Македонија
Спојувањето на концесиите е легално и уште 100 пати да се бара од нив, 100 пати би го дале истиот предлог, Економија се правда дека не манипулира
Додека премиерот Димитар Ковачевски денес уверуваше дека „ако граѓаните се против, рудници не може да има“, Министерството за економија на брифинг пред новинарите детално објаснуваше зошто е правилна одлуката да се спојат двете концесии за рудникот „Иловица – Штука“, откако Управниот суд го поништи решението за одземање на една од двете концесии.
На седница во вторник Министерството за економија треба да даде детаљна информација за сите одлуки, судски и управни постапки што се водени од 2012 година до денес откако некои од министрите јавно кажаа дека биле изманипулирани од министерот за економија Крешник Бектеши кога кренале рака за спојување на концесиите.
Министерството за економија најави дека ќе постапи како што бара Владата и ќе достави информација, но во неа единствен нов документ ќе биде историјат за сите случувања околу концесиите, не од 2012 година, какво што е барањето, туку од 2005 година кога било поднесено барањето за концесија, до денес.
„Уште 100 пати да се случи, уште 100 пати ќе го дадеме истиот предлог до Влада за спојување на концесиите. Работиме согласно законите, а сите законски услови се исполнети, има барање за спојување и ние не можеме да дадеме поинаков предлог до Влада освен спојување на концесиите. Ова е трето барање за спојување што стигнува кај нас од концесионерот. Претходните две беа одбиени оти едната концесија беше одземена, но сега, по одлуката на Управниот суд, концесијата им е вратена и нема законска пречка што би го спречила спојувањето“, велат од Министерството за економија за кое спојувањето е единствен начин по кој треба да се постапи за да се избегнат дополнителни правни постапки што би можел концесионерот да ги преземе.

Министрите не се изманипулирани за спојувањето на концесиите оти сета документација им била доставена за разгледување, уверуваат од Министерството за економија
Министерството за економија не смета дека министрите се изманипулирани и дека немале доволно информации за спојувањето на концесиите оти сите документи им биле доставени и можеле да ги разгледаат. Дополнително во вторник ќе биде составен историјат во кој со датуми ќе бидат наведени сите согласности и позитивни мислења за рудниците од надлежните институции. Информацијата ќе ги содржи сите документи почнувајќи од барањето за првата концесија поднесено во 2005 година, одобрено и потпишано од тогашниот премиер Владо Бучковски, ќе ги содржи имињата на сите поранешни министри, градоначалници и директори кои дале позитивни мислења за рудниците за двете концесии заедно со потписот на експремиерот Никола Груевски, па се до одлуката на Управниот суд и спојувањето на концесиите. Со нив, од Министерството велат дека ќе бидат одговорени сите прашања и дилеми кои се појавија во по спојувањето на концесиите.
Министерството нема документ, ниту пак конкретно објаснување само за итноста со која како дополнителна точка на дневен ред на седница на Влада беше додадено спојување на концесиите. Од таму велат дека од Управниот суд не добиле конкретен рок во кој треба да постапат, но одлучиле тоа веднаш да се случи во интерес на другите обврски на Министерството.
„Имаме и други постапки на кои треба да се посветиме, сакавме оваа да ја завршиме“, велат до Министерството за економија.
Се обидоа да објаснат дека спојувањето на двете концесии е само административно и не повлекува никакви олеснувања за концесионерите освен тоа што место две барања за експлоатација на руда, со спојувањето ќе можат да поднесат едно. За нив е нејасно зошто воопшто концесиите биле нацртани така што едното земјиште, кое зафаќа значително поголема површина, сосема го заобиколува другото.
Нагласија дека со спојувањето на концесиите за четири години е скратено правото на користење што го има концесионерот, односно место до 2046, сега концесионерите ќе можат да ги користат до 2042 година.
Од Министерството велат дека и покрај сегашното спојување на концесиите, сите останати засегнати институции ќе добијат можност да не дозволат да почне со работа рудникот „Иловица-Штука“.
„Иако позитивни мислења за рудниците има во Министерството од сите засегнати институции, елаборат за влијанието врз животната средина нема. Ниту еден. Концесионерите допрва треба да достават кога ќе побараат дозвола за експлоатација на руда. Ако тогаш Министерството за животна средина не го одобри елаборатот, ние како Министерство за економија веднаш ќе ја одземе концесијата и рудник нема да има“, велат од Министерството и нагласуваат дека истото може да го направат и министерствата за внатрешни работи и за земјоделие кои се дел од постапката.
По спојувањето на концесиите, концесионерот „Еуромакс рисорсис“ има рок од четири години, односно до 2027 година да ги обезбеди сите дозволи за да почне експлоатацијата на бакар и злато од „Иловица-Штука“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стојкоски: Стоп за дезинформации и паника, во општина Ѓорче Петров нема, ниту ќе има мигрантски кампови
Стоп за дезинформации и паника. Советот на Општина Ѓорче Петров јасно и недвосмислено ја отфрла секоја лага и манипулација поврзана со наводно прифаќање мигранти или изградба на мигрантски кампови, напиша на социјалните мрежи Александар Стојкоски, градоначалник на општината Ѓорче Петров.
„Во нашата општина нема, ниту било побарано, ниту ќе биде дозволено воспоставување мигрантски кампови или трајно сместување мигранти.
Свесното ширење дезинформации создава страв, несигурност и ја нарушува стабилноста и соживотот во локалната заедница. Тоа не е политика – тоа е неодговорност“.
Стоиме цврсто во заштита на безбедноста, јавниот ред, меѓуетничката стабилност и мирниот живот на нашите граѓани, порачува Стојкоски.
Ги повика сите политички чинители на одговорен јавен говор и почитување на фактите.
„Мнозинството во Советот предводено од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија ги усвои следните заклучоци:
Нема мигрантски кампови во општината;
Не е побарано ниту не е договорено прифаќање мигранти;
Ннема да биде дозволено трајно сместување мигранти;
Заклучоци:
Се осудуваат лажните информации и политичките манипулации
Се констатира дека дезинформациите создаваат паника и несигурност
Се потврдува јасна политика против нелегалната миграција
Се дава поддршка на мерките на Владата за безбедност и стабилност
Се штитат меѓуетничките односи, мирот и соживотот.
Општината останува цврсто посветена на безбедноста и мирниот живот на граѓаните“.
Македонија
Тошковски: МВР успешно го заокружи проектот со ОБСЕ за хибридно образование
Министерството за внатрешни работи денес официјално го одбележа завршувањето на проектот „Градење на хибриден образовен систем во Министерството за внатрешни работи на Македонија“, со кој се поставуваат темелите на современ, одржлив и технолошки напреден систем за полициска обука.
Проектот, реализиран во партнерство со Мисијата на ОБСЕ во Скопје и со финансиска поддршка од Сојузна Република Германија, Кралството Норвешка и дополнителни придонеси од Финска, во изминатите години овозможи суштинска трансформација на начинот на стручно усовршување и професионален развој во рамки на Министерството.
Во рамки на проектот беше воспоставен модерен хибриден модел на образование кој комбинира дигитални алатки, современи дидактички методи и долгорочен пристап „обука на обучувачи“. Развиена е програма за хибридна обука, селектирани и обучени се национални обучувачи со високи дигитални и педагошки компетенции, воспоставен е Мултимедијален центар за обука во Тренинг центарот во Идризово, како и Систем за управување со учење (LMS) кој овозможува флексибилна и квалитетна едукација.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, обраќајќи се на завршниот настан, истакна дека овие резултати претставуваат јасен показател за институционална зрелост и определба за континуирано вложување во знаење и професионализација на полициската служба. Тој нагласи дека воспоставените капацитети отвораат можности за понатамошна соработка со меѓународните партнери и за активно вклучување во регионалните образовни мрежи, вклучително и Регионалната асоцијација на полициски академии и центри за обука од Југоисточна Европа.
Министерството за внатрешни работи упати благодарност до Мисијата на ОБСЕ во Скопје, како и до меѓународните партнери за континуираната поддршка, нагласувајќи дека со овој проект не се става крај, туку се отвора ново поглавје во кое хибридното образование станува составен дел од секојдневното функционирање на Министерството и важна алатка за подготовка на полицијата за идните безбедносни предизвици.
Македонија
Стаменкоска Трајкоска на увид во реконструктивните зафати во ООУ „Партенија Зографски“
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, денес го посети ООУ „Партенија Зографски“, каде што се реализираат повеќе реконструктивни зафати. Со овие активности, општината продолжува да го унапредува образовниот простор и да создава современи, безбедни и функционални услови за сите ученици, велат од таму.
-Извршив увид во реконструктивните зафати во ООУ „Партенија Зографски“, каде што во континуитет се работи на унапредување на условите за учениците.
Поставуваме лед осветлување, во училниците и ходниците. Во моментот е во тек и реконструкција на тоалетите, што е особено важно за хигиената и секојдневниот престој на нашите дечиња во училиштето. Направени се зафати на електричните разводни табли, со што училиштето станува побезбедно и пофункционално. Со вакви вложувања покажуваме дека образованието и грижата за децата ни се приоритет и дека продолжуваме да работиме за подобри услови за учење-изјави градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.

