Македонија
Спасовски пред анкетната комисија за „Пулс“: Игнорирањето е најлош можен пристап кон семејствата на загинатите
„Ова е навистина тешка дебата во којашто се мешаат разумот и емоциите, меѓутоа во моменти кога родителите собираат најголема сила за да учествуваат во дебатата, на нас не треба да ни биде тешко ништо. Треба да бидеме потрезени и поразумни во дебатата ако сакаме да допринесеме барем малку да се смени системот“, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, на денешната дебата пред анкетната комисија за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Спасовски нагласи дека трагедијата ги погоди не само семејствата на жртвите, туку и целата заедница: „Загуба има и градот Кочани, државата, изгубени се цели генерации, не само на починатите, туку и на оние кои преживеаја и кои останаа со сериозни повреди“, потенцираше Спасовски.
Тој нагласи дека анкетната комисија има задача да го испита функционирањето на системот и институциите, но дека кривичниот прогон останува во надлежност на Јавното обвинителство.
Спасовски повика на анализа на законските решенија и сите системски пропусти: „Од 16 март до денеска, најлесно ни е да кажеме ‚системот не функционира‘, но не одговараме на прашањето што направивме за да почнеме да го менуваме системот кој не ни функционира“.
Тој потенцираше дека е неопходно да се ревидираат закони и правила кои оставиле простор за манипулација: „Сè што не го дефинираме во законска рамка остава простор за манипулација и различни толкувања, што нè доведува во сериозен системски проблем. Временската рамка сè уште овозможува конкретни акции. Сè уште има време декларативното да го претвориме во дела“, додаде тој.
Спасовски истакна дека барањата на родителите и семејствата мора да бидат разгледани и аргументирано образложени: „Игнорирањето е најлош можен пристап, особено кон семејствата на загинатите. Системот ќе го градиме со заедништво и солидарност. Комисијата и секоја друга расправа не смеат да бидат политизирани. Ова е настан во кој нема и не треба да има политика“.
Тој потврди дека поддршката на пратеничката група на СДСМ и коалицијата ќе биде целосна во процесот:
„Поддршката на пратеничката група на СДСМ и коалицијата ќе ја имате во целиот процес, заедно со законодавниот дом и парламентарното мнозинство, доколку навистина сакаме да направиме промени. Повикувам по завршување на дебатата да седнеме заедно со родителите и заеднички да ги напишеме заклучоците и едногласно да ги усвоиме, за да знаеме како да постапуваме во идниот период“, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Тошковски на проштална средба со амбасадорката Агелер: САД остануваат клучен стратешки партнер во безбедноста
Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Ангела Агелер.

На средбата, министерот Тошковски изрази благодарност за нејзината посветеност, професионалност и континуирана поддршка на реформските процеси, со посебен акцент на унапредувањето на безбедносниот систем и јакнењето на институционалните капацитети. Тој ја истакна значајната улога на амбасадорката Агелер во продлабочувањето на соработката меѓу двете држави, особено во областа на внатрешната безбедност, владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Министерот упати благодарност и до Амбасадата на САД за силната и континуирана поддршка на Македонија, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави се стратешки партнер и важен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и евроатлантската ориентација на државата. Во тој контекст, беше потенцирана и одличната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и американските институции преку заеднички проекти, обуки и размена на експертиза.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со раководството на Сојузот на стопанските комори на Македонија
Во рамки на серијата работни средби насочени кон унапредување на економската дипломатија и поддршката на извозот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работен состанок со раководството на Сојузот на стопанските комори, предводено од претседателот Горан Ѓорѓиевски.

На средбата се разговараше за интензивирање на соработката преку организација на тематски трговски посети на приоритетни пазари, обезбедување логистичка поддршка при значајни бизнис посети во државата, како и за промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор. Посебен акцент беше ставен на унапредување на комуникацијата и соработката на домашните компании со дипломатско-конзуларните претставништва во странство, известуваат од Министерството.

Фокусот на институционалните активности е насочен кон системска поддршка на компаниите со извозен потенцијал, со цел поттикнување на додадената вредност во економијата и создавање услови за одржлив економски развој.
Македонија
Никаде во Европа нема ваква корумпирана Влада, техничка влада мора да остане, бараат од СДСМ
„Споредбите со земјите од ЕУ како аргумент за укинување на техничката влада се класична манипулација. Никаде во Европа нема ваква корумпирана влада“, велат од СДСМ.
„Тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не ја сака техничката влада, затоа што кога ќе влезе министер од опозиција, ќе има увид во сите документи, во сите злоупотреби во целиот коруптивен систем.
Скандалот со ИПАРД 3 и злоупотребите на европските пари, за кои е приведен директор од ВМРО, се уште еден пример дека влез на опозициски министер ќе значи отворање и на другите криминални шеми во министерството.
Од тоа се плаши тендер коалицијата. Не сакаат техничка влада, затоа што тоа ќе значи отворање на пандорината кутија на криминалните тендери.
Без техничка влада не може да има праведни избори, нема контролен механизам и нема фер избори и затоа мора да остане“, соопшти СДСМ.

