Македонија
Со караница помеѓу обвинетиот Бојан Јовановски и судијката заврши рочиштето за Меѓународниот сојуз

Со караница помеѓу обвинетиот Бојан Јовановски и судијката Софче Гаврилова-Ефремова заврши рочиштето за Меѓународниот сојуз
Јовановски побара нејзино изземање од процесот во кој му се суди, а в.д. претседателот на судот, Иван Џолев, го нарече корумпиран. Откога неколкупати го прекина во неговото излагање, судијката Гаврилова-Ефремова ѝ нареди на затворската полиција да го изнесе Јовановски од судницата.
Караницата почна кога обвинетиот се објаснуваше дека недостигаат материјали од неговиот телефон, кој го вештачеше МВР, и дека не е виновен што тие не се презентирани бидејќи форензичкото вештачење го добил летото.
„Ќе ви дадам еден податок што судот го знае колку и јас. Копијата на судот му е дадена во јуни 2021 година. Тоа се месеци на годишни одмори“, рече Јовановски по што судијката го прекина со образложение дека тоа веќе го кажал неговиот адвокат Сашко Дуковски, а Јовановски продолжи: „Вие имате константна потреба да ме цензурирате. Вие постојано ме цензурирате. Само тоа што ви одговара го кажувате“.
На ова возврати судијката Гаврилова-Ефремова: „Судот дава и одзема збор. Овде се зборува конструктивно. Обврзна сум да нема дефокусирање на главната расправа“, на што Јовановски возврати: „Мене две години што ме тероризира јавноста, тоа нема врска. Само вас кога ви одговара, тогаш се споменува јавноста“.
По ова, следуваше ново барање за изземање на судијката од страна на Бојан Јовановски.
„Судијката Софче Гаврилова-Ефремова, апелирам до в.д. претседателот на овој суд, иако имам недоверба и кон него, апелирам најсериозно да ги земе предвид сите овие наводи за крајно тенденциозно однесување од страна на судијката, и тоа: на секое рочиште за главна расправа судијката ми предизвикува психички стрес поради тенденциозното, малициозно, анимозитетно однесувсње единствено кон мене како обвинет и странка во постапка. На минатото рочиште ми беше одземено правото да побарам изземање со образложение тоа да го направам писмено, а требало под нови околности. Но, тоа треба да го цени друг, а не судијката за која барам изземање. Со оглед дека се наоѓам во пенални услови да не можам писмено да побарам и да ги остварам правата…“, рече Јовановски.
Судијката Гаврилова-Ефремова го прекина во неговото излагање и посочи: „Сите што издржуваат затвор имаат право и во судот пристигнуваат писмени поднесоци“, по што Јовановски додаде: „Со блиска роднина, сестра на судечкиот судија, сум бил во пријателски односи, нека го провери тоа“.
„Јас немам сестра. Или не знам до сега дека имам. На обвинетиот му укажувам дека сите други причини во однос на барањето за изземање да бидат писмено доставени“, рече Софче Гаврилова-Ефремова.
Јовановски возврати: „Јас реков близок роднина, женско лице. Можам да ви ја донесам на следното рочиште“.
Судијката го прекина обвинетиот Бојан Јовановски со барање од затворската полиција да го изнесат од судот.
„Изнесете го обвинетиот од судот“, рече судијката со барање писмено да се произнесе за неговото барање за изземање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Ахмети запеа пред вечерашниот спектакл, Груби објави снимка

Првиот заменик-премиер Артан Груби на социјалната мрежа „Фејсбук“ објави видео на кое заеднички пеат лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и пејачот Илир Шаќири.
Претходно, првиот вицепремиер Артан Груби на својот фејсбук-профил го најави големиот митинг закажан за денеска во Чаир, на кој ќе присуствува и Али Ахмети. Премиерот Димитар Ковачевски ѝ посака успех на ДУИ на вечерашната трибина на партијата во Чаир запрашан за тоа како го коментира собирот.
Македонија
Османи ги запозна невладините организации со стратешкиот дијалог меѓу Македонија и САД

Во рамките на серијата средби на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, со претставници од граѓанскиот сектор, на денешниот брифинг ги запозна невладините организации со значењето и придобивките од стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД, лансиран во јуни минатата година во Вашингтон.
Во фокус на разговорите беа можностите за соработка со невладиниот сектор во делот на имплементацијата на планот за активности во рамките на стратешкиот дијалог, кој покрива многубројни области за соработка, како што се: борбата против корупцијата и владеењето на правото, одбрана и безбедност, трговија и инвестиции, енергетика и животна средина, но и други значајни прашања од регионален и глобален интерес.
Воедно, Османи истакна дека е предвидено споменатиот план да се имплементира од страна на разни институции во земјата во периодот од 2023 до 2033 година, при што Министерството за надворешни работи е координатор на целокупниот процес.
„Планот за активности во рамките на стратешкиот дијалог со САД содржи многубројни проекти и активности чија реализација ќе придонесе за понатамошно поттикнување на демократските и реформските процеси, како и зајакнување на институциите, а со тоа гарантирање на целокупниот напредок на државата. Отворени сме за соработка со граѓанскиот сектор и на ова поле, што е на линија на нашата досегашна транспарентност и заложби за зајакнување на улогата на невладините организации во креирањето на надворешната политика“, заклучи Османи.
Македонија
(Видео) Бизнисмен призна вина во „Империја“, Панделески не го разбира ниту обвинението, брокерот ќе размислува

Еден бизнисмен призна вина на првото рочиште за „Империја“, друг ќе докажува дека е невин, а третиот бараше и доби одложување на судењето за да размисли дали е виновен. Сопственикот на компанијата „Езимит“, Зоранчо Митревски, посочи дека чувствува вина за делата што му се ставаат на товар. Сопственикот на „Пелистерка“, Цветан Панделески, и пред судот рече дека не е виновен. Берзанскиот брокер Јованче Тасковски на следното рочиште ќе се произнесе за вина.
„Се чувствувам виновен за злоупотреба на службената положба и овластувањето. Се чувствувам виновен и за перење пари и други приноси. Признанието го давам доброволно, не сум прислиен, здравствената состојба ми е одлична“, изјави бизнисменот Зоранчо Митревски, сопственик на „Езимит“.
Панделески не призна вина, а ниту го разбира обвинението.
„Обвинението не можам да го разберам, не се чувствувам виновен. Со оглед дека многу адвокати и правници не може да го разберат, не барајте од мене, економист, да го разберам. Таму пишува по претходни договори, за кои не се наведени настан, време, место“, рече Панделески.
Беше побарана пауза по која се бараше одложување на рочиштето.
„Се консултирав со клиентот. Условно кажано, тој се двоуми да признае, но и да не признае вина поради тоа што се работи за специфичен кривично-правен настан. На клиентот му кажав дека има трошоци на постапката, а тој не може да ги покрие. На Тасковски му треба временски период за тоа да се консултира со своите членови на семејството“, рече Мерџан Даути, адвокат на Тасковски.
Судијката Васка Николовска-Масевска дозволи одлагање на рочиштето.
„Се дозволува одлагање“, рече судијката.
Од 19 лица, кои беа опфатени во предистражната постапка, само овие тројца осомничени ќе ја докажуваат невиноста пред суд. Панделески се гони за злоупотреба на службената положба, перење пари и за измама. Митревски се гони за злоупотреба на службената положба и овластувањето и за перење пари. Брокерот Тасковски се гони за овие две дела, како и за измама.
Претходно, обвинителката Лиле Стефанова пред судот рече дека има докази со кои ќе докаже вина кај сите обвинети.