Македонија
Спасовски на примопредавање на возила набавени од донација на Република Чешка

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, заедно со заменик-шефот на Мисијата на Амбасадата на Чешка Република, Лубомир Пшенка, присуствуваа во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“ на промоција на возила набавени со донацијата од страна на чешкото Министерство за внатрешни работи и од Владата на пријателска Република Чешка.
Набавени се осум специјализирани интервентни возила за потребите на организациските единици во рамки на Одделот за специјални полициски операции во вредност од околу 14.240.000 денари, односно 6 интервентни комбиња за јавен ред и мир за потребите на Единицата за брзо распоредување и 2 возила за интервентни операции на САЕ „Тигар“. Пред присутните на пистата во Полицискиот центар „Ѓорче Петров” беше изведена демонстрација на брзо излегување и влегување, како и тактичко движење, а беа презентирани и техничките карактеристики на возилата.
„Оваа донација на Чешката Република претставува продолжение на процесот почнат уште во 2018 година, така што досега севкупно гледано, во рамки на донацијата, набавивме 31 ново возило за потребите на Министерството, по принципот на користење на финансиската донација за купување и одржување техничка опрема во согласност со претходно договорените спецификации. Самиот тој факт, надополнет со низа други партнерски активности, меѓу кои незаобиколно е споменувањето на заедничките безбедносни активности со колегите од чешкото МВР на нашата јужна граница, уште еднаш го демонстрира тој широк опсег на билатерална соработка во повеќе безбедносни сегменти од взаемен интерес”, истакна министерот Спасовски.
Спасовски се заблагодари за континуираната поддршка што во сите години наназад Чешката Република ја дава на МВР, етаблирајќи се како еден од најзначајните поддржувачи и партнери на нашата држава, особено на патот кон полноправно членство во Европската Унија.
Заменик-шефот на мисијата на Амбасадата на Чешката Република, Лубомир Пшенка, го поздрави денешното примопредавање на возила набавени од донацијата на Република Чешка и дадени на употреба на Единицата за брзо распоредување и САЕ„Тигар“ при МВР, а воедно изрази задоволство од соработката меѓу претставници на двете министерства за внатрешни работи, особено до министерот Спасовски и директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски.
„Неизмерна благодарност за успешно спроведување на сите активности за зачувување на јужната граница, каде чешките и македонските полицајци имаат можност да соработуваат и разменуваат искуства. Нашата поддршка на Министерството за внатрешни работи ќе продолжи и понатаму со цел проширување и продлабочување на заемната соработка”, потенцираше Пшенка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Урбаните џентлмени возеа низ Скопје за машкото здравје

Стотици урбани моторџии облечени во костуми, палта, вратоврски и елегантни чевли денеска по десетти пат продефилираа низ улиците на Скопје во рамки на глобалната акција The Distinguished Gentleman’s Ride, посветена на подигање на свеста за машкото здравје и борбата против ракот на простатата.
Со задолжителна кацига на глава и на класични мотори, учесниците беа дел од светско движење што годинава се одржа во 108 држави и собра над илјада учесници.
Скопје за првпат стана дел од оваа урбана и хуманитарна мото-приказна во 2016 година, благодарение на иницијаторите Игор Стефановски и Благоја Петровски, кои успеаја низ годините да го задржат ентузијазмот и интересот за ова уникатно дружење со хуманитарна цел.
Како и претходните години, собраните донации ќе бидат уплатени на сметката на фондацијата „Мовембер“ во Лондон, од каде потоа се распределуваат кон болници и институции кои се борат за подобрување на машкото здравје и заштита од рак на простатата.
Македонија
Таравари: Горд сум на Алијансата за Албанците, ќе победиме на локалните избори

Лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, преку статус на Фејсбук изрази гордост за одлуката на партијата да ја напушти Владата, истакнувајќи дека, и покрај обидите да се прикаже како поделена, АА е посилна од кога било.
„Горд сум на секој од вас што е дел од Алијансата за Албанците, горд сум на сите вас што цврсто стоевте при нашето излегување од Владата“, напиша Таравари.
Тој им порача на критичарите дека обидите да се создаде слика за разединетост не успеале.
„На оние кои се обидуваат да нè прикажат како поделени, ви велам – вашата серија не е успешна. Гордо сме посилни од кога било“, истакна лидерот на АА.
Таравари заврши со порака дека партијата ќе излезе како победник на претстојните локални избори во октомври.
Македонија
СДСМ: Владата на Мицкоски направи хаос и задолжи три генерации

Опозициската СДСМ денеска со реакција на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, оценувајќи дека неговото признание за слабостите на Владата доаѓа предоцна и дека за десет месеци владеење, ВМРО-ДПМНЕ направила „непоправливи штети“ во државата.
„Касно е признанието на Мицкоски дека Владата му е катастрофа. Штетите што ги направи за неполна година се непоправливи, а иднината на граѓаните и нивниот стандард се уништени“, наведуваат од СДСМ во соопштението.
Оттаму обвинуваат дека Владата за краток период „ја уништила економијата, го срозала стандардот и ги закопала перспективите“, без да реализира ниту еден сопствен проект.
„Сѐ што направија е што се шетаа со приватни авиони и бизнис-класи, јадеа манго и папаја, и ја задолжија државата за три генерации. Денес гордо се сликаат пред инвестиции што ги започна СДСМ“, велат од партијата.
Според нив, во јавноста постои „огромно незадоволство“ од политиките на Владата, што, како што посочуваат, ќе се одрази на следните избори.
„Мицкоски не е ни свесен за гневот меѓу граѓаните. Затоа сега најавува победи – затоа што знае дека задоволството од неговата работа паѓа од ден на ден“, стои во реакцијата на СДСМ.