зборуваме со деманти и кажуваме дека такво нешто неа да се случи. Еве ќе поминат месец, два, три, ќе дојде пролет“ рече Мицкоски.
Мицкоски потенцира дека мигранти нема да има и нагласи дека трајно ќе ја напушти политиката доколку некој од СДС пронајде барем еден мигрант.
„Мигранти нема никој да види. Впрочем јас реков еве трајно ја напуштам политиката, ако раководството на СДСМ, тоа бар што остана таму од СДСМ пронајде и еден мигрант, којшто е дел од договорот со Обединетото Кралство или било кој друг договор, јас реков дека заминувам трајно од политиката. Еве нема подобар начин, бидејќи се уплашени континуирано од мене, сега мене ми ги бројат овие последни четири години како претседател на ВМРО-ДПМНЕ и сега тие од СДСМ, практично во овој случај, имаат начин еве како да се спасат од мене и порано. Еве нека најдат еден таков мигрант, којшто е резултат на договорот со Обединетото Кралство или со некој друг договор, па да видиме. Ако не јас реков еве не барам да заминат од политиката, тие нека си одлучат, не им се мешам тоа е нивна внатрешна работа. Велам, да се извинат. Ќе дојде и февруари и март, нели го кажаа, нема да има избори, нема да има мигранти и свесно некој ширел паника меѓу граѓаните. Јас разбирам слобода на говор, ама кога веќе 5 пати некој демантира дека тоа ќе се случи, тогаш треба да се застане со таа работа“ истакна Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски на министерски состанок во Истанбул: За справување со закани потребна е засилена координација и размена на информации во регионот
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на Вториот министерски состанок на Балканската платформа за мир, кој се одржа во Истанбул, на иницијатива на министерот за надворешни работи на Република Турција, Хакан Фидан. На состанокот учествуваа министрите за надворешни работи од земјите на Западен Балкан.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја истакна важноста на реалистичен и резултатски ориентиран пристап кон регионалната соработка, нагласувајќи дека стабилноста не е стекната, туку се гради преку јасни интереси, практична соработка и конкретни резултати што граѓаните ги чувствуваат во секојдневниот живот. Тој потенцираше дека во услови на зголемена глобална фрагментација, конкурентност и безбедносни предизвици, земјите од Западен Балкан треба да ја претворат својата географија во предност, а политиката во мерливи исходи.
Министерот Муцунски ја нагласи значајната улога на Република Турција како сосед, сојузник во НАТО, важен економски партнер и стратешки мост, оценувајќи дека Балканската платформа за мир претставува корисен механизам за претворање на дијалогот во конкретни активности. Во тој контекст, тој предложи јасна и остварлива агенда за продлабочување на соработката меѓу Турција и земјите од Западен Балкан, со фокус на економската и инвестициската поврзаност, енергетската безбедност, подобрувањето на транспортната и трговската инфраструктура, како и задржувањето на младите и квалификуваната работна сила во регионот.
Посебен акцент беше ставен на зајакнувањето на регионалната безбедносна соработка, вклучително и справувањето со современите закани како организираниот криминал, сајбер-нападите, дезинформациите и насилниот екстремизам, при што беше нагласена потребата од засилена координација, заеднички обуки и размена на информации.
Министерот Муцунски истакна дека Република Северна Македонија е подготвена активно да придонесе кон оваа агенда, преку инвестирање во енергетска диверзификација, унапредување на регионалната поврзаност, јакнење на безбедносните партнерства и континуирана посветеност на дијалогот и добрососедските односи. Во завршницата на обраќањето, тој нагласи дека кредибилитетот на Платформата треба да се мери преку конкретни резултати, јасно дефинирани активности, носители и рокови, оценувајќи дека во актуелната деценија довербата нема да се гради врз основа на намери, туку врз основа на испорачани резултати.
Македонија
(Видео) Тренчевска: ВМРО-ЗНАМ ги одби сите амандмани на кривичниот законик, меѓу кои и членот за злоупотреба на службената положба
На денешната комисиска расправа, владејачката коалиција ВМРО-ЗНАМ ги одби сите амандмани на СДСМ за измените на Кривичниот законик, соопшти потпретседателката на СДСМ и пратеничка, Јованка Тренчевска.
Според неа, меѓу одбиените предлози било и враќањето на членот 353 – злоупотреба на службена положба и овластување – на формулацијата што важеше пред измените во 2023 година. „Без силен член 353, тендерската коалиција слободно ги дели државните пари на свои фирми, без одговорност“, рече Тренчевска.
СДСМ предложиле и бришење на рокот од пет години за конфискација на имот стекнат преку криминал, но и тоа било одбиено.
„Зошто имотот украден од граѓаните да не може да се конфискува без разлика кога е стекнат? Правда со рок на траење не е правда“, порача Тренчевска.
Дополнително, биле одбиени и амандмани за воведување строги правила за функционирањето на системот „Безбеден град“, односно автоматско бришење на дигитални снимки по 48 часа и пристап само со судски налог. Како што рече Тренчевска, со тоа останува простор за злоупотреби и притисоци од страна на МВР.
Одбиени биле и предлози за драстично зголемување на казните за организиран криминал, проширување на условите за конфискација на имот, како и засилена правна заштита на децата од најтешките форми на експлоатација.
„Ова е уште една потврда за грабежот на државни пари преку криминални тендери. Правда нема, има обид за спас од одговорност. Но одговорност ќе има – кога-тогаш“, изјави Тренчевска.
ВМРО-ДПМНЕ претходно денес реагираше на најавените амандмани на СДСМ за измена на Кривичниот законик, обвинувајќи ја опозициската партија за лицемерие и политичко глумење.
„Монти Пајтон на СДС. Кривичниот законик што го укинаа во 2023 година и со којшто се амнестираа нивни функционери, сега поднесуваат амандмани да го вратат“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата обвинуваат дека СДСМ ја поминала границата на, како што велат, лицемерие и играње со чувството на народот, глумејќи дека не била власт до пред една и пол година.
На 6 септември 2023 преку ноќ, за време на Владата на СДСМ, беа донесени измените на Кривичниот законик во ставот 3 од членот 353 за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувања, каде беше предвидена затворска казна од најмалку три години, ако сторителот прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета. Со измената, казната беше намалена на една до пет години затвор. Предметите за злоупотреба на функцијата сега застаруваат за само 10 години, бидејќи максималната казна за ова дело сега е само 5 години затвор.
Македонија
Тестирана подготвеноста на противпожарните авиони во Македонија
Денеска се извршија првите тренажни летови со противпожарните авиони „Ер Трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување.
Пилотите вежбале маневри и процедури за брзо реагирање при пожари на отворен простор, при што била потврдена нивната ефикасност и подготвеност, како и техничката исправност на трите авиони, соопшти директорот на Дирекцијата, Стојанче Ангелов.

