Македонија
Сончево и топло време со температури до 36 степени

Времето денес ќе биде сончево и топло, попладне со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 29 до 36 степени. УВ=9
Во Скопје сончево и топло со слаб до умерен ветер од северен правец, попладне со мала локална облачност. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне 35 степени.
Продолжува периодот на многу топло време. Во попладневните и вечерните часови ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи, а локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Министерката Тренчевска во Гевгелија: Се грижиме за најранливите граѓани

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во рамките на денешната посета на Општина Гевгелија, оствари средба со пензионерите на оваа општина, ги посети вработените и децата од ЈОУДГ „ Детска радост“, Центарот на социјална работа и посетата на Општина Гевгелија ја заокружи со посета на домот на корисници на права и услуги од системот на социјална заштита.
Со пензионерите се разговарало за унапредувањето на животниот стандард на оваа ранлива категорија на граѓани, преку воведувањето на новата методологија за раст на пензиите.
„Со пензијата во месец септември пензионерите ќе имаат дополнително околу 8% до 10% плус на својата сметка, што претставува рекордно зголемување на пензиите во историјата на државата. Со ваквиот начин на усогласувањето на пензијата и со директната финансиска помош која беше предвидена за месец април, мај и јуни во 2022 година, за 12 месеци, во просек пензионерите ќе имаат вкупно годишно околу 12.000 денари плус во буџетот во однос на 2021 година – рече министерката Тренчевска.
Таа ги посети вработените и децата од ЈОУДГ „Детска Радост“, при што присуствуваше и на музичка точка подготвена од децата на оваа градинка. Во склоп на ЈОУДГ „Детска Радост“ , во тек е постапка за доградба на детската градинка „Сончогледи“, со површина од 1150м2, која ќе обезбеди опфат на нови 135 деца од предучилишна возраст. Почетокот на градежните работи се очекува да бидат означени најдоцна до крајот на годинава.
За социјалните права и услуги од системот на социјална заштита, министерката разговараше со вработените во Центарот за социјални работи-Гевгелија, кои информираа дека на ниво на општина во моментов има 248 корисници на Гарантирана минимална помош, 1254 корисници на услугата помош и нега од друго лице, право на попреченост користат 168 лица, 18 корисници на Дневен центар на лица со попреченост, како и дека непречено тече исплатата на останатите социјални права.
Министерката го посети и домот на Фанка Динева, лице корисник на лична асистенција, право на нега од друго лице и право на мобилност. Додека нејзиниот партнер Јонче е корисник на личен асистент. На средбата изразија задоволство од поддршката која ја обезбедува државата за лицата со попреченост.
Македонија
Бугарските историчари: Она што за нас е буквална вистина, за многу луѓе во Македонија звучи како вистинска револуција

Бугарската вистина ќе биде револуција во Македонија затоа што досега сме учеле сосема други факти во нашите историски учебници. Ова го смета професорот Даниел Вачков, кој е дел од мешовитата историска комисија.
Тој и останатите бугарски членови од мешовитата историска комисија ги претставија како победа одлуките за заеднички чествувања на историските личности и препораките за менување на учебниците по историја, посебно тоа што признавме дека цар Самуил бил бугарски, а Кирил и Методиј потекнувале и твореле во големата бугарска држава.
„Кој ја знае историјата, ќе види дека тоа што го договоривме се наоди на работи кои се познати во Бугарија одамна и никој не ги доведува во прашање. Она што е буквална вистина за нас, за општеството во Македонија, за многу луѓе ќе звучи како вистинска револуција. Бидејќи во нивните учебници до ден денес се пишуваат сосема други работи, се кажуваат сосема други работи“, вели професорот Даниел Вачков за „Труд“.
Националната платформа „За Македонија“ која ја сочинуваат дваесетина еминентни професори по историја, научници и новинари, а ја предводи Пламен Павлов прогласи прва победа во битката за историјата.
Според историчарите од Софија, македонската страна признала дека цар Самуил е бугарски крал, а Охрид бил бугарски книжевен центар во кој Климент и Наум на покана на бугарскиот кнез Борис-Михаил ја ширеле словенската писменост.
Според професорот Пламен Павлов, кој е член на оваа платформа, од бугарска гледна точка нема ништо проблематично во македонските препораки.
„Неосновани се сугестиите за институционален континуитет меѓу мисијата на апостол Павле во средновековните црковни структури во денешна Македонија – и ова е добро, да не се тврди дека македонската црква поаѓа речиси од апостол Павле. Ние треба да ги вклучиме во поширок регионален контекст на териториите западно од античка Тракија, што ќе ги претстави историските процеси на позначаен начин. Во нашите учебници се работи за античка Македонија, но може да се зајакне, особено што од моја гледна точка, и не само моја, таа е тракиска држава. Грците овде ќе врескаат, ама така е“, рече Павлов за „Труд“.
Тој порача дека овие измени веднаш треба да се стават во бугарските учебници и апелираше побрзо да се затворат прашањата од ренесансата и 19 век.
„Со темпото со кое одиме, во 22 век, нема да можеме да разјасниме што е Гоце Делчев, со оглед на тоа што тој самиот кажа дека е Бугарин“, додаде Павлов.
Нашите историчари кои се дел од оваа комисија на последниот брифинг со новинарите тврдеа дека препораките нема да сменат ништо во сфаќањето на нашата историја и нема да допрат до нашиот идентитет.
– Овие препораки не допираат до македонскиот идентитет. Тоа се личности од светско значење и ние инсистиравме на повеќестрано чествување за да има симболично значење за регионот и пошироко. Нема бришење на историски факти, тие не ни можат да се избришат – истакна еден од членовите на историската комисија на брифингот во МНР.
Македонија
Обвинителството започна истрага за грабнатото бебе во Скопје

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 28-годишна скопјанка осомничена за кривично дело грабнување.
На 16 август, во сутеренскиот дел на Градскиот трговски центар – Скопје, осомничената извршила грабнување на новороденче старо само седум дена. На родителите на бебето осомничената им се понудила да им помогне да стигнат до Поликлиниката Бит-пазар. Во Градскиот трговски центар тие ја замолиле осомничената да го причува бебето додека да купат за јадење, по што таа се оддалечила со него. Со такси тргнала кон Ѓорче Петров, а потоа и кон нејзиниот дом, каде полициски службеници успеале да ја пронајдат и лишат од слобода. Со ваквите дејствија осомничената ги спречила родителите да бидат со своето новороденче повеќе од четири часа, а предизвикала и опасност за загрозување на здравјето на бебето.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор на осомничената, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, како и страв дека ќе се обиде да ги прикрие трагите на кривичното дело и да ја попречува истрагата.