Македонија
Спасовски и Робинсон од Вашингтон: Признание за постигнатите одлични резултати во борбата против трговија со дрога

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во Вашингтон, САД, оствари средба со помошник-државниот секретар, амбасадорот Тод Робинсон, од Бирото за прашања поврзани со спроведување на законите и илегалната трговија со наркотици во рамките на Стејт департментот на САД.
Спасовски истакна дека таа дава значајна можност да се потврдат и зајакнат заемните заложби во борбата против илегалната трговија со наркотици, која е високо поставена на заедничката агенда.
„Токму вашата експертиза и искуството во оваа област се од непроценливо значење за нас и сме благодарни за секаков вид поддршка и соработка што можеме да ја добиеме од Соединетите Американски Држави. Впрочем, за тоа говорат и заеднички координираните акции со ДЕА, а како исклучитено значајни би ги издвоил акциите меѓу македонската и грчката полиција, како и македонската и албанската полиција, односно во рамките на две организирани криминални групи на територијата на Албанија и на територијата на Грција, во кои беа запленети 429 килограми кокаин. Станува збор за акции реализирани по информации на службите од МВР, успешно спроведени во заеднички соработка со полициите од Албанија и Грција”, истакна Спасовски информирајќи го Робинсон за постигнатите високи резултати на МВР во делот на сузбивање недозволена трговија со дрога како најдобри резултати во последните 30 години.
Тој предложи иницијатива за склучување акциски план за реформирање и одржување кривично-правниот систем, како и развивање и воведување на неопходната архитектура за меѓународна контрола на наркотици и прекугранична соработка во областа на спречување на трговијата со дрога. Меѓу другото, тој истакна дека во нашата земја воспоставен е таканаречен фронт за борба против корупцијата, кој не претставува нова институција или збир од повеќе институции, туку, едноставно, – механизам чија цел е осигурување, еднакво функционирање во текот на целиот процес на преземање дејства и отстранување на недостатоците со кои се соочуваме во разните сегменти на сузбивање на овој вид криминал.
„Борбата против криминалот и корупцијата никогаш нема да бидат ефикасни доколку процесните дејства немаат завршница, доколку, ако судот утврди дека некое лице стекнало нешто на криминален начин, тоа не биде одземено и вратено на државата. Поддршката од владата на САД би била повеќе од добредојдена – осигурување еднообразен начин на дејствување на сите надлежни институции во борбата против корупцијата на начин на кој секоја карика во кривично-правниот систем ќе постапува сообразно, последично и ефикасно во согласност со своите законско утврдени надлежности“, рече Спасовски.
Помошник-државниот секретар, амбасадорот Робинсон, изрази задоволство од денешната средба со министерот Спасовски и како одличен познавач на состојбите во регионот беше импресиониран од презентираните достигнувања и му честита на министерот за одличните резултати во борбата против организираниот криминал и дрогата охрабрувајќи го дека и во наредниот период на реформи ја има неговата поддршка и ни стои на располагање во борбата со корупцијата за сѐ што ќе ни биде потребно на тој пат, вклучително и обуки за полициските службеници и експертиза. Робинсон рече дека безрезервно продолжуваат со поддршка и соработка на институциите во Република Северна Македонија во борбата со корупцијата и дека на тој пат Северна Македонија не е сама бидејќи нејзиното место е во ЕУ, а граѓаните тоа одамна го заслужуваат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Едночасовен молк во скопскиот Градски парк за жртвите од пожарот во Кочани

Во скопскиот Градски парк, попладнево, стотина млади се собраа да оддадат почит на жртвите од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани со едночасовен молк.
Како што беше наведено и во најавата од страна на „Студентски пленум” за денешниот собир, граѓаните почнаа да се собираат околу 16 часот, по што едночасовниот молк започна една минута пред 17 часот, односно, симболично, во 16:59 часот.
Минатата недела во пожарот во дискотеката, загинаа 59 лица, а околу 200 лица се здобија со повреди.
Македонија
Подготвен е протокол по кој идната недела ќе бидат пречекани првите пет пациенти кои се лекуваат во странство

Подготвен е протокол според кој идната недела ќе бидат пречекани првите пет пациенти кои што се лекуваат надвор од државата, информираше денеска министерот за здравство Арбен Таравари по состанокот на Кризниот штаб за повредените од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Како што соопшти Таравари, петте пациенти се очекува да пристигнат во среда или четврток, а ќе бидат пречекани од специјални екипи и возила кои ќе се придржуваат до протоколот и информациите за состојбата на пациентите, по што, појасни, ќе ги сместат во болниците од каде биле претходно пуштени пациентите, каде ќе им биде направена првата тријажа.
– Протоколите ќе бидат објавени на нашата веб страна, исто така ќе бидат испратени и до Министерство за надворешни работи и надворешна трговија, како и до сите други држави. Ќе имаме специјални екипи кои што ќе работат со овој протокол кои што ќе се придржуваат до информациите за состојбата на пациентите кои што треба да ги добиеме. Ќе има специјална екипа која што ќе ги прифаќа и специјални возила кои што ќе ги пречекаат и сместуваат во болниците. Првата тријажа ќе се направи во болницата од каде што е пуштен пациентот, па ќе бидат хоспитализирани во болници каде што треба. Доколку нема потреба ќе се пуштаат на домашно лекување, рече Таравари.
Секоја фаза, посочи, има свои компликации и потешкотии, појаснувајќи дека во оваа фаза постои ризик од развивање на инфекции, затоа, рече, состојбата на пациентите може да флуктуира.
– Јас кажувам каква е моменталната состојба на пациентите. Одредени пациенти веќе добиваат антибиотици за да се превенираат тие инфекции, така што се надевам и тие што ќе пристигнат, веќе зборувавме за стерилизирање на автомобилите со кои што ќе дојдат, како и собите каде што ќе се третираат, така што се надеваме на што помалку компликации и подобро здравје на сите тие што ќе се вратат во државата, рече Таравари.
Екипите кои што ќе ги пречекаат пациентите, додаде, ќе бидат од нашата држава, а во зависност од каде и со што ќе доаѓаат, така ќе бидат и пречекувани.
– Екипите кои што ќе ги пречекаат пациентите ќе бидат од нашата држава, во зависност од каде доаѓаат и со што ќе доаѓаат. Доколку доаѓаат со авион, ќе бидат пречекани на Меѓународниот аеродром во Скопје, а ако се од соседните држави, за што мислам дека најдоцна ќе се враќаат бидејќи таму се најтешките пациенти, односно во Србија, Бугарија и Грција, рече Таравари.
Таравари соопшти дека е стабилна состојбата на 55-те пациенти кои се лекуваат во државава, а од 115 пациенти во странство во критична состојба се пет.
Македонија
Таравари: Во македонските болници сите пациенти се во стабилна и добра состојба

По завршување на редовниот состанок на кризниот штаб, министерот за здравство Арбен Таравари информираше за состојбата со пациентите, кои беа повредени во несреќата што се случи во Кочани.
Во македонските болници сите пациенти се во стабилна и добра состојба, рече тој и додаде дека планирано е 9 пациенти да бидат испишани на почеток на неделата, откако ќе им бидат направени сите токсиколошки и психолошки испитувања.
– Надвор од државата се 115 пациенти, во критична состојба продолжуваат да бидат 5 пациенти, но состојбата на пациентите флуктуира. Седми ден е, нула починати. Нема ниту еден пациент кој починал. Очекуваме да се подобрува состојбата. Следната недела имаме најави за враќање на повеќе пациенти во државава – рече Таравари на денешната изјава за медиумите, по завршување на редовниот состанок на кризниот штаб.
Во пожарот во „Пулс“ загинаа 59 лица, а над 200 беа повредени. Трагедијата се случи за време на настап на групата ДНК.