Македонија
Средба Османи – Дендијас: Односите меѓу Северна Македонија и Грција пример за добри соседи
Во рамките на работната посета на Атина, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари средба со својот домаќин, министерот за надворешни работи на Хеленската Република, Никос Дендијас.
![]()
На средбата министрите изразија задоволство од динамиката со која се развиваат односите меѓу двете соседни земји, плодната соработка во многубројни сфери и проекти од заемен интерес, како и перспективата на нивното натамошно унапредување на билатерален, регионален и на мултилатерален план.
Се разговараше за договорот од Преспа и неговото позитивно влијание врз севкупните односи и соработка меѓу двете држави.
![]()
„Навистина сум задоволен што односите меѓу Северна Македонија и Грција се вистински пример за добри соседи и пример како да се изгради стабилно и долгорочно пријателство засновано на меѓусебна доверба и почит. Имаме договор за стратешко партнерство, чие доследно спроведување претставува основа за понатамошна соработка и дополнително зајакнување на нашите блиски односи“, истакна Османи.
Османи упати благодарност за поддршката на Грција во евроинтегративниот процес на Северна Македонија, која оваа година ги почна преговорите за полноправно членство во Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Незаконската наплата за влез во Куклица е симбол на нефункционалноста на државата, велат од Левица
Еден од најпознатите природни феномени во Македонија, локалитетот Куклица или „Камените кукли“, кај Кратово, повторно е во центарот на вниманието, откако граѓани објавија сведоштва за незаконска наплата за влез во локалитетот.
Според Левица, овој локалитет, заштитен како природна реткост и препознатлив симбол на македонското природно наследство со години е оставен на милост и немилост на самоволие, узурпација и институционална негрижа.
„За локалитетот и претходно има поднесени кривични пријави и реакции од граѓани, но нелегалната наплата за влез продолжува непречено. Доколку е точно дека дури ниту полицијата не успева да стави крај на ваквата практика, тогаш проблемот одамна престанал да биде локален инцидент и прераснал во симбол на нефункционалноста на државата“, велат од партијата.
Од Левица наведуваат дека Куклица не е обичен туристички локалитет, туку редок геолошки феномен со над 120 природно формирани камени столбови, место кое со децении се промовира како една од најпрепознатливите природни знаменитости на Македонија и кое претставува дел од нашиот национален идентитет и туристичка понуда.
Според партијата, прашање е како е можно државата да не може да воспостави ред на сопственото заштитено подрачје.
„Ако за еден локалитет од вакво значење институциите со години не можат да обезбедат законитост (а не е единствениот), тогаш каква порака испраќаме за заштитата на културното и природното наследство воопшто Особено загрижува фактот што често слушаме големи зборови за заштита на наследството, туризмот и промоцијата на природните богатства, но кога ќе дојде моментот да се заштити едно конкретно место, институциите остануваат неми. Наместо државата да биде гарант на јавниот интерес, впечатокот е дека се повлекува пред поединци кои со години воспоставуваат сопствени правила“, велат од Левица.
Според партијата, Куклица е тест за капацитетот на државата да го заштити она што самата го прогласила за вредност од јавен интерес.„ А кога еден од најпознатите природни феномени во Македонија станува пример за институционална немоќ, штетата е врз угледот на целата држава“, смета Левица.
фото/Depositphotos
Македонија
Цаневска – Арсовска: Орце не одговори од каде го најде Марјан Цветковски за директор на Фондацијата „Скопје – Град на културата“
Орце Георгиевски го гази деловникот и ја замолкнува опозицијата, наместо дебата – монолог во Советот, обвини координаторката на советничката група на СДСМ во Град Скопје, Катерина Цаневска – Арсовска.
„Она на што не сакаше да одговори Орце Георгиевски е од каде го најде Марјан Цветковски за нов директор на Фондацијата ‘Скопје – Град на културата’. Се работи за вечниот директор во Македонската радио-телевизија, кој 15 години беше директор и за кого имаше многу забелешки во работењето. Не сакаше да одговори ниту за непотизмот во Пожарникарската бригада. Потоа не сакаше да одговори за состојбите во Лајка. Зошто ретерираше од ставот за дивиот пешачки премин во Чаир?Исто така, не одговори конкретно ниту за понудената рака од СДСМ да му дадеме комплетна документација за да може Градот да конкурира за набавка на автобуси“, рече Цаневска – Арсовска.
Најверојатно не сака да одговори, додаде таа, бидејќи тука нема да може да има простор за трошење и злоупотреба на пари.
Цаневска – Арсовска, исто така, рече дека го добиле ребалансот на Буџетот со задоцнување, што, според неа, е кршење на Деловникот.
„Тоа беше и деловничко кршење во работата на Советот. И уште една работа – седницата повторно започнува со кршење на Деловникот. Наместо законските седум дена, материјалите за значајни точки, како што е ребалансот на Буџетот, ги добивме со задоцнување. Орце Георгиевски милува да каже дека тој е избран и дека тој одговара за работата на Советот. Да го потсетиме дека и ние сме избрани од граѓаните и одговараме пред граѓаните. Одговорноста не е само негова, туку и наша. Ние и понатаму ќе се бориме за интересите на граѓаните“, рече Цаневска – Арсовска.
Македонија
Сериозни пропусти во финансиското работење на Албанскиот театар утврдија ревизорите
Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност на Националната установа Албански театар – Скопје за 2024 година на сметката на основен буџет.
Во конечниот извештај, ревизорите изразиле неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година и мислење со резерва за усогласеноста со законската регулатива, упатствата и воспоставените политики.
Ревизијата утврдила слабости во процесот на вршење попис на средствата и изворите на средства, како и дека не е воспоставена материјална евиденција за материјалните средства.
Дополнително, биле евидентирани градежни објекти без обезбеден акт за сопственост, како и материјални средства во подготовка и покрај обезбедено Одобрение за употреба и дадени препораки за пуштање во употреба на градежниот објект и опремата.
Во извештајот се наведува и дека не е дефиниран начинот на набавка, прием, издавање и задолжување со материјали и ситен инвентар, констатирани се слабости во начинот на регистрирање и евидентирање на полното работно време, како и намирување на обврски по проекти од минати години за кои не биле предвидени финансиски средства со тековниот Годишен план за работа.
Ревизијата дала препораки за надминување на утврдените состојби и подобрување на работењето на установата.
Во делот „Нагласување на прашања“ се посочуваат состојби поврзани со нерегулиран начин на користење на недвижни и движни ствари, функционирање на Управниот одбор без законски утврдениот број членови, внатрешната организација и систематизација на работните места, начинот на користење на паркинг-просторот наменет за публиката на театарот и судски постапки кои се во тек.
Во делот „Останати прашања“, ревизорите укажуваат на недефинирани механизми во Законот за културата за задолжително ангажирање на давателите на услуги во реализацијата на годишните програми за работа.
Во извештајот е наведено и дека во делот на внатрешните контроли не се донесени интерни процедури за значајни процеси во установата, не е систематизирано работно место за раководител на единицата за финансиски прашања и не се назначени лица за вршење на ex-ante и ex-post финансиска контрола.
Од Националната установа Албански театар – Скопје бил доставен допис во кој се наведува дека одговорното лице нема забелешки на Нацрт-извештајот на овластениот државен ревизор.
