Македонија
Состојба по обилните дождови во Македонија: пресек на ЦУК до 16 часот
Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, информира дека на основа на добиените информации од различни градови и региони, состојбата во повеќето делови на земјата е стабилна и редовна, со слаби до повремени врнежи од дожд и зголемени водостои, но без сериозни нарушувања, додека во некои региони има активности и ангажирање на службите поради зголемени водостои и одрони на патиштата.
Региони со нормални состојби
– Скопскиот, Вардарскиот, Пелагонискиот, Полошкиот, Југозападниот, Југоисточниот и Источниот регион имаат стабилна состојба, со слаби или повремени врнежи од дожд, зголемени водостои на реките, но без излевања, поплави или нарушувања во сообраќајот и други сегменти.
Региони со ангажирање и активности
– Тетово (Северозападен регион) – состојбата е стабилна, но врнежите од снег и дожд предизвикале потешкотии на патните правци Тетово–Скопје и Тетово–Гостивар, па барано е од „Македонија пат“ веднаш да интервенира за одржување на коловозот и обезбедување на безбеден сообраќај.
– Штип и Кочани (Источен регион) – има слаби врнежи од дожд и зголемени водостои на реките, но нема поплавување; во општината Кочани на Оризарска река од понеделник продолжува работа на механизација на „Водостопанство“ за спуштање на водостојот и спречување на евентуални проблеми.
Патни правци
– Истибања–Делчево–Граничен премин (Источен регион) – има почести пријави за одрони на камења, па екипи на „Македонија пат“ постојано се на терен и во координација со СВР Штип се регулира одвивањето на сообраќајот, со поставување на контролни точки и временски ограничувања за возилата.
Кичево
Поради повторните врнежи од дожд, водостоите на реките Зајашка и Треска се зголемени, но засега се под нивото на излевање. Критично е кај ул. Прилепска, во населбата претходно најпогодена со околу 125 поплавени објекти.
Екипи на ЈП „Комуналец“ со механизација работат на насипи и проширување на коритото на Зајашка река, како и на чистење на воден канал во населба Иванидол. ПО ДЗС Кичево е на терен и е подготвена за интервенција со вреќи со песок, а фирмата „Инсталација“ расчистува кај училиштето „Санде Штерјоски“ и градинката „Ластовички“.
Состојбата со 125-те поплавени објекти останува непроменета. Евакуирани се 150 лица, сместени во спортската сала „Христо Узунов“, каде ЦК Кичево обезбедува грижа, медицинска контрола и храна.
Регионални патишта во Дебар (Југозападен регион) – има слаби врнежи од дожд, дотокот на Радика е зголемен, но без опасност од излевање; екипи на „Македонија пат“ се на терен и интервенираат на отстранување на евентуални одрони на регионалниот пат Маврово–Дебар и Дебар–Струга, за да се одржи непречено движење на сообраќајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Лекарската комора дава поддршка за новиот Закон за заштита од пушење
Лекарска комора на Република Северна Македонија изрази поддршка за новиот Предлог-закон за заштита од пушење и за мерките што со него се воведуваат, оценувајќи дека тие се во насока на унапредување на јавното здравје и заштита на населението, особено на децата, младите и ранливите групи.
Од Комората посочуваат дека лекарите секојдневно се соочуваат со последиците од употребата на тутунски и никотински производи и изложеноста на чад, кои, како што наведуваат, се директно или индиректно поврзани со кардиоваскуларни заболувања, малигни болести, хронични белодробни состојби и други сериозни здравствени проблеми.
Следејќи ги добрите европски практики, Лекарската комора смета дека новите мерки за контрола на тутунските и никотинските производи, како и заштитата од пасивно пушење, ќе придонесат за намалување на бројот на нови корисници, особено кај младите, поефикасна заштита на непушачите во затворени простории и создавање поздрава животна и работна средина.
Во соопштението се нагласува дека здравјето на граѓаните мора да биде над сите други интереси и дека доследното почитување на законските ограничувања може да резултира со помал број хоспитализации и долгорочни придобивки за целото општество.
Од Лекарската комора информираат дека остануваат подготвени активно да учествуваат во подигање на јавната свест за опасностите од употребата на тутунски и никотински производи и да дадат поддршка на мерките кои водат кон поздрава и побезбедна заедница.
Македонија
Хоџа и Филипиду разговараа за прекуграничната соработка во заштитата на животната средина
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денес оствари работна средба со амбасадорката на Република Грција во Република Северна Македонија, Софија Филипиду, на која беа разгледани приоритетите на билатералната соработка во областа на животната средина.
Во фокусот на разговорите беа активностите поврзани со управувањето со Националниот парк Преспа (Prespa National Park), управувањето со водните ресурси, хидролошката состојба на Преспанското и Дојранското Езеро, како и тековните прекугранични проекти што се реализираат.
Двете страни ја потврдија заедничката заложба за натамошно унапредување на соработката меѓу Република Северна Македонија и Република Грција, со посебен акцент на заштитата на животната средина и одржливиот развој на прекуграничните региони.
Македонија
Општина Аеродром спроведува акција за чистење диви депонии на повеќе локации
Јавното комунално претпријатие на Општина Аеродром денеска реализира акција за чистење на поголемите диви депонии на повеќе локации на територијата на општината.
Со соодветна механизација се врши темелно отстранување на секаков вид отпад депониран на несоодветни и недозволени места, со цел подобрување на хигиената и заштита на животната средина.
Општина Аеродром упатува апел до граѓаните да не се фрла отпад на недозволени локации и да се постапува совесно и одговорно, во интерес на заедницата и јавниот простор.
Во наредниот период ќе се спроведуваат зајакнати инспекциски контроли, при што против сите прекршители ќе бидат преземени соодветни мерки, согласно со важечките законски прописи.
Општина Аеродром останува посветена на континуирани активности за унапредување на јавната хигиена и создавање чисто, уредно и здраво опкружување за сите жители.

