Македонија
Сончево и топло време со мала до умерена облачност и со слаб ветер
Сончево и топло со мала до умерена облачност и со слаб ветер претежно од јужен правец. Попладне ќе има локална појава на пороен дожд и ретки грмежи.
Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 18, а максималната ќе достигне од 29 до 36 степени.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност и со слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 15, а максималната ќе достигне до 36 степени.
Следува период на променливо облачно време со локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Процесите ќе бидат поинтензивни во петок и сабота, кога наместа ќе има појава на невреме со интензивен пороен дожд, грмежи, засилен ветер и град.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Огромни гужви за излез од Скопје, на патарината „Миладиновци“ колони од два километри
Огромни гужви има попладнево на наплатната станица „Миладиновци“ на излез од Скопје.
„Тука е полошо од грчка граница. Сите свират, се обидуваат да ги престигнат автомобилите. Ужас! “, коментираат за „Макфакс“ патници кои останале заглавени на патарината.
И оние кои поседуваат М-таг картички не можат да се доближат до наплатната рампа, а заглавени се и автобусите на редовните линии кон Куманово, Кратово, Крива Паланка, Штип, Берово, Кочани.
Голем број граѓани го напуштија градот поради претстојниот продолжен празничен викенд.
Македонија
Македонците во Бугарија се обесхрабруваат да се идентификуваат, не постои свест за правата на малцинствата, нотира Советот на Европа
Советодавниот комитет на Советот на Европа во својот најнов извештај посочува дека во Бугарија постои значителен недостаток на свест за малцинските права.
Се нотира дека во земјата не може да се забележи значителен напредок во спроведувањето на препораките за да се обезбеди ефективен пристап до правата на малцинствата.
„Додека Бугарија играше сè поактивна улога во промовирањето на правата на лицата кои им припаѓаат на бугарските малцинства во странство, вакви напори не биле забележани и во рамките на Бугарија. Како и во претходните циклуси, лицата кои се идентификуваат како Македонци ја повторија својата долгогодишна желба да бидат заштитени според Рамковната конвенција, но бидејќи властите не го прифаќаат постоењето на објективни критериуми за нив, овие лица не можат да уживаат пристап до индивидуалните малцински права. Нивните долгорочни обиди да регистрираат здруженија кои ја промовираат македонската заедница не беа успешни. Власите не гледаат објективни критериуми ниту за лицата кои се идентификуваат како Помаци односно етничките Македонци со исламска вероисповед кои во земјата и натаму се нарекуваат бугарски муслимани“, стои во извештајот на Советодавниот комитет.
Во документот се упатуваат препораки до бугарските власти да ги усогласат своите активности со Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства. Притоа се нотира дека се потребни повеќе активности од властите во голем број сфери поврзани со правата на потребни се лица кои припаѓаат на националните малцинства.
Лица кои се самоидентификуваат како Македонци, кои продолжиле да бараат заштита според Рамковната конвенција, пријавиле до Советодавниот комитет дека некои постапки на властите ги сфатиле како активно обесхрабрување да се самоидентификуваат како етнички Македонци. Се додава дека се пријавени и напади за време на јавни настани, како и пречки во организирање протести и различни настани. Соговорниците на Советодавниот комитет напоменаа дека во бугарското општество нема свест за значењето на малцинските права и дека нема разбирање, националните малцинства да бидат составен и ценет дел од Бугарија.
Во извештајот, во неколку точки, се напоменува и дека Европскиот суд за човекови права, во 12 случаи против Бугарија, утврдил, непочитување на правото на слобода на собирање и здружување, поднесени од здруженијата на Македонците, кои пак властите упорно одбиваат да ги регистрираат.
Македонија
Член на Надзорен одбор на банка извршил измама преку злоупотреба на чувствителна информација
Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Единица за финансиски криминал во соработка со Одделот за криминалистичка полиција, поднесе кривична пријава против Ф.Е. од Скопје, поради измама при работењето со хартии од вредност.
Пријавениот во својство на член на Надзорен одбор на банка од Скопје, злоупотребил внатрешна информација која се однесува на висината на дивидендата за 2023 година, која како член на надзорен одбор ја дознал во текот на 2024 година. На тој начин користејќи ja ценовно чувствителната информација истиот се стекнал со 500 обични акции, по просечна цена на чинење на акција од 16.400,00 денари или вкупно за акциите платил 8.200.000,00 денари.
Кривично пријавениот сензитивните информации ги пренел и на трети лица поточно на членови на негово потесно семејство со што истите ја искористиле информацијата на начин што купиле 701 хартија од вредност (акција) на банката, по цена пониска од цената која што ја достигнала хартијата од вредност (акција). Односно за акциите бил платен вкупен износ од 11.520.967,00 денари, а овозможило да се стекнат со вкупна корист од 639.000,00 по основ на ценовната промена на акцијата како и вкупно 646.100,00 денари по основ на дивиденда. Со ова лицето Ф.Е прибавил противправна имотна корист за себе и за членовите на неговото семејство и на тој начин сторил кривично дело „Измама при работењето со хартии од вредност и удели по чл. 275 ст. 3 од КЗ.