Македонија
Сотирова-Бухова: Градоначалникот на Куманово ги прекршил протоколите бидејќи излегол од дома и се тестирал неколкупати

Со тоа што излегол од дома само со повик на 192 и се тестирал неколкупати, градоначалникот на Куманово, Максим Димитревски, неколкукратно ги прекршил алгоритмот и протоколите по кои се работи за заштита од коронавирусот. Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), Иринка Сотирова-Бухова, детаљно објасни кои се прекршувањата што ги направил градоначалникот констатирани по вонредните надзори во сите засегнати институции во Куманово.
„Лице што е ставено со решение од ДСЗИ позитивно на Ковид-19 за лекување и изолација може да го напушти местото каде што е изолирано со најава на 192, меѓутоа преку координација со матичен доктор, епидемиолог или специјалист инфектолог во најблиската болница, во овој случај Општата болница во Куманово. Никакво јавување на 192 не овозможува по даденото решение надвор од овој протокол. Во согласност со решение од ДСЗИ, тестирањето на лица во домашна изолација се изведува исклучиво по четиринаесеттиот ден, и тоа во временска разлика од 24 до 48 часа, во лабораторијата на Институтот за јавно здравје во Скопје“, рече директорката Сотирова-Бухова.
Таа потенцира дека во периодот од 30.3. 2020 до 29.4.2020 ДСЗИ има издадено 3.324 решенија за домашна самоизолација, 994 решенија на лица позитивни, кои се на домашно лекување и во домашна самоизолација.
„Што би се случило кога сите 994 лица, позитивни, со лесна клиничка слика или асимптоматски, а се со решение излоирани дома, излезат? На која опасност би биле изложени сите кога самоиницијативно 994 лица би излегле и би тргнале по патека надвор од алгоритмот и протоколот? Зошто некој би бил привилегиран да може да го крши алгоритамот, да го крши протоколот, да се тестира два-три-четири, па дури слушаме од медиумите и шестпати, а некој да го почитува протоколот да седи до домашна самоизолација 14 дена, да ги почитува сите правила што во оваа држава ги наметнува и ги кажуваат Комисијата за заразни болести, Министерството за здравство, Главниот кризен штаб на Владата“, рече директорката Сотирова-Бухова.
Таа извести дека за случајот на градоначалникот направиле детален увид во Центарот за јавно здравје во Куманово, во Здравствениот дом, во итната помош и во болницата во Куманово, а записниците ги имаат директорите на установите. За сите констатирани недостатоци ќе следуваат прекршочни казни, а за одредени недостатоци инициран р стручен надзор во Лекарската комора.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) не прави надзори во простории на општини и нема законска обврска, ниту законска можност да доставува записници онаму каде што не инспекторира, рече денес директорката на ДСЗИ, Иринка Сотирова-Бухова, по многубројните реакции во јавноста за прекршената самоизолација на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски.
По прекршувањата, кривичната пријава против кумановскиот градоначалник вчера пристигнала во Основното јавно обвинителство Куманово. Пријавата ја потврди и министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев. Поднесена е поради непостапување според здравствени прописи за време на епидемија. Димитриевски на социјалните мрежи напиша дека кривичната пријава е класична злоупотреба на инструментите на власта и праша дали на повидок е нов режим.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Спасовски: Со партнерството со Словенија успеавме да бидеме пример како може соработката да се одржува, негува и продлабочува

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за време на работниот престој во Љубљана, Република Словенија, се обрати на настан под покровителство на амбасадата на Република Северна Македонија, по повод одбележување 30. години од отворањето на првата амбасада во светот по независноста и осамостојувањето на државата, а на покана од домаќинот на настанот, амбасадорот Горан Милевски, во присуство на заменик Претседателката на Владата на Република Северна Македонија, Славица Грковска, министерот за внатрешни работи на Република Словенија, Боштјан Поклукар, претставници на Дипломатскиот кор, стопанственици и претставници на верските заедници, како и сонародници-иселеници од нашата држава.
„Можам да потврдам дека изминативе години со нашето партнерство и соработка со Република Словенија ние успеавме да бидеме пример и да покажеме, не само на просторот на поранешната држава туку и пошироко – како може, кога постои добра волја и низа заеднички интереси, соработката меѓу две земји да се интензивира, одржува, негува и продлабочува примарно имајќи ги во предвид потребите на нашите граѓани, одржувајќи ги на високо ниво претходно воспоставените одлични релации. Дотолку повеќе што во сиве овие години наназад како држави и како институции споделувавме заеднички вредности”, истакна министерот Спасовски, изразувајќи посебна благодарност до Владата на Република Словенија и до словенечкиот народ бидејќи токму Република Словенија беше и остана доследен и лојален партнер на евроатлантски пат на Република Северна Македонија.
„Од аспект на работењето на министерствата за внатрешни работи на Република Северна Македонија и на Република Словенија, изминативе три децении се период на динамична и плодотворна тесна соработка крунисана со мноштво значајни билатерални договори и конкретни активности во кои што словенечката полиција е тесно инкорпорирана во речиси сите суштински реформски исчекори на македонското МВР во насока на имплементирање на сите важни европски полициски стандарди и критериуми”, рече министерот Спасовски, со уверување дека и во годините пред нас може веќе воспоставената билатерална и мултилатерална соработка преку разните иницијативи, форуми, меѓународни асоцијации, уште повеќе да се продлабочи, да се динамизира во интерес на националната, но и регионална безбедност.
Македонија
Грковска по повод 30 годишнината од дипломатските односи меѓу Македонија и Словенија: Солидарноста секогаш била и ќе остане белег на нашето цврсто пријателство

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, имаше обраќање на вечерашниот прием, организиран од амбасадата на Република Северна Македонија во Словенија, по повод 30 годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји и отворањето на првото дипломатско претставништво по прогласувањето на независноста на нашата држава.
„Велат пријатели требаат и во добро и во лошо. Овие три децении го потврдија нашето пријателство и покажаа дека навистина и во добро и во лошо бевме заедно и си пруживме поддршка во сите моменти кога тоа беше неопходно. Солидарноста секогаш била и секогаш ќе остане белег на нашите односи, на нашето цврсто пријателство“, истакна вицепремиерката Грковска и додаде дека токму амбасадата во Љубљана е симбол на независноста и симбол на тешкиот дипломатски пат кој го изоде нашата држава за денеска да биде полноправна членка на НАТО и да чекори по евроинтеграцискиот пат за да се придружи на големото европско семејство.
Таа се заблагодари за отвореноста на Словенија да им овозможи студирање на словенечките универзитети на голем број македонски студенти и изрази надеж дека младите кои се стекнуваат со искуство во европските земји, потоа ќе одлучат својата иднина да ја градат дома, во својата татковина, со своите семејства.
„Словенија беше и верувам секогаш ќе остане наш поддржувач и во рамките на евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија, поддршка којашто е исклучително важна, особено во делот на спроведување на реформските процеси, со цел да ги достигнеме европските стандардни вредности. Вашето искуство за нас е непроценливо имајќи предвид дека делиме заедничко минато, а целиме и кон заедничка иднина во европското семејство“, заклучи вицепремиерката Грковска на приемот во амбасадата во Љубљана, на кој присуствуваше и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Македонија
Нов протест пред Влада, се бара правда за пациентите од Онкологија

Започнаа нови протести на граѓаните на кои се бара правда за пациентите од Онкологија. Стотина граѓани побараа правда за сите оние кои го изгубиле животот на оваа клиника.
„Протестот од Влада ќе продолжи пред зградата на Министерството за здравство, каде што ќе побараме одговорност за сите инволвирани во скандалот со Клиниката на онкологија, но и за обелоденување на информациите во врска со истрагата за трагедијата во модуларната болница во Тетово, вклучувајќи ги лицата од Министерството за здравство, како што се претходните министри, кои влијаеле за забошотување на случаевите. Повторно нагласуваме и за тоа дека измени во Кривичниот законик нема да ги аболираат инволвираните од нивните злосторства доколку ние тоа не го дозволиме“, порачаа собраните граѓани.
Неформалната група „Протест против убиствата на Онкологија“ преку соопштение најави нов протест за денеска во 18 часот и ги повикаа граѓаните да излезат вечерва пред Владата. Протести се организираат од почетокот на месец септември, а јавноста беше згрозена од откритието на новинарите дека на Клиниката за онкологија можно е некои пациенти да не ја примале потребната терапија.