Македонија
Спасовски: Нема да ги гласаме интерпелациите на ДУИ, не се потребни нови поделби на етничка основа
Оливер Спасовски од СДСМ денеска на прес конференција истакна дека СДСМ нема да ги поддржи и нема да гласа за интерпелациите поднесени од ДУИ, затоа што не се потребни нови поделби по етничка основа.
„Македонското Собрание во ниту еден случај не смее да биде мегдан за поттикнување меѓуетнички тензии и отворање можности за поделби меѓу граѓаните. Доколку намерите на подносителите биле вистински, причините за интерпелаците не смеело да бидат поврзани со етнички контекст, туку единствено со аргументи и со факти за работата на одреден министер или функционер. За жал, аргументи и факти има колку сакате. Инцидентите и сквернавењето на македонското знаме, нарушувањето на јавниот ред и мир, како и употребата на огнено оружје што се случија за време на одбележувањето на Денот на албанското знаме е за секоја осуда и претставуваат директно загрозување на меѓуетничките односи, јавната безбедност и достоинството на Македонците. Но исто така и други настани со сквернавење на други симболи“, вели Спасовски.
Според него, постапувањето на институциите, исто како и преземање на сите потребни мерки за санкционирање на сторителите на овие непромислени и штетни дејствија не може да биде предмет на политичка интерпелација.
„Постојат закони, и ако тие закони се прекршени, мора да се постапува и некој мора да носи одговорност. Од друга страна, постојат многу други основани причини за интерепелација, особено за министерот Тошковски но и за многу други министри во Владата. Сега кај нас се поставува прашањето е зошто ДУИ не ги опфаќа овие основи за интерпелација на министрите. На пример нема ниту збор зошто не се преземаат мерки кои се под надлежност на министерот за екологија. Нема ниту еден збор за скандалите коишто се случија на косовската граница, за бегствата на Рамадани и Груби кои се под директна надлежност на МВР. Нема ниту збор за партиската чистка којашто се спроведува во институциите, во МВР, во безбедносниот сектор, за отпуштањата од работа на професионалците, за партиските распределби и незаконски разрешувања. Нема ниту збор зошто е амнестиран бодигардот на Мицкоски кој нападна полицаец а беше ослободен од одговорност и веќе е унапреден. Исто така во интерпелацијата воопшто не се опфаќаат настани од безбедносен аспект, во сите градови Скопје, Штип, Прилеп, не прашува зошто е запалено возилото на началникот, на заменикот“, посочува Спасовски и додава:
„Сето ова говори дека намерите биле поинкави а тоа е отворање на нови етнички тензии. Во изминатите шест месеци јавниот простор е затруен со етнички теми и наративи и поделби. Ова е стратегијата на ДУИ и ДПМНЕ уште од минатото, и оваа стратегија за подигање етнички тензии СДСМ остро ја осудува и нема да бидеме дел од вакви игри. СДСМ премногу вложи во градење на меѓуетничките односи, и ако пред неколку години беше тема да се подобрат меѓуетничките односи тоа не беше тема и не треба да биде. СДСМ смета дека со градење на добри меѓуетнички односи, треба да се искористат сите можни капацитети и заеднички да се потрудиме Македонија да ја направиме европска и економски просперитетна држава. Оваа стратегија на ДУИ впрочем најмногу од сѐ му одговара на ВМРО-ДПМНЕ и нивните сателити во власта. СДСМ како пратеничка група и како партија секојдневно зборуваме и гласно се спротивставуваме на погрешните политики на власта и во собранието и надвор од него. Така и ќе продолжиме. Сите демократски инструменти кои што стојат на располагање ќе ги искористиме, одговорно и аргументирано, не заради дневна политика туку заради граѓаните и иднината на државата“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ново Скопје ветува градоначалникот Орце Ѓорѓиевски
Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, денеска заедно со градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, ја посети Општина Шуто Оризари, каде што преку средби со граѓаните се запозна со нивните секојдневни проблеми и потреби.
На терен, Ѓорѓиевски и Ганиу остварија средба и со градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, како и со претседателот на ОК ВМРО-ДПМНЕ од оваа општина, Ерџан Демир. Тие разговараа за приоритетите на општината и идните инфраструктурни проекти, посебно во рамки на вториот повик на Владата за обезбедување средства за вакви проекти.
– Денеска ги слушнавме проблемите на граѓаните од Шуто Оризари и Чаир, кои заслужуваат сериозно внимание. Најважно е заеднички да работиме за да обезбедиме подобри услови за живот – изјави Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски нагласи дека е неопходно ново сообраќајно поврзување меѓу Чаир и Шуто Оризари, што ќе го растерети сообраќајот и ќе ја подобри комуникацијата меѓу општините. Меѓу приоритетите е и проширување на булеварот Џон Кенеди, како и изградба на нов културен центар во Шуто Оризари.
– Градот Скопје ќе помогне со средства за културниот центар, за што веќе е одредена локација. Дополнително, ќе се доврши партерното уредување на спортската сала и ќе се реализираат уште многу проекти со поддршка на новата градска администрација – рече Ѓорѓиевски.
Претседателот на ЗЕЛС истакна дека луѓето од левата страна на Скопје имаат сериозни предизвици, но вети дека секогаш ќе имаат поддршка во него и во градската администрација.
– Скопје повторно ќе биде горд град – порача Ѓорѓиевски, изразувајќи подготвеност за решавање на проблемите на сите граѓани.
Македонија
Зимските ски-центри под лупа на АХВ, утврдени се неправилности кај еден оператор
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во петокот спроведе вонредни контроли во угостителските објекти и објектите за малопродажба во зимските туристички центри.
Како што соопшти АХВ, контролирани беа вкупно 18 оператори со храна во скијачките рекреативни центри Попова Шапка, Маврово, Пониква, Крушево, Пелистер и во Михајлово.
-Инспекциските служби на Агенцијата утврдија недоследност во работењето само кај еден оператор, односно истиот не бил регистриран во АХВ како оператор со храна. За констатираната недоследност изречена е парична казна и даден е налог за итна регистрација, стои во соопштението на АХВ.
Кај другите контролирани оператори со храна, како што додаваат оттаму, не се утврдени отстапувања од законските прописи за безбедноста на храната.
Македонија
Маглата направи проблеми во авионскиот сообраќај, се откажуваат и пренасочуваат летови
Скопскиот аеродром се соочи со значителни проблеми во авионскиот сообраќај во последните 24 часа, а причина за тоа е густа магла која предизвика пренасочување на 10 летови и откажување на 4. Летовите беа пренасочени на соседни аеродроми во Приштина и Софија, додека некои се вратија на почетните дестинации.
Пренасочени летови:
Анталија (25.01.2025) – Пренасочен кон Приштина
Меминген (25.01.2025) – Пренасочен кон Приштина
Варшава (25.01.2025) – Вратен назад во Варшава
Баден Баден (25.01.2025) – Пренасочен кон Софија
Париз (25.01.2025) – Пренасочен кон Софија
Цирих (25.01.2025) – Пренасочен кон Приштина
Рим (25.01.2025) – Пренасочен кон Приштина
Малме (25.01.2025) – Пренасочен кон Приштина
Берлин (26.01.2025) – Пренасочен кон Софија
Нирнберг (26.01.2025) – Пренасочен кон Приштина
Откажани летови:
Истанбул (25.01.2025) – Откажан
Загреб (25.01.2025) – Откажан
Венеција (26.01.2025) – Откажан
Истанбул (26.01.2025) – Откажан
Препораки за патниците: Патниците се советуваат да ги следат официјалните канали на Скопскиот аеродром и да останат во контакт со авиокомпаниите за најновите информации.