Македонија
Сопствениците на парцелите во Треска велат дека нивниот имот нема никаква врска со стечајните работници

Групата сопственици на градежните парцели – Треска соопшти дека стечајните работници од поранешната фабрика кои бараат исплата на придонесите во период од 18 месеци и исплата на заостанати плати за период од две години, немаат никаква врска со имотот на фабриката.
„Ние сопствениците на приватни парцели на имотот кај поранешната фабрика „Треска“ сакаме да ја потсетиме јавноста дека нема никаков имот во стечајната маса на „Треска“, ниту ние сме купиле имот од оваа стечајна маса. Оттука, категорично ги отфрламе тезите дека стечајните работници имаат било каква поврзаност со имотот на фабриката и дека ние како нејзини сопственици имаме обврска да ги исплатиме нивните долгови“, велат тие.
Како што потсетуваат, за локацијата се водеше 20 годишен судски спор по кој најголемиот дел од имотот, 92 отсто му припадна на едно лице по пат на денационализација, додека само 8 отсто влегоа во стечајната маса, од која беа обесштетени дел од вработените. Велат дека исплата на средства и стаж добиле само вработените во „Треска мебел“, додека оние кои работеле во останатите седум друштва на фирмата „Треска“ не добиле никакви средства. Причината за ова, тврдат сопствениците, лежи во тоа што друштвата биле формирани од „Треска мебел“, но без никаков имот.
Групата сопственици на градежните парцели – Треска ги упати стечајните работници да ги побараат одговорите од институциите и стечајниот управник кој ја извршил продажбата на оваа некогашна индустриска сила.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ковачевски: Автокефалноста на МПЦ-ОА е уште една афирмација на македонскиот идентитет

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, на седницата за пратенички прашања во парламентот во однос на одлуката за автокефалноста на МПЦ-ОА оцени дека иако сме секуларна држава, оваа одлука како историски факт има огромни импликации за иднината на нашата држава.
Тој истакна дека ова мислење го споделил и со архиепископот на православната црква, г. г. Стефан, на нивната средба бидејќи, како што рече, со ваквата одлука се затвори последното идентитетско прашање и се оствари историското заслужено и природно право православните верници во нашата земја да имаат канонски признаена и прифатена црква од заедниците во целиот православен свет.
„Оваа канонски исправна одлука со голема радост, што можеше да се види од сите верници, ја дочекавме на заедничка служба на претставниците на СПЦ и МПЦ како две рамноправни сестрински цркви. Македонските граѓани и македонските владици и целото општество со децении беа трпеливи, меѓутоа и истрајни да дојдеме до денот кога практично беше објавен почетокот на постапката за остварување на автокефалноста на нашата православна црква“, рече Ковачевски.
Тој констатира дека во историскиот чин за прифаќањето на МПЦ-ОА како канонска и автокефална црква се вградени и големите дела и на светите Кирил и Методиј, на свети Климент, меѓутоа и на сите историски црковни достојници, кои ја претставувале нашата црква пред граѓаните.
Тој изрази признание дека во донесувањето на оваа одлука учествуваа и редица наши истакнати дејци во историјата и во нашето современие, кои учествуваа во решението на идентитетското финално прашање на македонскиот православен народ.
„Од духовните плодови и придонесите што нашите големци во историската низа на нашиот континуитет го правеле, денес Македонците и македонскиот јазик се впишани во ризницата на светските народи и јазици и никој нема повеќе дилеми и никој повеќе тоа не го оспорува“, додаде Ковачевски.
„На оваа одлука, посочи Ковачевски, исто така гледам и како на унапредување на традиционалното добрососедство со Република Србија и со српскиот народ. Тоа е и гест на уште една подадена рака за заеднички просперитет на нашите земји, нашите држави, на нашите граѓани и чин што покажува како треба да се градат односи во регионот на држави и граѓани што одат напред“, потенцира претседателот на Владата, Димитар Ковачевски.
Македонија
Кривични пријави за двајца управители во ЕВН и за петмина други за продажбата на парцели во Делчево

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против седум лица за продажбата на парцели на ЕВН во Делчево за изградба на фотонапонски централи.
Како што се наведува, седумтемина, од кои двајца управители во ЕВН, биле роднински и пријателски поврзани. Успеале да убедат сопственици на приватно земјиште во Делчево да им биде откупен имотот по одредена цена, но да се согласат во документите да стои дека го подаруваат. Подарениот имот за неколку дена го продале на ЕВН за 1,5 милион евра.
„Првопријавениот и второприjaвениот во својство на управители на ‘ЕВН – Електрани Македонија’ свесно и со однапред утврдена намера со изготвување анализи на трошоци и добивки со лажни податоци, прикривајќи суштински факти, лажно презентирајќи несоодветни земјишта како да се соодветни за намената за која се купуваат поради фактот што одредени земјишта не ги исполнуваат условите за пренамена на земјоделско во градежно земјиште и одредени земјишта се во несоодветна категоризација на земјиште за намената за која се купуваат, презентирајќи пазарни цени што не соодветствуваат со реалните пазарни цени на земјиштата за конкретната категоризација и класа на земјишта прикривајќи го фактот дека пријавените физички лица – продавачи се меѓусебно поврзани, го довеле во заблуда Управниот одбор на ЕВН да донесе одлука за склучување договори за купопродажба на недвижен имот за изградба на фотонапонски централи“, соопшти Управата.
Македонија
Тренчевска: Оваа Влада ги зголеми платите на вработените во градинките 36 отсто

Од 2017 година и направената анализа на состојбата во градинките утврдена е очајна состојба. Се утврди недостиг на приближно 2.000 работни места, а повеќето од тие што работеа во нив беа вработени со договор на определено време. Сите тие со доаѓањето на оваа Влада добија решенија на неопределено време. Од 2018 до 2022 година вкупно оваа Влада има дадено согласности за вработување за 2.385 лица“, рече министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, одговарајќи на пратеничко прашање за состојбата со вработени во градинките.
Таа посочи и дека Министерството за труд и социјална политика има доставено барања за согласности до Министерството за финансии, што ќе претставува зголемување на бројот на вработувања, особено кај што има пензионирања, трајни откази и нови капацитети.
Министерката се осврна и на платите на вработените во градинките, кои во 2019 година оваа Влада ги зголеми 21 %, а со новата спогодба со СОНК дополнително платата на воспитувачките и негувателките ќе биде зголемена 15 % , што претставува зголемување од 36 % зголемена плата во 2022 година за разлика од времето кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, кога платата на вработените во градинките беше зголемена едвај 4 %.
Таа рече дека сите вработувања во градинките се на товар на државата, на Министерството за труд и социјална политика, како и материјалните трошоци, како и дека со ребалансот на буџетот се предвидени и зголемувања на блок-дотациите на материјалните трошоци затоа што оваа Влада има слух и ја зема предвид состојбата на економската и на енергетската криза со која сите се соочуваме.
Исто така, се зголемуваат блок-дотациите и за нови вработувања, сè со цел опфат на што поголем број деца во предучилишните установи.
„Од почетокот на 2017 година до денес имаме изградено 69 детски градинки, со опфат на 4.300 деца. Во тек е изградбата на 28 градинки, од кои 13 ќе бидат отворени до крајот на оваа година и со тоа ќе се зголеми опфатот на нови 1.360 деца. До крајот на 2023 година ќе бидат завршени уште 15 нови градинки и зголемен опфат за нови 1.905 деца. Ова е потврда колку се инвестира во детската заштита“, рече Тренчевска.