Македонија
Сончево време со температури до 34 степени
Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец, а попладне ќе има услови за изолирана појава на краткотраен дожд со грмежи. Утринската температура ќе биде во интервал од 10 до 18 Целзиусови степени, а дневната ќе достигне од 24 до 34 степени.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Утринската температура ќе се спушти до 15, а а дневната ќе достигне до 31 степен.
Во текот на наредната седмица, особено од вторник повторно на повеќе места ќе биде нестабилно со честа појава на пороен дожд и грмежи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Ѓорѓиевски: После четири децении, нов асфалт на краците 1, 7, 9 и 11 од улицата ,,Христо Татарчев”
Се реконструираат краците на улицата „Христо Татарчев“ во Кисела Вода.
Според она што го изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, се работи за улици кои не биле реконтруирани четири децении. Реконструкцијата на овој дел од општината опфаќа 3500м2 површина, а обновата на целата патна инфраструктура продолжува и понатаму.
– Она за кое со доаѓањето на градоначалничката функција дадов збор пред мојот народ, а тоа е дека до крајот на мандатот нема да има неасфалтирани улици во Кисела Вода, се остварува според утврдениот план. Се работи за реконструкција улицата „Христо Татарчев“ со вкупна површина од 3500 метри квадратни, односно краците 1, 7, 9 и 11 кои со децении биле заборавени од минатите локални власти.
Реконструкцијата на целата патна инфраструктура во Кисела Вода беше голем предизвик. И денес, со гордост можам да кажам дека направивме повеќе од предвиденото, си поставивме цел и докажавме дека со многу труд, посветеност и желба за работа се стигнува до целта.
Нашата цел е населбите во општината да бидат модерни и да ги нудат сите потребни услови за живеење“, истакна Ѓорѓиевски.
Македонија
Муцунски-Лосон: потпишан меморандум за реализација на втората фаза на проектот за активностите кои произлегуваат од членството во НАТО
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и амбасадорот на Обединетото Кралство, Метју Лосон, денеска потпишаа Меморандум за соработка за реализација на втората фаза на проектот за ефикасна меѓуресорска координација на активностите кои произлегуваат од членството во НАТО.
“Со денешното потпишување на меморандумот ја продолжуваме значајната соработка со Обединетото Кралство, со цел дополнително зајакнување на нашето сојузништво. Исто така, имплементацијата на втората фаза од проектот ќе овозможи дополнително зајакнување на нашите капацитети и ќе придонесе за натамошното утврдување на земјава како кредибилна НАТО членка” истакна министерот Муцунски.
Воедно, министерот нагласи дека ваквиот чекор претставува уште една потврда на заложбите на двете земји за зајакнување на колективната одбрана и гарантирање на целокупната безбедност на НАТО Алијансата.
Лосон посочи дека двете земји се силни НАТО сојузници и партнери, а притоа изрази задоволство од реализацијата на проектот кој ги зајакнува меѓусебните односи.
„Ми претставува задоволство што овој проект дополнително ги зајакнува овие односи. Нашиот претходен ангажман се фокусираше на изградбата на Директорат за НАТО во рамките на Министерството за надворешни работи како и на формирањето на Национален координативен совет за НАТО. Сега ќе работиме заедно на развивањето на силни меѓувладини НАТО структури кои ќе подготвуваат и споделуваат анализи и ќе обезбедуваат поддршка на носителите на одлуки на највисоките позиции за прашања кои се од исклучителна важност за безбедноста на нашите две земји. Со нетрпение очекувам да ја продолжиме работата која што придонесува за пошироката безбедност и стабилност на Северна Македонија и Обединетото Кралство како и на нашите НАТО сојузници”, потенцираше тој по потпишувањето на меморандумот.
Инаку, проектот е предвидено да трае до март 2025 година и преку упатување на резидентен експерт се очекува да придонесе за вешто и високо компетентно учество на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и цивилните експерти во работата на структурите на НАТО. Дополнително, тој треба да ја унапреди целокупната подготвеност на нашите институции за обезбедување ефективен и ефикасен менаџмент на политичките улоги во областа на безбедносната политика и безбедносни прашања.
Македонија
(Видео) Митева: На МЕПСО клучна функција му биле донации на спортски клубови наместо пренос на електрична енергија
Денеска и утре ќе објавиме зошто енергетскиот сектор во Македонија е на дното и како и на кој начин се трошеле државните пари секаде каде што не било неопходно. Пред да започнеме со деталите, да ја потсетиме јавноста само на последниот скандал – 14 милиони евра долг отпиша претходното раководство на МЕПСО, вели Марија Митева, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ.
„14 милиони евра долг беше отпишан затоа што должник е синот на Муса Џафери и други блиски фирми на СДС и ДУИ. А каде завршувале народните пари? На име донации и спонзорства АД МЕПСО согласно план и анализа за 2024 година предвидела вкупно 12.300.000 денари, а потрошила односно донирала и спонзорирала 22.712.500 денари. Донациите и спонзорствата се следни: Фитнес клуб Динамик Скопје добило 200.000,00 денари? Зошто и каква е поврзаноста на надлежноста на МЕПСО со донации и спонзорства на фитнес клуб? Понатаму, 100.000 денари донација на Македонско стоматолошко друштво МСД Скопје. Како, зошто и кој е основот за оваа донација? Кој е општествениот бенефит од оваа донација?“, прашува Митева.
Како што додава, примател на донација или спонзорство е и Шкендија-Арачиново со исплата на 08.03.2024 во износ од 300.000 денари.
„Дали раководството на АД МЕПСО добило карти во ложа за да го проследи натпреварот за цела сезона на овој клуб? Или пак, на КК Башким? Затоа што и за овој клуб се доделени средства во износ од 250.000 денари во месец март оваа година? Ова се делата кои зад себе ги оставија СДС и ДУИ. Трошење без усул, без цел и план, затоа Македонија е на ова дно“, тврди Митева и додава:
„Двете клучни функции на АД МЕПСО се пренос на електрична енергија и управување со електропреносниот систем. Основна дејност на МЕПСО е оптимален и одржлив развој на електропреносниот систем со цел да се задоволат потребите од електрична енергија на корисниците со минимални трошоци и секако со задоволување на еколошките барања во државата. Затоа Македонија немаше стабилен енергетски систем, затоа имавме покачување на сметките на електрична енергија, затоа бевме ограбена држава. Затоа што наместо за граѓаните народните пари се трошеле ненаменски и залудно. Утре продолжуваме со објавување на листата за донации и спонзорства, а за ова одговорност мора да има!“