Македонија
Спасовски за германски весник: Бегалски кампови во државата нема да има додека не станеме членка на ЕУ

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за германскиот дневен весник Neue OZ, одговарајќи на прашањето зошто е потребна поддршка од европската агенција Фронтекс во делот на управувањето со границите, истакна:
„Северна Македонија се наоѓа на многу посебна географска положба. Мигрантите патуваат од Грција, ЕУ-држава, низ земја што не е членка на ЕУ, а потоа повторно влегуваат во ЕУ. Ова е предизвик за Северна Македонија и за Европската Унија. Затоа, логично е да соработуваме со ЕУ на граница. Патем, ова не е ништо ново за нас. Седум години соработуваме со земјите од ЕУ за управување со границите. Распоредувањето на Фронтекс е логичен развој на оваа соработка“, рече Спасовски.
Спасовски беше дециден во однос на прашањето за можен бегалски камп на ЕУ на македонска територија:
„Нашиот став е многу јасен: во Северна Македонија не се спроведуваат процедури за азил за другите земји на ЕУ и тоа нема да се промени. Ако Северна Македонија стане дел од Европската Унија, ова може да се промени. Но, сè додека тоа не е така, таквите центри ќе останат исклучени“, истакна Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЛДП: Ден на огромна тага, бараме доживотна казна за убијците на Вања и Панче

Со огромна тага и неверување изразуваме сочувство за семејствата на Вања и Панче, двајцата невини луѓе чии животи беа одземени на грозоморен начин, велат од ЛДП.
Бараат да се изрече доживотна казна затвор за сторителите на овој чин.
„Надлежните институции, Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство работеа интензивно и професионално во насока на целосно расветлување на случајот и ги пронајдоа сторителите на ова грозоморно злосторство, со што покажаа посветеност и професионалност на високо ниво.
Токму од тие причини, апелираме случаите да не се политизираат и преку нив да не се собираат политички поени, туку да се остават органите на прогон да ја вршат својата должност на висина на задачата.
Дополнително, апелираме и да не се шират дезинформации во врска со случаите, со цел да ги заштитиме фамилиите на починатите“, велат од партијата.
Македонија
Европскиот сојуз за промени ја напушти лидерската откако излегол и Џафери; „Веќе подготвуваат сценарио за фалсификување на изборите“, оценува Меџити

Лидерите на Европскиот сојуз за промени, Африм Гаши, Билал Касами и Изет Меџити ја напуштиле лидерската средба која беше свикана денеска а во фокусот се актуелни политички прашања од значење за претстојните редовни претседателски и парламентарни избори, како и од важност за европските перспективи за државата.
На состанокот опозицискиот албански блок ги изнел своите ставови пред присутните, но како што информираше Изет Меџити, кога стасале до точката за член на ДИК, собранискиот спикер Џафери ја напуштил средбата, па и тие оцениле дека треба да заминат, бидејќи како што рече Меџити, немало со кого да ги соочат аргументите.
14 и 28 април се посочуваат како датуми од овој опозициски сојуз за изборниот процес.
„14 и 28 април, значи на 28 да биде вториот круг на претседателски и парламанетарни избори, заедно за да се запазат роковите да не влеземе во ситуација каде што утре, задутре може некој да ги оспори изборите. Во однос на техничката влада, нашиот став е дека треба да има, но овој пат министрите треба да бидат од редовите на албанската опозиција, за еднаш, засекогаш да се отстрани режимот и да има услови за фер и демократски избори. Во однос на членот на ДИК цениме дека Џафери ова го одолговлекува и гледаме интенција да не се избере член“, истакна Меџити.
Упатуваат апел до Џафери да прекине со неговата пракса, оти како што велат, тоа ќе го оценат како обид за фалсификат на наредните парламентарни избори.
„Цениме дека збориме за наредните избори, збориме за европски вредности, а ако на првиот чекор има вакво сопнување, ова ни кажува дека веќе спремаат сценарио за фалсификување на изборите“, рече Меџити.
Тој изрази и сочувство до семејството на трагично загинатата Вања Ѓорчевска, и во врска со овој случај ценат дека Владата споро делувала.
Македонија
Павле Трајанов: Избори без техничка влада

Пратеникот Павле Трајанов од Демократскиот сојуз објави дека на денешната лидерска средба се залагал за избори без техничка влада, Македонија да биде една изборна единица, а вториот круг од претседателските и парламентарните избори да се одржат во исти ден.
„Прво, евроинтеграциските процеси на Македонија се во сериозен застој поради тоа што во изминатите седум години СДСМ и ДУИ не спроведоа темелни реформи во ниту една област, не воспоставија систем на владеење на правото, ја криминализираа државата, а ги партизираа сите институции, почнувајќи од Уставниот суд, па се до најниско ниво. Секојдневно медиумите, невладиниот сектор и политичките партии, објавуваат криминални афери, а надлежните институции ниту еден крупен случај не открија затоа што се блокирани од партиите на власт.
Со измените на Кривичниот законик, ДУИ и СДСМ, го урнисаа правниот систем и обезбедија амнестија за актуелните и поранешни носители на високи функции. Овде покрај партиските интереси, треба да се проучат и коруптивните елементи. Уставните измени со кои се предлага Бугарите да бидат внесени во Уставот, веќе година и шест месеци се користат за манипулација на јавноста и дискредитација на политичките опозициони партии пред меѓународниот фактор.
Во оваа насока без да се менува Преговарачката рамка, предлагам сите партии да побараме од Европската унија, со заклучок на Советот на Европската унија, Македонскиот јазик да биде официјален по приемот на Македонија во ЕУ, билатералните прашања вградени во Преговарачката рамка да не можат да бидат основа за блокада на евроинтеграциите на Македонија и да се задолжи Бугарија да ги имплементира одлуките на Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур во врска со правата на Македонците во Бугарија на здружување и формирање на културни домови, здруженија и политички партии.
Само со вакви гаранции и реципроцитет можеме да ги заштитиме нашите национални и стратешки интереси. Мораме како народ да покажеме цврстина и единство.
Второ, потребни се коренити реформи на изборните правила и создавање на услови за рамноправен политички натпревар. Македонија да биде една изборна единица како темелна основа за промени и демократизација на државата. Измените на Изборниот законик со кој се предлага Македонија да биде една изборна единица, во јуни месец во првата фаза ги гласаа “за” сите партии, што значи има целосен консензус, но сега повторно овие измени се блокирани од ДУИ. Да ги изгласаме овие измени, како и измените предложени од ОБСЕ и ОДХР и да одиме на избори.
Трето, вториот круг од претседателските и парламентарните избори да се одржат во исти ден, сѐ со цел да не се создадат политички и безбедносни проблеми. Техничката (Пржинска) Влада е непотребна и само на власта ѝ одговара да ја релативизира одговорноста за катастрофалните состојби во државата, колапсот на институциите и секојдневниот грабеж на народот.
Инаку, со актуелниот состав на Владата, прекршен е Охридскиот рамковен договор и Уставот на Македонија, за соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници и со технички премиер од редовите на ДУИ, дополнително ќе се наруши етничкиот баланс, што ќе се рефлектира и на меѓуетничките односи.
Мој предлог е оваа Влада, во овој состав, до продолжи со работа до парламентарните избори“, вели Трајанов.