Македонија
Стартиот објект на „Мајски цвет“ се руши и се гради нов, Јакимовски најавува модерна градинка по сите стандарди
Започнаа градежните работи, со кои ќе се руши стариот објект и ќе се изгради нов модерен објект на градинката „Мајски Цвет“, во населбата Тафталиџе 1.
Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, истакна дека по повеќе од шеесет години, стариот објект, кој бил од дрвена конструкција, ќе се замени со нов еколошки, енергетски ефикасен, асеизмички отпорен и сместувачки објект за најмалите карпошани по сите европски стандарди.
„Станува збор за инвестиција од 108 милиони денари со вклучен ДДВ и морам да нагласам дека сум исклучително задоволен, што токму најмалите жители на населбата Тафталиџе 1, ќе бидат згрижувани и воспитувани во нов модерен објект од цврста градба, изграден по сите предвидени стандарди за ваков тип на објекти. Во договор со фирмата „Сандра Инженеринг“, е предвидено со банкарска гаранција , новата градинка да биде изградена за деведесет денови, со што практично наесен, дечињата од оваа урбана заедница ќе се вратат во новоизградената градинка, во една покомфорна средина со сите потребни реквизити и дидактички материјали, потребни за нивниот детски психофизички развој“, потенцираше Јакимовски.
Првиот човек на Општина Карпош, најави изградба на четири нови занимални во градинката „Пролет“ во населбата Влае 1, како и изградба на целосно нов објект на градинката „Пролет“ во населбата Козле, односно позната како „Пролет-Канела“.
„Исто така, предвидено во иднина е да се изградат и градинки во населеното место Злокуќани, како и две нови во населбата Нерези, една за дечињата од македонска и една за дечињата од албанска националност. Со тоа практично, ќе го решиме проблемот со сместувачките капацитети на најмалите жители во Општина Карпош, бидејќи и според последниот попис се потврди, дека бројот на населението во нашата општина се зголемува“, истакна Јакимовски.
Општинскиот татко, го нагласи и проблемот со дефицитот на персонал и работен кадар во градинките, односно недостатокот на воспитувачки и негователки, кој влијае врз квалитативното воспитување и згрижување на дечињата и ги повика сите надлежни институции да се усогласат и да го решат овој горлив проблем:
„Ги повикувам и Министерството за финансии, Министерството за социјална политика, демографија и млади и други надлежни инстутиции, да овозможат нови вработувања во градинките во Општина Карпош, бидејќи, постојано се соочуваме со одлив на кадар, преку одење во пензија, а нови вработувања нема. Дотолку повеќе што , бројот на жители постојано се зголемува во нашата локална самоуправа, а со тоа и потребата од проширување на постојните и изградба на нови сместувачки капацитети за нашите најмали жители. Напоменувам, дека овој проблем го имаме, не само со актуелната влада, туку постојано се провлекувал и со сите претходни влади, дециден беше градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски.
Градоначалникот Јакимовски, најави и изградба на две спортски сали во иднина на територијата на Општината, со што уште повеќе ќе се придонесе за збогатување на спортскиот живот на младите и сите карпошани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Несреќа на магистралниот пат кај село Дабиле, Струмица: сообраќајот во прекин
Од 02:15 часот сообраќајот на магистрален пат А4 кај село Дабиле Струмица е во прекин поради случена сообраќајна незгода, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Коцевски: Ако градоначалникот Ѓорѓиевски има докази за злоупотреби во јавните претпријатија нека пријави
Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, доколку има докази за злоупотреби во јавните претпријатија, е надлежен тоа да го пријави во Министерството за внатрешни работи или во Јавното обвинителство.
„Во однос на изјавите на градоначалникот, ќе кажам дека тој како градоначалник, доколку има докази и е надлежен, тоа може да го пријави на надлежните органи – МВР, и да ги достави тие документи евентуално во Јавното обвинителство. И досега Обвинителството така постапувало, што значи дека ќе постапува и натаму. Ако има злоупотреби, стоиме на располагање“, изјави Коцевски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски претходно на социјалните мрежи објави дека во скопските јавни претпријатија се отпуштени 500 лица кои со месеци или години не доаѓале на работа, и дека нема да има толеранција за такви случаи.
Дополнително во телевизиско гостување, Ѓорѓиевски објасни дека до него пристигнале документи кои укажуваат на можни незаконитости во работењето на повеќе претпријатија.
Македонија
Следната недела почнува судењето за пожарот во „Пулс“, обвинителството со тим од 15 обвинители
Судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени, почнува следната недела, на 19 ноември.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски најави дека обвинението ќе го застапува тим од околу 15 обвинители, со веќе утврден план за нивна координација.
„Во судница обвинението ќе го застапуваат истите обвинители што беа и досега, но најверојатно ќе ангажираме уште неколку, за да не се одолговлекува постапката. Од наша страна сме целосно подготвени и екипирани“, изјави Коцевски, додавајќи дека вчера се одржал координациски состанок во Јавното обвинителство.
Обвинението, поднесено во јуни годинава, опфаќа 34 физички и три правни лица, обвинети за тешки дела против општата сигурност. Меѓу нив се тројца поранешни градоначалници на Кочани, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пет државни службеници, генерален секретар и двајца поранешни министри за економија. Првообвинети се тројцата одговорни лица и сопственици на фирмата чија подружница бил кабарето „Пулс“.
Покрај главниот предмет, се води и посебна истрага против 13 полицајци поврзани со случајот, која се одвива побавно поради одложени сослушувања на сведоци. Одлуката од Јавното обвинителство се очекува на почетокот на декември.
Во Основното јавно обвинителство Кочани се води и предистражна постапка против службеници на Управата за јавни приходи.

