Македонија
Сообраќајна безбедност и заштита од пожари: МВР со едукативни активности на терен

Во текот на вчерашниот ден (20.9.2023) на подрачјата на секторите за внатрешни работи Битола, Велес и Куманово беа реализирани превентивни активности претежно од областа на сообраќајот.
Во Ресен полициски службеници од ОВР Ресен преку средби со граѓаните, сопственици или возачи на земјоделски машини – трактори и приклучна механизација, реализираа превентивно-едукативни активности во насока на внимателно и одговорно управување со овие средства по патиштата, а дополнително беше нагласена и важноста за техничката исправност на овие видови возила. Исто така, во Ресен беше реализирана и превентивна активност со мотото „И ти и јас сме пешаци“, која имаше цел укажување на клучните фактори за безбедноста на најранливата категорија учесници во сообраќајот – пешаците, особено повозрасните лица, а во соработка со ЈП „Национални шуми“ беше спроведена едукативна активност за спречување на бесправната сеча на шуми во интерес на заштита на шумскиот фонд и избегнување овој вид криминал.
На подрачјето на СВР Велес, поточно во Кавадарци, во близина на основните училишта полициски службеници реализираа практична едукација со основците и децата од предучилишна возраст за сообраќајните правила и прописи важни за нивната безбедност како пешаци, но и како корисници на велосипеди и тротинети.
Во Куманово, пак, полициски службеници од СВР Куманово спроведоа превентивна едукативна работилница со ученици, односно првоодделенците од основното училиште „Крсте Петков Мисирков“, исто така од областа на сообраќајната безбедност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
По објавата на „Макфакс“: МВР го бара човекот кој стои зад лажниот профил што повика на протест и бесење на Спасовски

По објавата на „Макфакс“ дека лажен профил потпишан како „Ѓоре Ајтов“ повикува на немири и протести за да го ослободат Палчо и повика на јавно бесење на министерот за внатрешни, полицијата информира дека веќе се работи на откривање, кој стои зад профилот кој ја сподели сликата со морбидната содржина.
Лажниот профил на ФБ кој злоупотребил и фотографија на Велибор Џаровски – Џаро, човекот кој важи за најпознат естраден менаџер на сите времиња во екс-ЈУ историјата, своите морбидни натписи ги пишуваше во скандалозната група „Правда за Палчо, правда за Вања, правда за Панче, правда за Македонија“ каде се шират теории на заговор и се бара ослободување на Љупчо Палевски, првоосмничен дека ги убил Панче и Вања.
По нашата објава, голем дел од регионалните портали, но и весници ја пренесоа веста.
Македонија
Европски сојуз за промени: Соравија е симболот на корупција во ДУИ

Денеска по повод Меѓународниот ден на борбата против корупцијата младите од Европскиот сојуз за промени се собраа пред Трговскиот центар „Соравија“. Велат дека тој веќе е познат како Трговскиот центар „Али Ахмети“.
„На денешен ден, кога Обединетите нации ја одбележуваат 20-годишнината од Декларацијата за борба против корупцијата, со која се изјаснија дека причината за проблемот со неразвиеноста во светот е токму корупцијата, ова нè потсетува на списокот на Транспаренси Интернешнл, каде Северна Македонија секоја година бележи пад. Затоа се прашуваме како да не е овој пад и како да не биде ова ниво на корупција кога токму лидерот на албанската партија Демократска унија за интеграција се споменува дека е вистинскиот сопственик на овој трговски центар вреден неколку милиони евра? Се разбира, тој не е ниту единствен, ниту прв, ниту пак последен. Али Ахмети Соравија е само симболичното име на корупцијата во Северна Македонија, а тој и неговите соработници се тие кои со својата корупција, присвојувајќи незаконски милиони евра од граѓаните, станаа вистинските причинители на масовното иселување на нашите граѓани од земјата.
Затоа, ние денеска симболично донесовме предмети од семејствата кои во меѓувреме ја напуштија земјата. Секое семејство што избегало поради овие корумпирани политичари оставило зад себе ранци, учебници, тетратки и детски играчки, барајќи подобар живот за своите деца. Денеска овие предмети му ги оставаме на сопственикот на Соравија, за да ги има како спомен од сите тие семејства што тој и неговите соработници ги избркаа од своите домови. Нека знае јавноста дека само од 2002 година од Северна Македонија се иселиле над 300.000 луѓе. Толку нè чинело збогатувањето на семејствата Ахмети и Груби.
За да го запреме овој негативен тренд и овој егзодус, тука сме да укажеме дека 8 мај 2024 година е последниот момент кога ние ќе го зацртаме нашиот европски пат, не со бегство во Европа, туку со донесување на Европа во нашата земја.
Ние во ЕУ, а корумпираните во затвор!“, порачаа присутните.
Македонија
Османи ќе стане татко по третпат

Министерот за надворешни работи Бујар Османи преку статус на Фејсбук објави дека со сопругата го чекаат третото дете.
Османи објави фотографија со семејството со натпис „Ние петте!“.