Македонија
Станарите кај „Скопјанка“ евакуирани со гас-маски
Станарите во зградата во близина на Трговскиот центар „Скопјанка“ во Аеродром биле евакуирани со гас-маски.
Петмина пожарникари учествувале во евакуацијата на станарите кои вечерва се пожалиле на интензивна миризба и печење на очите во влезот на зградата, што траело подолго време.
Во моментот се очекува да пристигнат на терен и инспектори од Министерството за животна средина.
Засега нема информации за што конкретно станува збор, но, неофицијално, жителите од зградата на улицата Кузман Јосифовски – Питу, број 15, во скопската населба Аеродром, кај „Мезе бар“, се евакуирани по пријава дека во влезот почувствувале силна миризба и печење на очите.
Полицијата, Противпожарната екипа и брза помош се повикани на терен. Се проверува влезот на зградата, каде што неофицијално била фрлена некоја материја или пиротехничко средство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Народот избра промени, да излеземе уште помасовно на 8. мај
Огромната поддршка обврзува за промени и брзи резултати, да излеземе уште помасовно на 8-ми мај, а потоа следува економска трансформација на Македонија, порача ВМРО-ДПМНЕ по првиот круг од претседателските избори.
„Народот избра промени. Македонија повторно ќе биде горда и твоја.
Огромната поддршка на народот обврзува за промени и брзи резултати, работата не е завршена, црвениот картон граѓаните ќе го дадат на 8-ми мај.
На 8-ми мај СДС ќе доживеат уште поголем пораз, затоа што народот сака промени, и просперитет за Македонија.
ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на напорна работа и експресни резултати по 8-ми мај, народот мора брзо да ги почувствува промените и Македонија да тргне напред.
По 8-ми мај Македонија ќе тргне по патот на економска обнова, поголеми плати и пензии, развиена инфраструктура, квалитетно образование, здравство какво што заслужува секој човек. По 8-ми мај следува економска трансформација на Македонија.
Ги повикуваме граѓаните уште помасовно да излезат во вториот круг и да ги потврдиме промените. Народот ќе си ја врати Македонија.
Македонија повторно твоја“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Силјановска убедливо пред Пендаровски во првиот круг со 40 наспроти 19,93 отсто од гласовите
Кандидатката за претседател поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Силјановска со убедливо водство влегува во вториот круг од претседателските избори, каде како и во 2019 година ќе се соочи со нејзиниот опонент Стево Пендаровски.
Според пребројани 99,85 отсто од гласовите, Силјановска освои 362.682 гласа, или 40,08 отсто, додека Пендаровски првиот изборен круг го завршува со 180.306 гласа, односно 19,93 отсто.
Зад нив е Бујар Османи од Европскиот фронт со освоени 120.903 гласа (13,36 отсто), потоа Максим Димириевски од ЗНАМ со 83.787 гласа (9,26 отсто), Арвен Таравари од ВРЕДИ со 83.356 гласови (9,21 отсто). Следна е Билјана Ванковска од Левица со освоени 41.172 гласа (4,55 отсто) и Стевчо Јакимовски од ГРОМ со 0,90 отсто, односно 8.103 гласови.
Вториот круг од претседателските избори ќе се одржи на 8 мај, заедно со парламентарните.
Сервисни информации
Променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините повремен снег
Времето денеска ќе биде, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините со повремен снег.
Локално, врнежите ќе бидат поројни, проследени со појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 10, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Кон крајот на денот врнежите ќе престанат. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Од петок следува период на претежно стабилно и потопло време со пораст на температурите на воздухот.