Македонија
Состанок на Заедничкиот управен комитет со Обединетите нации: Меѓу резултатите 6.800 нови работни места за младите луѓе

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска, заедно со постојаниот координатор на ОН во Република Северна Македонија, Росана Дуџак, го одржа вториот состанок на Заедничкиот управен комитет за спроведување на рамката за соработка за одржлив развој на Обединетите нации и националните институции за 2022 година.
Целта на состанокот беше разгледување на националните приоритети во доменот на одржливиот развој, при што беше одобрен заедничкиот работен план за 2022 година за спроведување на рамката за соработка на ОН за 2021-2025.
Заедничката работа меѓу агенциите на ОН и Владата на Република Северна Македонија во 2021 година резултира со 6.800 нови работни места за младите луѓе. Воспоставени се нови здравствени услуги за луѓето во руралните области, достапност на македонскиот јазик за странците, особено за барателите на азил и бегалците, прогласување на Шар Планина за нов национален парк во земјата, зајакнување на капацитетите на државната администрација на теми од областа на ЕУ и приближување на законодавството за поддршка на ЕУ, како и развивање национална стратегија за развој, која ќе ја постави долгорочната развојна визија на земјата.
Османи на состанокот истакна дека со имплементацијата на рамката за соработка за одржлив развој сакаме да постигнеме видлива и одржлива промена за сите наши граѓани, што ќе резултира во подобра правна рамка, поефикасни и по одоговорни институции.
Постојаниот координатор на ОН, Дуџак, порача дека усвојувањето на заедничкиот работен план за 2022 од страна на Заедничкиот управен одбор е исклучително важна алатка што ја операционализира рамката за соработка нагласувајќи го фокусот кон транспарентно, одговорно работење, насочено кон резултати, во вистинскиот дух на партнерството и во согласност со реформите на развојниот систем на Обединетите нации.
Во дискусијата за модалитетите за најсоодветно искористување на поддршката што Република Северна Македонија ја добива од системот на ОН, а во насока на реализирање на развојните приоритети, учествуваат и министерот за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити, како и заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Христина Оџаклиеска, во својство на членови на Комитетот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без вода делови од Центар

Делови од Центар утрово ќе бидат без вода поради изведување водоводен приклучок Ф 150.
Прекинато водоснабдување ќе има дел од булеварот Кочо Рацин, Светозар Марковиќ, Крушевска Република и Веро Џамбо.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 8:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Димитров до Ковачевски: Не е точно дека земјите членки на ЕУ ја оправдуваат уцената на Бугарија со историјата

Никола Димитров ја критикува изјавата на премиерот Ковачевски дека сите земји членки на ЕУ ја оправдувале уцената на Бугарија со историјата.
„Изненадува изјавата на премиерот Ковачевски, кој вели дека сите земји членки на ЕУ ја оправдувале уцената на Бугарија со историјата. Прво, тоа воопшто не е точно. Од каде му е тој впечаток на премиерот!? Јас постојано сум во земјите членки во последните години, и од позиција на министер, ама и сега, и ниту гледав ниту гледам разбирање за анахроните антиевропски бугарски позиции. Впрочем, поплаките во Софија дека нема доволно солидарност кон нив и дека не се разбрани се јавна тема кај комшиите веќе подолго време. А на истата линија беа и обвинувањата кон мене директно од Софија оти практично им ги разобличував тезите обезбедувајќи да бидат осамени во небулозите. Изјавата на Ковачевски е во најмала рака невнимателна. Но, исто така може да биде и опасна и лесно да биде злоупотребена како притисок токму врз македонските позиции оти оди на линија на Радев, кој упорно пласира вакви тези веројатно терајќи домашна политика со прашањето.
Конечно, македонската Влада и дипломатијата мора повторно да се разбудат и да продолжат да ги разобличуваат анахроните обиди и аргументи за разнебитување на македонскиот идентитет, што речиси целосно се поклопуваат со рускиот наратив за Украинците, без разлика што тоа можеби нема да им се допаѓа на носителите на оваа политика во Софија.
Бидејќи пријателство изградено на криви основи, едноставно нема да опстои. Бугарија има подобра преговарачка позиција бидејќи е земја членка, но токму затоа не смееме да престанеме да потсетуваме дека на наша страна се принципите, европските вредности и меѓународното право. И да се бориме за нив. И да бараме помош кај другите земји членки бидејќи се бориме и за образот на Унијата. А не да се навлекуваме на бугарските тези дека поведението им е прифатено и поддржано, па ние ќе се срамиме и ќе се стегаме гласно да викнеме дека ни се газат основните права и достоинство? Или ќе направиме Радев да се срами кога вели дека ЕУ не смеела да го легитимира македонизмот“, напиша Никола Димитров на својот фејсбук-профил.
Македонија
(Интервју) Александар Николоски: Бројката што ќе излезе на големиот митинг ќе биде доволна порака до власта

Наместо дијалог на маса, ние добивме во најлоша смисла на зборот едно балканско мачовистичко одбивање на нашиот предлог и немаме друг избор, освен да го правиме ова што го правиме, а тоа се активни блокади во Собранието и голем сенароден протест на 18 јуни, вели Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, во интервју за „Макфакс“.
Најави дека ова ќе биде најголемиот протестен собир што е виден во Македонија во последната деценија.
„Секако дека ќе има и други чекори во следниот период, но главен фокус е големиот протестен митинг по кој јас очекувам дека, конечно, со власта ќе седнеме и ќе ги договориме работите за кои зборуваме, пред сѐ, за датум за предвремени избори“, вели Николоски.
Потенцира дека првпат со овој претседател на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ нема никаква комуникација.
Николоски во интервјуто нагласува дека не е оптимист за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ.
„Сега имам чувство дека Бугарија им служи само како изговор на неколку земји членки на ЕУ, пред сѐ, од помоќните, кои не се убедени дека Македонија треба да почне преговори со ЕУ. Да има друга одлука, еден дипломатски тешкаш ќе отиде во Софија и ќе си ја заврши работата. Тоа, од друга страна, покажува дека нема доволно притисок врз Бугарија“, оценува Николоски.
Појаснува дека идеjата на францускиот претседател Емануел Макрон за паралелна европска заедница е многу лоша.
„Идејата на Макрон за нас е многу лоша. Не е симпатично за Македонија да е во друштво на Косово, БиХ, Албанија, Србија, Молдавија, Грузија и на Украина“, рече Николоски.
За актуелните снимки од Собранието и однесувањето на собранискиот спикер Талат Џафери, за тактиките на помалите политички партии, дали се надминати минатото и расколот во ВМРО-ДПМНЕ, одговара потпретседателот на најголемата опозициска партија, Александар Николоски.