Македонија
Сопственик на пералница за автомобили поднел кривична против директорот на Финансиската полиција, тврди дека е смислено сценарио

Сопственик на пералница за автомобили во Дебар поднел кривична пријава против директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми, за злоупотреба на службената положба и овластувањето, малтретирање во вршењето на службата и насилство. Во пријавата поднесена до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, до јавниот обвинител на Македонија, до Владата и до Министерството за финансии, сопственикот на пералницата навел дека директорот Муареми му се заканувал и го уценувал.
„Во временскиот период од февруари 2022 до денес постојано сум предмет на притисоци и закани, како и разни уцени од страна на пријавеното лице. Со други зборови, се врши насилство врз мене. Како директор на Финансиската полиција јги користи и злоупотребува своите положба и моќ добиени од функцијата што ја извршува, а со цел да се откажам од моето право што го остварив во постапка за легализација на објект во Дебар“, стои во пријавата со вчерашен датум.
Директорот Муареми вели дека оваа кривична пријава е продолжение на нападите против него и Управата, кои доаѓаат од ист центар, по претресот во Управата направиен од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
„Јас како директор, како и вработените во Управата за финансиска полиција, препознаваме и свесни сме дека овие намерно исценирани и неосновани напади кон нас доаѓаат од еден ист центар за кој во Управата, но и во други институции, веќе активно се водат соодветни постапки во зависност од надлежностите на институцијата. Очекуваме ваквите напади и притисоци да продолжат и во наредните денови сѐ додека органите на надзор и контрола активно работат на расчистување на неодамнешните случувања со незаконскиот претрес во нашата институција. Намерата на овие напади е повеќе од очигледна. Меѓутоа, во интерес на излегувањето на вистината на виделина ќе се воздржам од дополнителни коментари на ваквите однапред смислени сценарија и оставам надлежните институции да постапуваат во согласност со своите надлежности“, вели директорот Муареми.
При претресот во Управата истражителите ги запишале архивските броеви на анонимните пријави од 2018 година до денот на претресот, а обвинителката Вилма Русковска изјави дека постапуваат по пријава од граѓанин и од претресот зависи дали има нешто основано во пријавата.
Управата за финансиска полиција, пак, оваа недела извести дека поднеле претставка против Русковска оти сметаат дека претресот бил неоснован.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Костадинов ги пречека Заев и Ципрас

Вечерва градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов во својот кабинет ги пречека поранешните премиери Алексис Ципрас и Зоран Заев.
„Двајца поранешни лидери кои ги кренаа рампите меѓу Македонија и Грција и трасираа пат на пријателство, разбирање, меѓусебна почит, ги зближија двата народи и ја зајакнаа севкупната соработка меѓу двете држави“ соопшти општината.
Во кабинетот, во кој цели три мандати помина поранешниот премиер Зоран Заев, градоначалникот разговараше со своите гости за функционирањето на Општината, нејзиниот развој, новите предизвици и состојби во државата и регионот.
„Прекрасно е чувството кога разговараш со храбри и одлучни политичари и кога си на иста линија со нив, бидејќи само така можеш да обезбедиш сигурна иднина за граѓаните, општината и државата, порача градоначалникот Костадин Костадинов.
Македонија
Топло време со свежи утра до среда, од четврток дожд

Времето утре наутро ќе биде свежо, преку денот сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 16, а максималната ќе достигне од 22 до 28 степени.
Во Скопје сончево со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 27 степени.
Продолжува периодот на стабилно и релативно топло време со свежи утра. Во четврток и петок во попладневните часови ќе има локално зголемување на облачноста и услови за краткотраен локален дожд.
Македонија
Контејнери за електричен и електронски отпад поставени на 12 локации во Кисела Вода

Жителите на општина Кисела Вода од денес, на 12 различни локации, имаат на располагање специјализирани контејнери наменети за електричен, електронски отпад и отпадни батерии. Општината во соработка со Друштвото за управување со отпад „Нула Отпад“ од Скопје започнува со собирање и селектирање на електричен и електронски отпад, како и на отпадни батерии.
На самиот контејнер има инструкции за користење, како и список на дозволени видови на отпад, кои може да се одлагаат во него: батерии, мобилни телефони, мали куќни апарати како миксери, тостери, фенови, мали монитори, статични и преносни компјутери, тастатури, глувчиња, кабли, звучници и други слични уреди. Важно е да напоменеме дека контејнерите не се наменети за комунален отпад, стакло, хартија, пластика, облека и слични материјали.
Оваа иницијатива претставува значаен чекор кон заштитата и одржливоста на животната средина, помагајќи во намалувањето на опасниот отпад на улиците и сузбивањето на создавање на диви депонии околу контејнерите. Исто така, селектирањето и правилното одлагање на отпадот, придонесува за зголемување на јавната свест меѓу граѓаните.
Општина Кисела Вода апелира до сите свои жители за одговорно и свесно однесување и правило користење на поставените контејнери. Само заеднички можеме да допринесеме кон подобрување на состојбата на животната средина и остварување на одржливи практики кои ќе имаат долготрајни позитивни ефекти.