Македонија
Станковиќ: Буџетот за 2026 година е реален и има мерки за самовработување и сузбивање на сивата економија
На денешната собраниска седница се обрати пратеникот од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Малиша Станковиќ кој истакна дека буџетот е изготвен врз основа на реални економски показатели и дека проекциите на приходната страна се остварливи.
Станковиќ посочи дека растот на планираните приходи е резултат на подобрена наплата на царини и концесии како и на позитивните трендови кај активните мерки за вработување.
„Првата работа околу буџетот кога го анализираме и гледаме треба да ја видиме приходната страна, значи се предвидува еден буџет од 374,9 милијарди денари и е за 6% поголем од средствата кои предвидела државата да ги собере во буџетот во 2025 година. Сметам дека овие средства се реални да се соберат, земајќи ја во предвид 2025 година, каде што имавме сериозно зголемување на наплатата на царини, концесии, пред неколку дена се случи една позитивна вест а тоа е видовме каков е интересот на граѓаните за сите оние мерки кои ги предвидува Владата за самовработување, 6045 апликанти тоа значи дека во наредната 2026 година по основ на вработување можеме да очекуваме поголеми приливи, тоа ни дава за право дека овие средства кои ги предвидува Владата на Република Македонија се остварливи“, рече Станковиќ.
Тој нагласи дека Владата активно работи на сузбивање на сивата економија, истакнувајќи дека се спроведуваат активности со цел да се намали загубата на јавни приходи и да се зголеми финансиската дисциплина.
„Втората работа, веќе се работи сериозно на намалување на сивата економија, огромни средства од 600 до 700 милиони евра на годишно ниво се одлеваат на сивата економија. Мораме да ја сузбиеме сивата економија и оваа Влада прави сериозни напори за сузбивање на сивата економија. Првата работа воведувањето на е-фактурата е една од тие мерки којашто ни овозможува да ја контролираме сивата економија во државата. Второ институциите почнуваат да даваат резултати“, вели Станковиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на панел во Давос со американскиот секретар за енергетика: „Македонија мора да стане активен играч во енергетиката“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на панел за енергетика во рамки на Светскиот економски форум во Давос, заедно со секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт. Тој изјави дека зад себе има успешен и инспиративен ден со средби со мултинационални компании од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.
„Претставивме можности за инвестиции во македонската економија – нешто што значи додадена вредност за граѓаните“, рече Мицкоски во видео-обраќање.
Во фокусот на денот, како што рече, бил панелот на кој учествувале водечки светски енергетски компании. „Разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката, особено во производството на електрична енергија“, кажа Мицкоски, кој притоа истакна три клучни поенти од панелот:
Побарувачката на електрична енергија ќе расте два и пол пати побргу од вкупната побарувачка на енергија во светот во наредните години. „Македонија не смее да биде нем набљудувач, туку активен чинител“, порача тој, повикувајќи на рестарт на проекти како Чебрен, Галиште и Бошков Мост.
Во следните десет години, светот ќе треба да изгради капацитети што ќе произведуваат 40.000 терават-часови електрична енергија – што е 5.500 пати повеќе од целата потрошувачка на Македонија, и приближно колку што трошат САД, Канада, ЕУ и Јапонија заедно. Причина за ова е експанзијата на вештачката интелигенција и дата центрите што работат исклучиво на електрична енергија.
Македонија треба да ја диверзифицира економијата и од фокус на автомобилската индустрија да стане значаен играч во енергетиката, користејќи ги постојните ресурси и потенцијали за обновлива енергија.
„Убеден сум дека можеме да успееме како држава во оваа насока“, изјави премиерот.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.

