Македонија
Со мерките за загаденоста, властите се борат со последиците наместо со проблемот

Над 150 деца во моментов се хоспитализирани на Детската клиника, а голем дел од нив се соочуваат со респираторни нарушувања поради загадениот воздух. Кај оние кои страдаат од астма, здравствената состојба им се влошува кога воздухот е загаден, а голем дел од децата се примени на клиниката поради бронхо-опструкции.
Иако Градот Скопје и Владата излегоа со препораки и мерки против алармантното загадување на воздухот, активистите за заштита на животната средина не се задоволни од начинот на кој државните институции се справуваат со овој проблем.
Македонскиот Устав предвидува дека „секој човек има право на здрава животна средина, а Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина“, но нема никаква одговорност за кршењето на Уставот – досега не е утврдено ниту на што се должи енормното загадување на воздухот во земјава, а нема ниту конкретни мерки за намалување на аерозагадувањето. Она што може да се види на дело е борба со последиците, а не и со причините.
Има пожар, а Градот ангажира доброволци да плукаат за да го изгаснат
Драгана Велковска, активистка за заштита на животната средина и советник во Градот Скопје од „Левица“ вели дека денешните прогласени мерки на Градот се доказ дека сме општество на парадоски.
„Кога гледам дека главна мерка која ќе ја спроведе Градот е „бесплатен јавен превоз“, тоа за мене е еден од главните докази дека сме општество на парадокси, кое којзнае дали ќе доживее да види челници кои се правични, кои имаат и знаење и волја за напорна работа. Според студијата на МАНУ и студијата на УГД и Фармахем презентирани во организација на Град Скопје, загадувањето со РМ10 честици најмалку се должи на сообраќајот, што значи уделот на сообраќајот во загадувањето со РМ10 е толку минорен што и целиот сообраќај да застане нема да има значителен ефект врз концентрацијата на РМ10 честиците. Паралела на ова би било: избувнува пожар и Градот ангажира доброволци да плукаат за да го изгасат“, вели Велковска.
Според неа, недозволиво е да се водат контрадикторни политики: да им се прогледува низ прсти на големите загадувачи затоа што тие „ја држат“ економијата; да се дозволува уништување на зелени површини во корист на урбаната мафија; да не се работи на градска стратегија за искористување на обновливи извори на енергија зашто гасот не е решение туку е дел од проблемот; да се уништуваат белите дробови на Скопје за гасовод кој нема ни да го напојува главниот град.
„На овој град и на оваа земја им се потребни прецизни нефингирани мерења за лоцирање на сите загадувачи и нивна систематизација, приземна и веднаш спроведлива стратегија за постапување по добиените резултати со крајна цел доведување на загадувањето до гол минимум во склад со европските критериуми“, вели Велковска.
Децата се најзагрозена, но не и единствена категорија граѓани чие здравје се нарушува поради загаденоста
Д-р Мими Кимовска Христов, педијатар и еко-активист, вели дека најзагрозената категорија лица од аерозагадувањето се децата, а се уште во секое основно училиште не се поставени прочистувачи на воздух, иако податокот е дека внатрешно-амбиенталниот воздух достигнува и до концентрација од 600 ПМ10 честички на метар кубен.
„Владата и Градот Скопје треба да излезат и со конкретни препораки за загрозените категории лица, како на пример оние со хронични заболувања, заболувања на циркулаторниот систем, лицата со ХОББ, а секако и бремените жени кои поради загаденоста на воздухот подлежат на ризик од абортуси и предвремени породувања. Дали институциите имаат план за можните последици по се уште незачнатите плодови, бидејќи докажано е дека загадениот вопздух има и огромно влијание при настанувањето на мутации кај луѓето што ќе се одрази на следните генерации“, прашува Кимовска Христов.
Таа вели дека е свесна дека сето она што се прави не го решава проблемот, туку само ги лечи последиците, но сепак упатува дека во вакви ситуации, децата и возрасните треба да носат маски со карбон-филтер при престој на отворено, да се избегнуваат спортски активности надвор додека е загадено, а сите што се во можност да се снабдат со прочистувачи на воздух во своите домови.
За првпат завчера Скопје се најде на прво место како најзагаден град во светот. Екстремно високо беше загадувањето и вчера, кога речиси и да немаше дел од земјава со вредност на ПМ10 честички во рамките на нормалата, односно максимални 50 микрограми на метар кубен.
Вечерва аерозагадувањето е намалено за нијанса, но се уште е над предвидените нормални вредности.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Апелирам Македонците од Албанија масовно да учествуваат во пописот, порача Мицкоски

Додека се случуваат сите овие проблеми, пропагандите на соседите никогаш не престанаа. Додека оваа власт не убедува во придобивките од добрососедскиот договор кои самите го склучија, Бугарија тера отворена пропаганда против Македонија и како тоа да не е доволно, овие денови тие вршат жесток притисок и терор при пописот во Албанија, македонското малцинство да се впишува како етнички Бугари. И сега познати ни се намерите на бугарската политика, но необјаснив е молкот на македонската власт. Да бидам искрен не очекувам дека Али Ахмети ќе се прекрши за Македонците во Албанија, но барем Ковачевски да преземе мерки и да реагира на ваквиот отворен притисок за асимилација која гледаат како им се случува пред очи, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски говорејќи од Велес.
Мицкоски ги повика Македонците да бидат дел од пописот во Албанија.
„Од овде, од срцето на Македонија јавно повикувам и апелирам Македонците од Албанија да излезат и да се попишат како Македонци, она што со векови биле и ќе продолжат да бидат. Апелирам дека сега е моментот да не потклекнуваат, и одговорот на сите туѓи пропаганди да биде масовност. Следуваат промени во Македонија и како Македонци и Македонија како нивна држава од која тие влечат потекло, ќе им помогне во иднина, и ќе ни биде полесно повеќе да се вклучиме во поддршката за развој и негување на македонските особености и култура. Апелирам сега кога притисоците и заканите се методот со кој Бугарија врши пропаганда, одговорот на Македонците од Албанија да биде масовност на пописот“, кажа Мицкоски.
Според него она што се случува во политиката тука во Македонија, се уставните измени.
„Позади измените на Кривичниот законик, амнестијата која сами си ја гласаа, и оние јавни превирања и препукувања со сеништата од минатото, се основата на валканиот план на Владата, валканиот план на власта се само уставни измени. Бидејќи ја знаат непопустливоста на пратениците, ја знаат и одлучноста на раководството на ВМРО-ДПМНЕ и народот против прифаќање на бугарски диктати, тие пробуваат да создадат непринципиелни коалиции кои би можеле да доведат до уставни измени. Иако шансите реално тие да се случат не се ни ниту теоретски“, заклучи Мицкоски.
Македонија
Мицкоски му посака добро здравје на Груевски: „И’ заби нож во грб на сопствената партија“

Морам да кажам дека како човек оваа јавна преписка со поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ не ме прави среќен, ниту ова е битка која ја одбрав јас, но недвојбено никој не треба да ја тестира мојата определба да се опстои на нашите ставови дека прифаќање на диктати не доаѓаат во предвид по ниту една цена. Ниту пак дека тоа може да помине низ мала врата или било каква комбинација. Морам да кажам дека сум длабоко разочаран од неговото однесување. Долго време јавно одбегнував да се произнесам за тоа, и за многу, многу други работи кои ми се случуваа мене и на моите најблиски соработници во битката ВМРО-ДПМНЕ да ја ставиме на здрави нозе и она што е денес силна структура на прагот на најголемата победа. Се до извесен период, иако немав и немам никакви контакти, мислев дека делиме иста цел. Патот до оваа цел ВМРО-ДПМНЕ силно и обединето беше трновит, со многу удари, и мене како човек ми е предизвик да се борам против оваа власт и да бидам рамо до рамо со мојот народ во битката да ги смениме, но морам да кажам дека воопшто не ми беше лесно, ниту сеедно да ги примам ударите внатре, од луѓето со кои сум мислел дека делиме иста кауза, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски говорејќи за поранешниот претседател на партијата.
Не можам никако да разберам, додаде Мицкоски, „како воопшто е возможно да се уортачи било кој со истите кои ја предизвикаа и се причина за сите неволји, па дури и неговите лични, прогони и предавства кои се случија на Македонија, да дели УСБ-а и писма по кабинетите на ДУИ, да има непринципиелни разговори“.
„За многу работи од внатрешните работи со поранешниот претседател нема да говорам и ќе оставам историјата да суди, за многу работи ќе се послужам со онаа народната „ти кон мене со клетви, јас со благослови“, но немојте никогаш и никој да ја тестира нашата одлучност да ги браниме нашите ставови, ниту пак намерата да не отстапиме во работите кои веруваме или пак било како да го разочарам народот“, рече Мицкоски.
Според него чудно е проклетството на историјата.
„Чудно е тоа проклетство на историјата, човекот кој збореше за нож во грб, и разни ножиња да стане токму тоа за сопствената партија. Мене не ми беше цел да влезам во конфликт и јавна преписка со него, но овој валкан план мораше да го знае јавноста. И ова е вистински последниот пат кога се осврнувам на оваа тема и нема повеќе да говорам за ова зошто имаме работа, а тоа е пад на оваа криминална Влада. Јас му посакувам добро здравје, добра среќа и да не го прави на другите тоа што нему не сака да му го прават. Имаме работа, нашиот противник е оваа криминална Влада на чело со СДСМ и ДУИ“, заклучи Мицкоски.
Македонија
Мицкоски: Ајде на избори, цунами има да им се случи, ќе ги оддува торнадо

„Ги слушам оние прозивки од СДС дека сме биле разединети и со конфликти, тие кои не смеат ниту името на нивниот поранешен претседател да го кажат. Епа еве една порака до нив и до нивните лакеи и до сите оние подлизурковци кои што мислат дека ВМРО-ДПМНЕ на овој начин ќе се раздели ќе се подели има еден начин да тестирате и да се соочите со вистината, ајде на избори“, повика претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната конференција на УМС на ВМРО-ДПМНЕ во Велес.
„Еве ако ВМРО-ДПМНЕ е навистина така поделено како што вие викате, ајде избори тоа е единствениот начин како ќе покажете и докажете дека тоа што го зборувате е вистина. Но, тоа вие обични кукавици нема да го направите. Затоа што знаете како ќе поминете. Ќе ве разбиеме сите на купче и СДС и ДУИ. Цунами ќе ви се случи, ќе ве оддува торнадо, затоа што позади нас стои народ, и народ ќе ви се случи“, порача Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека на избори ВМРО-ДПМНЕ сите на купче и СДС и ДУИ ќе ги разбие. Цунами има да им се случи, ќе ги оддува торнадо, затоа што позади ВМРО-ДПМНЕ стои народ.
„Ќе ве победиме силно затоа што ја претеравте. Затоа што камен на камен не оставивте. Ајде на избори. Да видите што е сила и посветеност“, повика Мицкоски.