Македонија
Спасовски во Прага: Чешката и македонската полиција одлично се справуваат со нелегалната миграција

Денеска во рамки на работниот престој на Чешката Република на министерот Оливер Спасовски, каде учествува на Министерската конференција во рамки на Прашкиот процес, тој оствари билатерална средба со неговиот чешки колега и прв заменик премиер, Вит Ракушан.
Оваа средба меѓу министрите за внатрешни работи на двете земји претставува потврда на заложбите за искрена меѓусебна соработка и несебична поддршка, која е на највисоко ниво. Министерот Спасовски упати благодарност до министерот Ракушан за поддршката која Чешката Република ја дава на Министерството за внатрешни работи, преку донации за унапредување на капацитетите на полицијата и зголемување на ефикасноста, како и во справување со илегалната миграција на јужната граница, преку постојано испраќање на чешки полициски службеници, која започна уште во екот на мигрантската криза, што придонесува за зачувување и на границите на ЕУ и безбедноста на европските граѓани.
„Професионализмот и искуството кои чешките полициски службеници несебично ги споделуваат со своите македонски колеги, заслужуваат голема почит и за нас се од непроценливо значење, што постојано е нагласувано и од раководниот кадар на нашата гранична полиција“, истакна Спасовски.
И двајцата министри се согласија дека чешката и македонската полиција одлично се справуваат со нелегалната миграција, што е од особено значење, имајќи предвид дека справувањето со миграцијата на јужната граница на Република Северна Македонија во суштина значи обезбедување и на границите на ЕУ.
Спасовски упати покана до министерот Ракушан за учество на Министерската конференција во рамки на чешкото претседавање со Советот на ЕУ во заедничка организација и поддршка на Меѓународната организација за миграција на тема „Одржливо управување со миграцијата во Западен Балкан“, која ќе се одржи во Скопје кон средината на идниот месец, како и лична покана за официјална средба во Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија.
Ракушан, изразувајќи благодарност, ја прифати поканата од Спасовски, со увереност дека интензивната соработка меѓу двете министерства ќе продолжи и во иднина со несмалено темпо, потенцирајќи дека ваквите работни средби, како оваа во Прага, но и таа што следува во Скопје, се одлична можност за отворање на нови поглавја преку конкретни предлози за нејзино натамошно унапредување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со меѓусебни обвинувања за убиецот на Вања

Партиите и денеска со меѓусебни обвинувања за тоа со кого бил близок Љупчо Палевски, убиецот на малата Вања.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Спасовски и власта замижувајќи пред поведението на Палевски, создадоа монструозен лик кој се товари за две свирепи убиства, на велешанецот Панче и за малата Вања. Додаваат дека „Овие две убиства ќе им тежат на совеста на Спасовски и власта од повеќе причини“.
„Затоа што дозволија Палевски да сее омраза, да навредува, да се заканува и да клевети преку своите поткасти и гостувања на интернет порталот и за сето тоа да помине несанкциониран, ниту пак било кој од порталот или институциите да го опомене. Тоа го охрабри да почне да рекетира и да уценува, па дури и да убива. Власта на Ковачевски и Спасовски сето тоа го одмолча, мислејќи дека така и создава опозиција на опозицијата.
Друго, затоа што Палевски и неговата екипа кои сега се обвинети за монструозните убиства, пред 7 месеци биле откриени како копаат артефакти во Демир Капија и како со себе имале нелегално оружје. Доколку биле казнети тогаш, немаше да дојде до убиствата кои се случија сега.
Дополнително, Спасовски и власта треба на јавноста да и одговори зошто не се преземени сите мерки во истрагата после исчезнувањето на велешанецот Панче и неговото возило, со кое потоа е направено грабнувањето на малата Вања, иако било пријавено до полицијата? Зошто истото не било лоцирано во Скопје со системот Сејф Сити пред или веднаш после исчезнувањето на девојчето? Од МВР со денови молчат и не кажуваат дали е точно дека возилото било 3 дена во Скопје пред да се случи грабнувањето на девојчето, а истото возило било претходно пријавено како исчезнато заедно со сопственикот Панче Жежовски?
Молкот на Спасовски и власта покажува дека оваа трагедија се случи заради неказнивоста кон Палевски поради неговата заштита која ја уживал во партиски и полициски структури на СДС, поради тоа што после толку сеење на омраза и создавање на токсична атмосфера се почуствувал охрабрен да стори вакво дело и поради тоа што постојат серија пропусти во истрагата уште после пријавувањето на исчезнувањето на првото лице, велешанецот Панче и неговиот автомобил“, пишуваат од партијата.
Од СДСМ, пак, бараат Мицкоски да излезе пред граѓаните и да одговори, што се договарале на средбите со Палевски.
„Палевски, кој е осомничен за двојното убиство што ја потресе целата македонска јавност, беше близок соработник на режимот на ДПМНЕ и јавно го поддржуваше Мицкоски, но и нивниот коалициски партнер Левица.
Со радикални ставови, Палевски беше алатка на ДПМНЕ во црна кампања против СДСМ но и против се што означува демократија во Македонија и за подгревање етнички тензии.
Неговата маргинална политичка партија со радикална и проруска ориентација е производ и алатка на политиките на преќутна агресија од страна на ДПМНЕ во изминативе две децении.
Како дел од Бојкотирам заедно со ДПМНЕ и Левица беа против членството во НАТО.
Беа и дел од насилните протести против францускиот предлог и поставуваа гилотина пред Собранието.
Надлежните органи, пред се Јавното обвинителство согласно законот имаат обврска да ги истражат односите на Палевски со сите негови соработници, вклучително и Мицкоски“, вели владејачката партија.
Македонија
(Фото) Спречен шверц на повеќе од 500 делови за камиони

Вкупно 516 различни делови за камиони се запленети од страна на царинските службеници на граничниот премин Богородица.
Обидот за нелегален внес на делови за камиони е откриен од страна на царинските службеници на влез на граничниот премин Богородица. Возачот на камионот, против кој е поднесена прекршочна постапка, се обидел да ги прошверцува деловите за камиони, криејќи ги во различни делови на возилото.
За време на контролата, во внатрешноста на задните седишта, под и помеѓу седиштата, и во багажникот кај резервната гума се пронајдени вкупно 516 различни делови за камиони.
Меѓу непријавените делови се комплети плочки за кочење, лед фарови, задни штопови, кочиони цилиндри, стакла за фар, сетови кумплуг, разни светлосни обележувачи за приколки, како и други делови.
Во друг случај на царинска испостава Струмица е запленето едно АТВ возило, кое е откриено од страна на царинските службеници при контрола на стока пријавена за увозно царинење.
Возилото кое не е опфатено со увозната декларација е задржано, а против увозникот е поведена прекршочна постапка
Македонија
ЦУК: Најбарана Итната медицинска помош со 51% од реалните повици на 112

Во Центарот за управување со кризи, според последниот извештај, имало вкупно 1.323 повици на Единствениот број за итни случаи 112. „Реални“ повици за итни случаи биле 39,91%, а 60,09% други, именувани како „неитни повици“, што биле за други потреби на граѓаните или едноставно не биле итни. Со примањето во ЦУК на овие „други“ повици се растоваруваат од непродуктивни за нив, службите институциите во Системот за управување со кризи коишто се за итно интервенирање.
Распределбата, согласно генералната природа на настаните, била следната: кон Полиција биле упатени 42,86% од повиците од 112 во ЦУК, кон Итната медицинска помош 51,02%, кон пожарникарите биле упатени 3,40%, а кон АМСМ 0,44%.
Кон Центарот за управување со кризи имало 2,72% од „реалните“ повици за итни случаи што се за комбинирано решавање, што секако, заедно со другите 60,09% неитни повици“, биле предмет на примање и обработка од дежурните оперативци во Секторот Е-112 во содејство со Секторот за операции и координација во ЦУК.