Македонија
Стаменкоскa-Трајкоска: Власта повторно ги остави на цедило средношколците и студентите

СДСМ е без компас и очигледно нема намера да запре. Власта повторно ги остави на цедило средношколците и студентите, изјави Бети Стаменкоска-Трајкоска, пратеничка од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Владејачкото мнозинство во текот на вчерашниот ден без трошка срам и одговорност, рече таа, го одби амандманот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, со кој се бараше од буџетот да се издвојат 20 милиони денари за бесплатен превоз на средношколците и студентите. Со овие средства, како што оценува Стаменкоска-Трајкоска, дополнително ќе им се помогнеше на приватните лиценцирани превозници, кои веќе подолг период се соочуваат со огромни проблеми токму поради екстремно високите цени на горивата во Република Македонија.
„Но, за жал, власта и за ова немаше ниту слух, ниту разбирање, а очигледно немаше ниту желба да помогне. Таква е реалноста кога СДСМ е на власт. Тие не ни знаат поинаку. Срамно е тоа што во историски најголемиот буџет на Република Македонија нема пари за средношколците и студентите, ама има пари за купување луксузен мебел, за седенки во кафеани и ресторани, за службени патувања, за купување нови возила за министрите и директорите и уште милион други непотребни и непродуктивни трошења на народните пари. Со ова уште еднаш се покажа и докажа на дело дека расипничкото трошење и луксузирање се поважни од условите за нормален и редовен образовен процес на средношколците и студентите. За СДСМ е поважно личното богатење и полнење на своите џебови отколку иднината на нашите деца“, нагласува Стаменкоска-Трајкоска.
Од друга страна, дополни дека за нив симптоматично е тоа што за ова нема никаква реакција од одредени организации на средношколците и студентите.
„Нема реакција од оние што сега кога најмногу треба да застанат во одбрана на оние што ги застапуваат, тие молчат и ја одобруваат оваа лоша образовна политика на Владата. Сепак, и тие, како и СДСМ, се одамна прочитани и препознаени како главни виновници за катастрофалните услови со кои се соочуваат младите во Македонија. Очигледно СДСМ интензивно работи на нивниот проект „за иселување на младите од нашата држава“. Ветуваа бесплатно, достапно и квалитетно образование за младите, но донесоа само пустош. Направија огромни штети во образованието во Република Македонија за кои ќе бидат потребни повеќе години за да се поправат“, потенцира пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нуредини: Првите седум контејнери со линдан излегоа од државата

Првите седум контејнери со чист линдан, секој од нив тежок по 22-26 тони, вчера попладне излегоа од ОХИС и тргнаа на пат кон солунското пристаниште од каде ќе заминат за Франција, информира Министерството за животна средина.
„Со ова започна транспортот на опасниот историски отпад од малата депонија од поранешниот индустриски гигант ОХИС. Како што беше посветено посебно внимание на безбедноста на самиот процес на ископување на линданот и неговите изомери складирани во малата депонија на поранешниот гигант ОХИС, исто така координирано, прецизно и крајно внимателно, со особено залагање на искусни професионалци кои си ја знаат својата работа до најситен детаљ, беше извршена подготовката за транспорт што подразбира пакување и товарање и самото транспортирање“, изјави Нуредини.
Целиот процес, појасни тој, се водеше со посебна внимателност и почитување на меѓународната регулатива за прекуграничен транспорт на опасен отпад по Базелска конвенција и сега е најважно оваа пратка да стигне безбедно до крајната дестинација.
Во наредниот период, истакна дека уште 20 контејнери ќе бидат товарени и транспортирани од државата со што завршуваат активностите опфатни со ГЕФ проектот што се реализира преку УНИДО.
„Но, ископот во континуитет ќе продолжи со користење на средства од Повеќепартнерскиот фонд за животна средина специјално формиран за чистење на контаминацијата во кругот на ОХИС во сорабoтка со UNOPS“, посочи Нуредини.
Македонија
Спасовски: Борбата против трговијата со оружје е издигната на ниво на стратешки приоритет

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски учествуваше на седмиот Регионален координативен состанок за спроведување на Патоказот за одржливо решение за нелегалното поседување, злоупотреба и трговија со мало и лесно оружје во Западен Балкан до 2024. Спасовски се заблагодари на сите меѓународни организации за континуираната и несебична поддршка при спроведување на зацртаните цели од Патоказот и истакна дека проблемот со неконтролираното ширење на малото и лесно оружје во последниве години се искачи високо на меѓународната, регионалната и националната агенда.
„Сведоци сме дека пролиферацијата на малото и лесното оружје често пати е катализатор кој ги трансформира локализираните инциденти во глобални предизвици. За таа цел, од исклучителна важност се глобалните и националните активности, заедно со добро координирана национална и регионална соработка на сите агенции за спроведување на законот, во зајакнување на контролата за производство и трговија со оружје, градење стандарди за развој на ефективни системи за следење, размена на информации и транспарентност, споделување на најдобри пракси, како и подигање на јавната свест преку спроведување програми за промовирање и поддршка за намалување и контрола на оружјето во јавното образование”, потенцираше Спасовски.
„Борбата против недозволената трговија со оружје е издигната на ниво на стратешки приоритет на Министерството за внатрешни работи. Како резултат на плански и насочено интензивираните активности во оваа област, во 2021 година се постигнати особено значајни резултати кои се согледуваат во зголемениот број откриени кривични дела и зголемување на вкупните количини на заплени на оружје, муниција и распрскувачки материи, а позитивни резултати се постигнати и во делот на сузбивање на организираните облици кои се поврзани со недозволената трговија со оружје“, истакна Спасовски.
Македонија
Маричиќ: Нашата цел беше да го заштитиме македонскиот јазик во рамките на ЕУ и ја исполнивме

„Нашата цел во овој процес беше да го заштитиме статусот на македонскиот јазик во рамките на Европската Унија, а не беше да ја убедиме Бугарија да го промени својот став. Целта беше да нема влијание тој став на ставот на Европската Унија“, рече вицепремиерот Маричиќ на вчерашниот брифинг со уредници на Националната радио-телевизија.
Вицепремиерот Маричиќ посочи дека е направена добра анализа и не случајно ниту, пак, наивно го претставуваат овој предлог и истакна дека се земени искуствата и од многу држави членки на ЕУ за нашите позиции, кои потоа биле користени во текот на разговорите со Бугарија за да се дојде до едно компромисно решение.
Во овој контекст вицепремиерот Маричиќ се надоврза на искуството на Ирска кое го кажа министерот за Европа, Томас Бирн, на заедничката прес-конференција на која беа испратени многу отворени и јасни пораки дека ова е моментот и ова е предлогот на кој треба да му се даде шанса.
„Особено имаше емотивен говор, според мене, министерот за европски прашања на Ирска којшто кажа дека Ирска требало да отстапи од територијални претензии кон Британија за да се зачлени во ЕУ, дека имале 10 годишна блокада од Франција во тоа време, дека навистина како народ кој бил долго време негиран од своите соседи сочувствуваат со нас, но неговиот заклучок беше нашиот идентитет процвета од кога влеговме во ЕУ“, рече Маричиќ.
Како што посочи вицепремиерот Маричиќ, ирскиот министер објасни и направи јасна споредба дека денес го користат и ирскиот јазик и англискиот јазик и дека Ирска економски и културно и идентитетски се развила од кога е во ЕУ и од држава од која сите сакаа да се иселат пред 50 години кога станале членки на ЕУ, денес е држава во која луѓето сакаат да се доселат и сакаат да живеат и работат само заради ЕУ.
Вицепремиерот Маричиќ потенцираше дека овие лекции треба да ги препознаеме моментите кога треба да ја искористиме шансата, и затоа е важно да се навлезе во суштината на овој предлог, рече Маричиќ.