Македонија
Стариот пат Велес – Градско во прекин поради асфалтирање
Поради асфалтирање на регионалниот пат Р1102 Велес – Градско (стариот пат), сообраќајот ќе биде во прекин на 14.09., 15.09., 16.09. и 18.09. во периодот од 08:00 до 18:00 часот, информираат од АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муртезани – Бока: Интегриран Западен Балкан е од суштинско значење не само за стабилноста на регионот, туку и за безбедноста и просперитетот на самата Унија
На покана на министерот за ЕУ прашања на Унгарија, министерот за европски прашања на Северна Македонија, Орхан Муртезани, денеска во Будимпешта оствари средба со својот унгарски колега, Јанош Бока. Средбата беше фокусирана на унапредување на процесот на пристапување на Северна Македонија во Европската Унија, кој е еден од клучните приоритети на Унгарија во рамките на нејзиното претседавање со Советот на Европската Унија.
Министерот Муртезани изрази благодарност за континуираната и гласна поддршка од страна на Унгарија кон земјите од Западен Балкан, особено во контекст на политиката на проширување на ЕУ.
Во фокусот на разговорите беа потребата од продолжувањето на пристапните преговори, како и неодамна усвоениот План за раст на Европската комисија за Западен Балкан и Инструментот за реформи и раст. Соговорниците констатираа дека спроведувањето на Реформската агенда е од суштинска важност за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграција и нејзин забрзан економски раст. На состанокот се разговараше и за можностите за унапредување на билатералната соработка преку заеднички проекти во области од заемен интерес . Министерот Муртезани ја нагласи подготвеноста на Северна Македонија за продлабочување на соработката со Унгарија преку ЕУ инструментите на располагање, кои се клучни за градење на институционалните капацитети и усогласување со стандардите на ЕУ, со цел да се забрза процесот на пристапување.
Регионалната соработка исто така беше дел од разговорите, при што беше нагласена заедничката посветеност кон продлабочување на соработката со соседните земји и активно учество во регионалните иницијативи. Муртезани ја подвлече поддршката на Северна Македонија за Берлинскиот процес и имплементацијата на Акцискиот план за Заедничкиот регионален пазар, нагласувајќи дека регионалната соработка мора да биде во целосна усогласеност со европските стандарди и правила, за да се обезбеди успешна интеграција на земјите од регионот во Унијата според идентични критериуми и стабдарди.
На средбата во Будимпешта, министрите за европски прашања на Северна Македонија и Унгарија ја изразија својата посветеност за продолжување на оваа до сега исклучително продуктивна соработка. Тие се согласија дека за време на претседавањето на Унгарија со Советот на ЕУ, ќе се вложат дополнителни напори за забрзување на процесот на пристапување на Северна Македонија и зајакнување на регионалните иницијативи кои ќе придонесат за стабилноста и просперитетот на Западен Балкан.
Македонија
Кузеска: Инцидентот со знамето е грешка на протоколот на Сиљановска, заострувањето на односите на е во интерес ниту на Софија
Влошувањето на односите со соседите ја става под знак прашање европската перспектива и оди на директно на штета на националните интереси на нашата држава, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Според неа, неодамнешниот инцидент за време на посетата на Силјановска во Бугарија е пред се грешка на протоколот на претседателката.
„Ова незнаење на нашата дипломатија, кое очигледно Бугарија успешно го искористи, не смее да биде понатаму злоупотребувано од Владите во Скопје и Софија за ескалација на односите. Уште поопасно е доколку оваа ескалација на односите се прави тенденциозно за да се намали штетата која предизвика скандалот врз рејтингот на владеачката партија. Ако ова е целта, тогаш тоа е погрешно и ја води земјата кон уште поголеми проблеми. Бугарија исто така мора да сфати дека нејзината политика кон нас е од клучно значење за зачувување на дијалогот и дека пораките со кои се заоструваат односите не се во интерес на ниедна од страните“, рече Кузеска.
СДСМ апелира да се задржат конструктивните тонови и соработка, а преку дијалог и одговорна политика да се градат и продлабочуваат односите.
„Многу е лесно нешто да се скрши а далеку потешко да се залепи. Со жалење констатираме дека она што до сега го гледаме во надворешната политика на Владата е само во функција на одалечување на земјата од европскиот пат и враќње назад во време на конфликти. Оваа политика нема да донесе ништо добро. Затоа, повикуваме на разум, одговорност и посветеност кон реформите кои ги започнавме, бидејќи тие се единствениот пат за подобра иднина на нашите граѓани и нашата држава“, рече Кузеска.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Љупчо Дон Николовски плаќал и по 500 евра за хотел од вечер, додека земјоделците чекале да ги подобри работите
„Љупчо Дон Николовски наместо за земјоделците се борел за себе. Наместо да планира како да ги подобри условите во земјоделието, да најде пласман и да помогне на 100.000 земјоделци, тој мислел како и каде следно да патува, и колку поскап хотел да плати“, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
„Љупчо Дон Николовски кога престојувал во странство, веројатно сакал да престојува и патува со стил. Со народни пари плаќал скапи хотели и по неколку стотина евра од вечер.
Се е полесно кога си министер од СДС, пред камери зборуваш за народот и социјална правда, а зад камери јадеш скапи јадења со државни пари и спиеш по хотели со пет звезди кои чинат неколку стотина евра за вечер.
Љупчо Дон Николовски за 6 ноќевања во САД потрошил 2850 евра само за хотели.
Љупчо Дон Николовски плаќал хотелска соба по 500 евра во Њу Јорк и Вермонт, а 450 евра во Чикаго.
Во Италија во Рим Дон Николовски плаќал 300 евра за хотел од вечер.
По примерот на Бисера Антоанета и Дон Николовски се луксузирал во Виена, за две ноќевања со државни пари се платени 670 евра.
И кога патувал во соседството, како во Бугарија, Дон Николовски исто патувал луксузно, за хотел во Софија за една ноќ платил 150 евра.
Ова се министрите од СДС. Ова е Дон Николовски кој имаше десетици милиони неисплатени субвенции. Заради ова велиме дека државата е ограбена“, изјави Бране Петрушевски.