Македонија
Спасовски: Конторолата врз оружјето е силен предуслов за градење безбедни заедници

Конторолата врз оружјето е силен предуслов за градење безбедни заедници и очекувањата се дека двата система ќе помогнат да се превенираат и значително да се намалат понудата, побарувачката и злоупотребата на огненото оружје, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
„Како резултат на посветеното работење на тимовите на МВР и на УНДП, денеска можеме да зборуваме за два информациски система, кои се пуштени во продукција, и етапно се спроведува процес на обука на работните места за полицискиот информациски систем и внесувањето на податоците во системот за регистрација на оружјето“, рече Спасовски.
Тој додаде дека со цел поефикасно користење на новите дигитални алатки, во рамките на проектот беше надградена техничката опрема во МВР. Притоа обезбедени се 127 компјутери, 68 печатачи, 60 скенери и 25 специјални печатачи за дозволи за оружје. Дополнително, над 350 полициски службеници минаа низ процес на обуки за користење на двата система.
„Постоењето брзи и структурирани информации за оружјето е од клучно значење. Активностите во рамките на проектот ги подобрија капацитетите и ефикасноста за борба против криминалот, што директно придонесува за зголемена безбедност на граѓаните. Во поширок контекст, особено се гордеам што преку оваа регионална и национална иницијатива ќе придонесеме за унапредување на владеењето на правото, почитување на човековите права и зголемено учество на земјите во развој во системите на глобалното владеење. Токму овие принципи се во суштината на целите за одржлив развој на Обединетите нации“, рече Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП.
Проектот за зајакнување на институционалните капацитети за борба против нелегалната трговија со оружје во исто време се спроведува во целиот регион како дел од патоказот за контрола на мало и лесно оружје, чија основна цел е да се воспостави систем на контрола на малото и лесно оружје во земјите од Западен Балкан во согласност со европските и меѓународните стандарди.
„Малото и лесно оружје претставува сериозна опасност за безбедноста во регионот. Северна Македонија соодветно и со голем успех е посветена на постојано подобрување на практиките поврзани со малото и лесно оружје. Германија во голема мера ги цени овие напори и останува посветена да придонесе во процесот“, изјави Ото Граф, заменик-амабасадор на Сојузна Република Германија.
Резултатите од проектот беа нотирани и во извештајот на Европската Унија за напредокот на земјата во 2021 година, каде што е посочено дека софтверот за регистрација на оружје придонесува за полесна идентификација и следење на огненото оружје, беше посочено на настанот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нуредини: Првите седум контејнери со линдан излегоа од државата

Првите седум контејнери со чист линдан, секој од нив тежок по 22-26 тони, вчера попладне излегоа од ОХИС и тргнаа на пат кон солунското пристаниште од каде ќе заминат за Франција, информира Министерството за животна средина.
„Со ова започна транспортот на опасниот историски отпад од малата депонија од поранешниот индустриски гигант ОХИС. Како што беше посветено посебно внимание на безбедноста на самиот процес на ископување на линданот и неговите изомери складирани во малата депонија на поранешниот гигант ОХИС, исто така координирано, прецизно и крајно внимателно, со особено залагање на искусни професионалци кои си ја знаат својата работа до најситен детаљ, беше извршена подготовката за транспорт што подразбира пакување и товарање и самото транспортирање“, изјави Нуредини.
Целиот процес, појасни тој, се водеше со посебна внимателност и почитување на меѓународната регулатива за прекуграничен транспорт на опасен отпад по Базелска конвенција и сега е најважно оваа пратка да стигне безбедно до крајната дестинација.
Во наредниот период, истакна дека уште 20 контејнери ќе бидат товарени и транспортирани од државата со што завршуваат активностите опфатни со ГЕФ проектот што се реализира преку УНИДО.
„Но, ископот во континуитет ќе продолжи со користење на средства од Повеќепартнерскиот фонд за животна средина специјално формиран за чистење на контаминацијата во кругот на ОХИС во сорабoтка со UNOPS“, посочи Нуредини.
Македонија
Спасовски: Борбата против трговијата со оружје е издигната на ниво на стратешки приоритет

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски учествуваше на седмиот Регионален координативен состанок за спроведување на Патоказот за одржливо решение за нелегалното поседување, злоупотреба и трговија со мало и лесно оружје во Западен Балкан до 2024. Спасовски се заблагодари на сите меѓународни организации за континуираната и несебична поддршка при спроведување на зацртаните цели од Патоказот и истакна дека проблемот со неконтролираното ширење на малото и лесно оружје во последниве години се искачи високо на меѓународната, регионалната и националната агенда.
„Сведоци сме дека пролиферацијата на малото и лесното оружје често пати е катализатор кој ги трансформира локализираните инциденти во глобални предизвици. За таа цел, од исклучителна важност се глобалните и националните активности, заедно со добро координирана национална и регионална соработка на сите агенции за спроведување на законот, во зајакнување на контролата за производство и трговија со оружје, градење стандарди за развој на ефективни системи за следење, размена на информации и транспарентност, споделување на најдобри пракси, како и подигање на јавната свест преку спроведување програми за промовирање и поддршка за намалување и контрола на оружјето во јавното образование”, потенцираше Спасовски.
„Борбата против недозволената трговија со оружје е издигната на ниво на стратешки приоритет на Министерството за внатрешни работи. Како резултат на плански и насочено интензивираните активности во оваа област, во 2021 година се постигнати особено значајни резултати кои се согледуваат во зголемениот број откриени кривични дела и зголемување на вкупните количини на заплени на оружје, муниција и распрскувачки материи, а позитивни резултати се постигнати и во делот на сузбивање на организираните облици кои се поврзани со недозволената трговија со оружје“, истакна Спасовски.
Македонија
Маричиќ: Нашата цел беше да го заштитиме македонскиот јазик во рамките на ЕУ и ја исполнивме

„Нашата цел во овој процес беше да го заштитиме статусот на македонскиот јазик во рамките на Европската Унија, а не беше да ја убедиме Бугарија да го промени својот став. Целта беше да нема влијание тој став на ставот на Европската Унија“, рече вицепремиерот Маричиќ на вчерашниот брифинг со уредници на Националната радио-телевизија.
Вицепремиерот Маричиќ посочи дека е направена добра анализа и не случајно ниту, пак, наивно го претставуваат овој предлог и истакна дека се земени искуствата и од многу држави членки на ЕУ за нашите позиции, кои потоа биле користени во текот на разговорите со Бугарија за да се дојде до едно компромисно решение.
Во овој контекст вицепремиерот Маричиќ се надоврза на искуството на Ирска кое го кажа министерот за Европа, Томас Бирн, на заедничката прес-конференција на која беа испратени многу отворени и јасни пораки дека ова е моментот и ова е предлогот на кој треба да му се даде шанса.
„Особено имаше емотивен говор, според мене, министерот за европски прашања на Ирска којшто кажа дека Ирска требало да отстапи од територијални претензии кон Британија за да се зачлени во ЕУ, дека имале 10 годишна блокада од Франција во тоа време, дека навистина како народ кој бил долго време негиран од своите соседи сочувствуваат со нас, но неговиот заклучок беше нашиот идентитет процвета од кога влеговме во ЕУ“, рече Маричиќ.
Како што посочи вицепремиерот Маричиќ, ирскиот министер објасни и направи јасна споредба дека денес го користат и ирскиот јазик и англискиот јазик и дека Ирска економски и културно и идентитетски се развила од кога е во ЕУ и од држава од која сите сакаа да се иселат пред 50 години кога станале членки на ЕУ, денес е држава во која луѓето сакаат да се доселат и сакаат да живеат и работат само заради ЕУ.
Вицепремиерот Маричиќ потенцираше дека овие лекции треба да ги препознаеме моментите кога треба да ја искористиме шансата, и затоа е важно да се навлезе во суштината на овој предлог, рече Маричиќ.