Македонија
Средба Ѓорѓиевски -Трајановски: во фокусот подобрување на состојбата со патната инфрастуктура

Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски денес оствари прва средба со новиот директор на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Коце Трајановски.
На овој работен состанок, Ѓорѓиевски информираше за состојбата во единиците на локалната самоуправа во областа за која Трајановски е надлежен- државните патишта, нивната изградба и одржување.
Заеднички ги лоцираа фокусите кон кои треба да се насочи работењето на ова државно претпријатие, со цел што поскоро да се интервенира на одредени патни правци.
-Денес во просториите на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), остварив средба со новиот директор, Коце Трајановски. Како Претседател на ЗЕЛС кој редовно се среќава со сите останати градоначалници, ги посочив клучните точки кои се проблематични за нашите граѓани и морам да кажам дека наидов на разбирање и поддршка од страна на директорот Трајановски. Се договоривме дека заеднички ќе работиме на решавање на наталожените проблеми и дека нема да дозволиме нашите граѓани да чекаат за проекти кои им се неопходни за секојдневно нормално функционирање. Оттука, со оптимизам гледам на периодот што е пред нас и се надевам дека ќе успееме во намерата видно да ја подобриме состојбата со патната инфраструктура на територија на цела Македонија-изјави Претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски за „Еуроњуз“: Нема аргументи за прифаќање на бугарските барања, жал ми е што корумпирани политичари за да останат на власт прифаќаа се и сешто

Премиерот, Христијан Мицкоски во интервју за „Директно со Миња Милетиќ“ на „Еуроњуз Србија“ истакна дека нема аргументи за прифаќање на бугарските барања, и изрази жалење што корумпирани политичари претходно за да останат на власт прифаќаа се и сешто.
„Ако ние го прошириме ние нашиот Устав со повеќе делови од народи, бидејќи таму се наоѓаат и албанскиот, српскиот, турскиот, ромскиот, бошњачкиот и така натаму, тогаш се поставува прашањето што со Македонците од другата страна на границата кои живеат во западна Бугарија? Ако вие од една страна барате да бидете конститутивен народ поради некаков предлог којшто корумпирани политичари во минатото го прифатиле мислејќи дека на тој начин ќе останат во владата, дека ќе им се простат сите криминални скандали кои ги правеле, а од друга страна имате 14 пресуди на Судот за човекови права кој вели дека таму постои македонска заедница која има свои права да организира во клубови во организации и вие не ја почитувате Резолуцијата која што сте ја потпишале за заштита на човековите права, таква Резолуција има потпишано Бугарија, тогаш се поставува прашањето кој е аргументот контра“, вели премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски посочи дека лицемерие и двојни стандарди е да се излезе и да се рече дека мора тоа да се направи бидејќи тие се таму каде што сакаме ние да бидеме, а тие да не мора тоа да го направат.
„Ако се прашање човековите права тогаш сакам да ги информирам и вашите гледачи дека единствена институција во Европа којашто оценува дали нечии човекови права се нарушени или ограничени е Судот за човекови права во Стразбур и таму има 14 пресуди коишто се однесуваат на нарушување или ограничување на човековите права на Македонците во Бугарија и нула за бугарската заедница во Македонија. Сега ако имате вакви аргументи како можете да излезете пред граѓаните и да дадете логични аргументи имајќи претстава дека претходно сте го промениле знамето, сте го користеле она времено име, сте го промениле уставното име, во неколку наврати сте го менувале Уставот и секогаш некој од Брисел ви велел „уште само ова и тоа е тоа“, потенцираше премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски нагласи дека ветил дека ќе се бори и аргументите кои ги имаме ќе се обиде да ги пренесе секаде во светот.
„Да се научиме да победуваме и во Вашингтон и во Лондон, Брисел, Берлин Рим, Париз и насекаде во светот, не само дома. Само на тој начин може да ја убедите светската јавност во исправноста на вашите аргументи. Ова се историски процеси“, истакна премиерот Мицкоски.
Македонија
Нема причина за вознемиреност по хаваријата во Пинтија, вели градоначалникот кој го повика Град Скопје да преземе мерки

Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓоргиевски вели дека граѓаните немаат причина за вознемиреност по хавријата во Пинтија, бидејќи од нивна страна биле преземени сите мерки за заштита.
Инспекторите од Кисела Вода на терен констатирале протекување на хемикалии од вентил при дефект, во објект за производството на стиропор во Пинтија. Ѓоргиевски вели дека елаборатот за заштита на животната средина бил издаден и одобрен од страна на Градот Скопје на 31.12.2021 година со број 08-10300/4.
„Од наша страна, иако не е во рамки на нашите надлежности, а во соработка со екипите на Противпожарната бригада од Скопје, обезбедивме пилевина и песок како најдобра солуција против пролизгување во вакви случаи на хаварија“, вели Ѓоргиевски кој апелира до Град Скопје кој го издал елаборатот за работа и до сите надлежни институции да преземат мерки согласно Законот, во рамки на своите надлежности.
За хаваријата со протекувањето на хемикалии претходно се огласија и од Град Скопје. Оттука пак, велат, дека објектот е под надлежност на општина Кисела Вода, и апелираат до општината да постапи во рамки на своите надлежности, како и ресорното Министерство со цел санкционирање на правното лице кое ја предизвика хаваријата.
Македонија
Хемикалии се излеаа од објект во Пинтија, надлежните на терен

Во текот на денешниот ден во населбата Пинтија во Кисела Вода од резервоар на објект на приватна компанија за производство на стиропор изграден во внатрешноста на населеното место, се излеале хемикалии користени во производствениот процес на компанијата.
Град Скопје соопшти дека на лице место се екипи на ТППЕ Скопје со цел изолирање на инцидентот како и инспекторите од град Скопје кои составија записник за хаваријата.
„За ваков тип на хаварија покрај паричната казна за сторителот од 45.000 евра, следи и затворање на погонот, како и налог за санирање на штетите предизвикани од инцидентот. Со инспекциски извештај за извршен технички преглед на опрема под притисок каде со заклучок е нотирано дека на вентилот има знаци на протекување, правното лице Екопор не превземало мерки да го спречи настанувањето на хаваријата на која сме сведоци денес“, велат од Град Скопје.
Се додава дека за овој објект кој е под надлежност на општина Кисела Вода, апелираат до општината да постапи во рамки на своите надлежности, како и ресорното Министерство со цел санкционирање на правното лице кое ја предизвика хаваријата.
Претходно од МВР информираа дека било пријавено дека на булеварот Борис Трајковски во близина населбата Пинтија истекува непозната црна течност од атмосферската канализација и истата се излева по булеварот. Полициски службеници од СВР Скопје се излезени на лице место. Сообраќајот се пренасочува и се преземаат мерки за утврдување на причините и за расчистување на случајот.