Македонија
Со изложба на маски започна карневалот „Прочка“ во Прилеп
Со изложба на маски во ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, кои ги изработија учениците од основните и средни училишта, започна 16-тиот по ред карневал „Прочка“. На изложбата беа поставени околу 1.000 маски, а најголем дел од нив беа изработени според традицијата од природни материјали. Учениците беа задоволни од нивните уникатни креации.
„Јас маската сама ја изработував, сакав да асоцира на индијанска маска. За нејзината изработка користев природни материјали, коноп, дрво, леќа и друго. Инаку ова не е прв пат да изработувам маски за оваа изложба, активно земав учество во овој настан и додека бев во основно училиште“, рече Викторија Дунимаглоска, ученик во гимназија „Мирче Ацев“ – Прилеп.
„За маската користев балони, обвиткани со хартија и зрна грав, како и други материјали, а таа според мојата замисла треба да претставува плашило“, рече Илина Ѓорѓиоска, ученик во ООУ „Кире Гаврилоски“ – Прилеп.
Дел од учениците иако не изработувале маски специјално дојдоа на отворањето на оваа изложба поради нејзината уникатност. Оваа изложба лани за прв пат беше претставена и надвор од Прилеп во Скопје.
„Иако не изработував оваа година маска со задоволство дојдов да видам какви маски изработиле моите соученици и навистина сум импресиониран од нивните идеи“, вели еден од учениците посетители на изложбата.
„И годинава официјално се отвора Карневалот со поставката на маски од сите основни и средни училишта во нашата Општина. Маските се изработени на традиционална база, а главна тематика е да се запази традицијата и да се постави маската како асоцијативен момент на „Мечкарите“. Маските исто така се збогатуваат и со еден современ пристап. Оваа изложба лани беше изложена и во Скопје“, истакна Александар Џинго, наставник.
Изложбата ја отвори градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, кој на учениците им подели и 15 награди за најубави маски.
„Им честитам на сите кои учествуваа на оваа изложба и им честитам на сите кои добија награди и им посакувам да продолжат и понатаму да бидат креативни, да творат и да ја одржуваат традицијата и овој голем карневал за Прилеп. Локалната самоуправа има сериозна идеја, која би се реализирала за една до две години, да направи музеј на маски кои ќе биде во чест на креативноста, иновативноста, шегата и мајтапот во Прилеп, музеј кој ќе потсетува на сите карневалски години во нашиот град“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
„Секоја година сведоци сме на се поубави креации на маски, кои имаат и доста висок квалитет и уменитички вредности и бројот на маските кои учествуваат на оваа изложба секоја година е се поголем и поголем“, додаде Снеже Ристески, советник за култура во Општина Прилеп.
Одбележувањето на Карневалот продолжува утре со научна конференција насловена како „Обреди и фестивали под маски на балканот: традиција, состојба, тенденција“, која ќе се одржи во хотелот Кристал Палас. Гости, учесници на конференцијата се пријавени од Србија, Бугарија и Македонија, додека реферати ќе има и од етнолози од Словенија, Хрватска и Грција.
Потоа утре со почеток во 12.30ч. ќе биде парадата на учесниците до 14 години, на плоштадот Методија Андонов Ченто, каде што покрај дефилето ќе има куклено шоу, магионичари, жонглерски и други атракции за сето тоа да заврши со заедничка забава.
Централниот настан на Карневалот ќе биде меѓународното дефиле кое ќе се одржи во недела, на кое ќе се претстават бројни групни и поединечни маски, а стартот е од ЦК „Марко Цепенков. Трасата ќе се движи се до плоштадот „Методија Андонов Ченто“ каде што ќе биде главното претставување со изведена кореографија и музика./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски: За два дена од Скопје се исчисти над четири и пол илјади тони отпад, скопјани имаат човек на кој може да се потпрат
Над четири и пол илјади тони отпад или четири до пет пати повеќе од секој вообичаен викенд што се собирало во Скопје се собрани во акцијата за чистење што ја почна новиот градононачалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски веднаш по преземањето на градоначалничката функција.
Во изјава дадена вечерва на плоштадот „Македонија“ по изминувањето на 72 часа, Ѓорѓиевски рече дека акцијата е успешно реализирана и дека во неа биле вклучени над две и пол илјади работници.
– Успешно ја завршивме оваа акивност на која се обврзавме дека ќе ја реализираме во 72 часа, иако состојбата на почетокот беше нереално да ја изведеме и сработиме како задача што самите си ја поставивме бидејќи беа десеткувани структурите во јавните претпријатија од аспект на организацијата и механизацијата со која располагаат. Кога ја презедов функцијата известив дека Комунална Хигиена имаше 16 камиони, денеска имаме повеќе од 40 камиони, но нашата тенденција е до петок да бидат околу 60 функционални камиони што значи дека ќе бидеме целосно самостојно оперативни. Изминатиот период тоа го бајпасиравме и со општествено одговорни компании кои сериозно ни помогнаа, како и градоначалниците на Тетово, Кавадарци, Штип, Велес и останатите, изјави Ѓорѓиевски.
Како што информираше, исчистени се сите микролокации во населените места, плоштадот „Македонија, Градскиот парк, Жена парк, речното корито на Вардар, депонијата кај Градските гробишта Бутел, а почнато е чистењето и на депонијата Вардариште.
– Освен микродепониите, исчистено е и речното корито на Вардар и после 10-тина години вештачки создадените островчиња од земја и разни наноси се исчистени. Плоштадот не беше испран долго време, третирано е и целото партерно уредување, мостот, Градскиот парк, Жена парк, односно сите места кои во минатото беа срам за Скопје. Нема да дозволам да се повтори грдата слика што ја гледавме во Скопје, нагласи Ѓорѓиевски.
Најави дека се прави оперативен план за дејствување и во следниот период и оти фокусот во зимскиот период ќе биде на решавање на овие состојби, а веќе напролет ќе почнат градежните активности.
– Скопјани да бидат спокојни, имаат човек на кој може да се потпрат во секое време и човек кој апсолутно ќе даде се од себе заедно со својот тим во наредниот период да не поминуваат низ голгота каква што имавме изминатите четири години, рече Ѓорѓиевски.
Македонија
Ѓорѓиевски со предупредување до граѓаните, ќе се казнува секој што ќе фрла отпад
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави дека акцијата за чистење „72 часа“ се одвива одлично, со цел градот да изгледа „чисто, како што му доликува“.
Ѓорѓиевски рече дека во акцијата вклучени се повеќе од 2.500 луѓе и над 100 возила.
Градоначалникот упати апел до граѓаните за одговорно однесување, предупредувајќи дека несовесното одложување на отпад нема да се толерира.
„Досега напишани се десетици казни на неколку правни субјекти, а оваа пракса ќе продолжи за секој оној кој го загрозува нашето здравје. Да го чуваме Скопје,“ порача Ѓорѓиевски.
Македонија
Почнува откупот на тутунот
Привршуваат подготовките за стартот на откупот на тутунот, кој законски почнува од 15 ноември и трае до 28 февруари наредната година.
Според Кире Ристески, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија, останува 10-те откупувачи кои треба да преземат околу 22 000 тони тутун да ги верификуваат мострите, да ги истакнат на 17 ноември, и од 18 ноември да ги отворат вратите на откупните пунктови во земјава.
„Од понеделник почнуваат да се верификуваат мосттрите тутун во Институтот за тутун во Прилеп. Тоа ќе трае до петок, 14 ноември. Од понеделник, 17 ноември, откупните компании ќе може да ги подигнат и на 18 ноември може да ги отворат пунктовите. Ние како Сојуз сме подготвени да почне откупот на тутунот. Имаме капацитет, односно повереници, за да ги покриеме сите ваги, а годинава во земјава се 337 откупни ваги што е најмногу досега, така што се очекува тутунот да се купи што побрзо и со добар квалитет“, изјави Ристески.
Сојузот сѐ уште преговара за повисоки цени, но Ристески смета дека тутунот ќе биде подобро платен од лани.
„Со компаниите преговараме, но може да тврдам дека поради високиот квалитет на тутунот ќе биде подобро платен од ланската реколта“, смета Ристески.
Поради сушата родот е намален. Откупувачите очекуваа 26 000 тони, но реколтата може да тежи најмногу до 22 000 тони, сметаат од Сојузот.
Јусуф Ибраими, тутунопроизводител од долненското село Житоше со нетрпение чека да почне откупот на тутунот. Има околу 3,5 тони квалитетен род кој, се надева, ќе постигне повисока цена, иако сушата ги намали приносите.
„Иако ги зголемивме површините годинава, сушата во летото го зеде данокот. Малку се подобри ситуацијата, за 10-ина проценти, со дождовите во септември и родот ми е околу 3,5 тони. Очекувам да постигнам повисока цена од ланската“, рече Ибраими.
Со неодамнешните измени во Законот за тутун, се забранува увоз на тутун во текот на откупната кампања, од 15 ноември до 28 февруари.

