Македонија
СОНК ги доведува во заблуда штрајкувачите, велат од Министерството за труд и социјална политика

Министерството за труд и социјална политика, во врска со денешната прес-конференција на СОНК, ја информира јавноста дека одлуката за организирање генерален штрајк од страна на СОНК е донесена заради усогласување на Колективниот договор за јавните установи за деца во дејноста згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст и во дејноста одмор и рекреација на деца, со порастот на минималната плата, а во согласност со член 8 од Законот за минималната плата.
„Во член 8 од Законот за минималната плата е уредено дека колективните договори се усогласуваат во рок од шест месеци. Тоа што одлуката за организирање штрајк е донесена пред истекот на рокот, значи дека не станува збор за прекршување на работнички права, туку за барање за унапредување права од работен однос.
Колективниот договор за јавните установи за деца во дејноста згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст и во дејноста одмор и рекреација на деца, во член 72 уредува дека правото на штрајк работниците го остваруваат во согласност со законот. Во став 2 од истиот член се вели дека за време на штрајк работодавецот е должен да ум уплатува придонеси и даноци од плата, утврдени со посебните прописи, на минималната основица за плаќање на придонесите. Ова е регулирано и во член 240 од Законот за работните односи, а членот 241 дава можност организаторот на штрајкот од свои средства да им обезбеди надоместок на нето-плата за време на штрајк на работниците што учествувале во штрајкот.
Од ова на денешната прес-конференција на СОНК произлегува дека со цитирање членови од Колективниот договор, кои не содејствуваат со реалната состојба и кои се однесуваат на услови на штрајк кога се прекршени работнички права и кои не се однесуваат на детската заштита (градинките), СОНК ги става во заблуда штрајкувачите во градинките и образованието.
Од тие причини тоа не претставува ниту уцена ниту закана, туку едноставно почитување на законите во државата.
Со одлуката за продолжување на штрајкот СОНК повторно ги става личните интереси пред интересите на децата и учениците. Затворените градинки и училишта не носат ништо добро за учениците и децата, ниту за родителите, кои не може да ги згрижат своите деца во градинките.
Го повикуваме СОНК уште еднаш да си ја преиспита одлуката и да го почитува правото на децата за пристап до образование, како и непречено одвивање на дејноста згрижување и воспитување на децата.
Владата, Министерството за труд и социјална политика и Министерството за образование и наука покажаа отвореност и подготвеност за решавање на ова прашање преку конкретни предлози, кои истовремено значат трајно и системско решавање на усогласувањето на платите во образованието и предучилишното воспитание и процент на зголемување на платите со ребалансот на буџетот земајќи ја превид светската економска и енергетска криза за разлика од СОНК, кој не остави простор за дијалог, напротив, покажа дека нема слух за состојбата со кризата, која е на глобално ниво, а од која не сме поштедени ниту ние како држава“, велат од МТСП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Муцунски: Владата води попустлива политика во преговорите со Бугарија

Имајќи предвид дека владата води попустлива политика во делот на надворешната политика, граѓаните се загрижени кој и што преговара со Бугарија, изјави Тимчо Муцунски потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на општина Аеродром при посетата во Битола, одговарајќи на новинарско прашање за преговарачката рамка за Македонија при што истакна дека никако не смее да се дозволи бугарските барања да влезат во рамката.
„Во делот на надворешната политика би кажал дека Бугарија има такви ставови какви што има кои се неевропски и кои не содејствуваат со демократските вредности на 21 век и тоа никако не би смееле да дозволиме ние како држава која има свое влијание како би изгледала преговарачката рамка доколку се дојде до нејзе такви ставови и гледишта да има во неа“, рече Муцунски.
Тој посочи дека истовремено тоа што секој граѓанин на Република Македонија го загрижува е фактот што имаме влада која, како што кажа, е позната по попустливост во надворешната политика и влада која не знае да ги заштити македонските национални интереси.
„Затоа верувам дека граѓаните, но и ние како политички субјект сме навистина загрижени кој ги води преговорите во овој момент. И економијата и надворешната политика се само дел од аргументите и дополнителна теза од потребата за брзи предвремени парламентарни избори. ВМРО—ДПМНЕ како политичка партија е подготвена да се откаже од т.н. Пржинска влада дајте час поскоро да има парламентарни избори“, изјави Муцунски.
Македонија
Ковачевски – Фасино: Почетокот на преговорите со Северна Македонија е неопходен одговор за безбедноста на Европа

Премиерот Димитар Ковачевски пред почетокот на официјалната и работна посета на Италија и Ватикан денеска се сретна со претседателот на Комисијата за надворешни работи на Домот на пратениците на италијанскиот парламент, Пјеро Фасино.
Како што информираат од владината прес-служба, Ковачевски на средбата се заблагодарил за силната поддршка за европските перспективи на нашата земја која, како што рекол, била и формално изразена со резолуцијата на Парламентот Италија, во која италијанските народни претставници побарале ЕУ да го продолжи проширувањето со итно започнување на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија, како приоритетно прашање со кое ќе биде потврдена европската перспектива на Западен Балкан.
Ковачевски и Фасино воедно изразиле согласност дека прашањето на почеток на преговорите на Брисел со Северна Македонија е неопходен одговор на потребата за безбедност на Европа.
Македонија
Ковачевски ќе ja предводи владината делегација во Ватикан и Рим, најавена е и средба со Петков

Премиерот Димитар Ковачевски придружуван од ќерката Тамара Ковачевска на 23 и 24 мај ќе предводи делегација на Република Северна Македонија во Италија и Ватикан во официјална и работна посета во рамките на одбележувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј.
Како што информираат од владината прес-служба, премиерот Ковачевски програмата на посетата на Светата Столица ќе ја започне на 23 мај со тет-а-тет средба со неговата светост папата Франциско.
„Програмата во Ватикан потоа продолжува со аудиенцијата кај папата Франциско на која заедно со премиерот Ковачевски ќе присуствуваат и ќерката Тамара Ковачевска, како и членовите на делегацијата Бујар Османи, министер за надворешни работи, Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, Бисера Костадиновска Стојчевска, министерка за култура, Мартин Попов, шеф на Кабинет на премиерот, Ана Андреева, секретар за комуникации, односи со јавност и протокол на премиерот, Даријан Сотировски, директор на комисијата за односи со верски заедници, Никола Јанкуловски, ректор на УКИМ, Пимен Илиевски, митрополит на МПЦ-ОА, Јосиф Тодоровски, митрополит на МПЦ-ОА и Зоран Стојанов, декан на струмичка епархија на Католичката црква“, се наведува во соопштението.
Премиерот потоа, заедно со министерот за надворешни работи Бујар Османи, ќе имаат средба со државниот секретар на Светата Столица, Пјетро Паролин и со секретарот за односи со државите, Пол Ричард Галагер.
„Програмата во чест на Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, на 23 мај, делегацијата на Република Северна Македонија ќе ја заокружи со полагање венец на спомен-плочата на македонски јазик во папската базилика Санта Марија Маџоре и со пригодна културно-уметничка програма во која ќе учествуваат и наши истакнати уметници што живеат и работат во Италија“, се додава во соопштението.
Од владината прес-служба додаваат дека како дел од работната посета, на 23 мај Ковачевски ќе се сретне и со премиерот на Бугарија, Кирил Петков.
На 24 мај официјалниот дел од програмата започнува со оддавање почит пред гробот на Свети Кирил во базиликата Сан Клементе, каде што митрополитите Пимен и Јосиф ќе одржат молебен во чест на Св. Кирил на кој ќе присуствува целата делегација на Република Северна Македонија, предводена од премиерот.
Работниот дел од посетата на Италија во текот на 24 мај ја вклучува и средбата на Ковачевски со претседателот на Советот на министри на Италија, Марио Драги.