Македонија
Сончево и топло со температура до 32 степена

Времето ќе биде сончево со мала облачност и топло. Ќе дува слаб ветер претежно од источен правец. Минималните температури ќе се движат од 6 до 14, а максималните од 26 до 32 степена. Во Скопје температурата ќе се движи од 12 до 31 степен.
До понеделник продолжува периодот на стабилно, суво и топло време. В недела ќе има извесно зголемување на облачноста со умерен северен ветер и благо опаѓање на дневната температура. Позначителна промена на временската состојба со поизразено заладување се очекува од вторник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
За време на протестите се подготвува нешто што не доликува на земја членка на НАТО, оценува Ковачевски

Премиерот Димитар Ковачевски посочи дека денеска се спрема нешто што не доликува на земја членка на НАТО за време на протестите кои се планирани од 19 часот вечерва, што започнуваат од пред Владата. Тој кажа дека овие информации ги добил од МВР. Не кажа дали протестите влијаат на одлуката која треба да ја донесе Владата, дали ќе го прифати францускиот предлог или истиот ќе биде одбиен.
Не е дозволиво да се протестира со качулки, смета Ковачевски.
„Она што се случува пред Владата е организирано од политички партии кои се против НАТО и ЕУ. С Македонија е демократска држава, со најуредено законодавство. Секој во оваа држава може да протестира. И јас сум протестирал, кога требало да се бранат правата на студентите и професорите, но никогаш не се случило освен еднаш и сега вторпат, да протестираат луѓе кои носат качулки кои гаѓаат по полиција, да имаме повредени полицајци. Секој може да протестира за секое прашање. Но целта, да се носат качулки, да се оди маскиран, е недозволиво за државата која го помина 27 април. Тоа не смее да се повтори. Вчера видовте дека полицијата се повлече. Овде се разговара за предлог од ЕУ. 27 земји членки, претставувани од Мишел, достави предлог за отпочнување на преговорите. Секој од нас во оваа држава е преставен преку пратениците во Собранието, без разлика од која партија се. Сите ќе ја донесеме одлуката дали сакаме преговори или не сакаме. Никому не му се криви полицајците кои стоеја зад Влада, извршувајќи ја својата должност. Не е крива ни зградата, бидејќи предлогот е дојде од 27 држави“, рече Ковачевски.
„Ние сме демократско општество, каде секогаш и во секоја пригода секој граѓанин може да го изрази својот став. Тоа треба да биде во рамки на законите. Се надевам дека ќе биде во рамки на законите. Вчера имавме четири повредени полицајци. Денес се планира нешто што не доликува на држава членка на НАТО“, кажа Ковачевски.
Според него, Собранието ќе одлучи каква одлука ќе се донесе, односно дали ќе се прифати или одбие предлогот.
„Таму ќе има состаноци каде ќе учествуваат претставници од нивните редови, каде ќе расправаат по однос на заклучоците во врска со европскиот предлог од ЕУ. Сметам дека и Шарл Мишел беше јасен во својата експликација, дека ние имаме предлог кој ни овозможува веднаш започнување преговори со ЕУ. На Собранието е да одлучи дали ќе донесеме одлука да ги отпочнеме преговорите, и со кои заклучоци“, кажа Ковачевски.
Македонија
Мишел за францускиот предлог: Како пријател, сакам да ви кажам дека можноста е премногу важна за да се пропушти

Вие одлучувате за вас и вашите чекор, а С Македонија припаѓа во ЕУ. Ова е ставот на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел. За него, решението е урамнотежено, а целта е да се започнат пристапните преговори.
„Ако кажете да, првата Меѓувладина конференција ќе се организира во следните денови. Ќе следуваат следните чекори, ќе почне скрининг процесот, односно билатерален скрининг, ќе бидат повикани преговарачки тимови во Брисел и со овој предлог јасно дискутираме за македонскиот јазик. Исто така, свесни сме за загриженоста за националниот идентитет, можете да очекувате дека ќе стојат зад вашите легитимни права. Добрососедските односи се неопходни во процесот на проширување. Што се однесува до почитувањето на малцинствата, во договорот за ЕУ е зацртано, а вие сте одличен пример како тоа се почитува“, посочи Мишел.
Тој посочи, суверен избор е одлуката дали ќе се прифати францускиот предлог.
„Доаѓам во клучен момент. Ги споделив уверувањата дека иднината на моите три деца и иднината на сите наши деца ќе биде побезбедна, попросперитетна со Западен Балкан во ЕУ. И на Европскиот совет го имаше истото чувство, кое ги инспирираше 27 земји членки да донесат таква одлука и да го унапредиме ЕУ. 27 лидери се сретнаа со лидерите на Западен Балкан, имавме искрен, отворен и тежок разговор. Тој беше мошне потребен. Се слушавме меѓусебно и формално одлучивме да внесеме нова динамика да продолжиме со Западен Балкан. Сакаме да се приклучите и целта е да го забрзаме процесот“, додаде Мишел.
„Како пријател, сакам да ви кажам дека оваа можност е премногу важна за да се пропушти, не сме биле толку блиску како Македонци. Имате можност да кажете да за ЕУ, да за вашите деца, вашата земја. Можете да сметате на полотичка и финансиска поддршка. Почитувани Македонци, само заедно можеме да се соочиме со предизвиците, да живееме во просперитет и безбедност“, додаде Мишел.
Македонија
Ковачевски: Со францускиот предлог, историјата, јазикот и идентитетот се заштитени

Премиерот Димитар Ковачевски тврди дека во европскиот предлог има дефинирани позиции за прифаќање на македонскиот јазик. Во предлогот македонскиот јазик е чист, еднаков како другите јазици, без фусноти и ѕвездички. Со францускиот предлог, според Ковачевски, историјата, јазикот и идентитетот се заштитени. Пред јавноста и натаму тврди дека протоколот со кој се исполнуваат бугарските желби не е дел од преговарачката рамка. Пред јавноста, тој го повтори тоа што денови претходно го говори. Ковачевски повика да се прифати предлогот, иако невладини организации, македонисти, граѓани на протести повикаа да се одбие.
„Наша обврска ќе биде да работиме на добрососедските односи, со исполнување на Договорот за добрососедство. Протоколот меѓу С Македонија и Бугарија не е нотиран во преговарачката рамка. Европскиот предлог и протоколот се два различни, неповрзани процеси. Преговарачкиот процес ќе можеме да ги реализираме без одлагање. Овој конечен предлог овозможува безусловен старт на преговорите“, додава Ковачевски.
„Главната тема за мене е отворената широка консултација за искористување на една од најповолните позиции во која некогаш сме се наоѓале за остварување на најважната стратешка цел, тоа е влезот во ЕУ. Со сите разговараме за предлог во кој се вклучени забелешките низ јасно изразени ставови. Предлогот со сите документи е јавно објавен, а ќе биде објавен и билатералниот протокол со Р Бугарија. Сакам да изразам благодарност за поддршката што ја добиваме од ЕУ, САД и останатите наши соседи за модифицираниот предлог, за преговарачката рамка. Овој предлог е основа на важното прашање за обезбедување на она што го чекаме. Предлогот е во целост со резолуцијата во Собранието, што покажува дека Владата, јас како премиер ги застапуваме позициите дома и надвор. Тоа државничко однесување даде плод“, посочи Ковачевски.
Билатералните прашања се надвор од преговарачката рамка, повтори одново Ковачевски.