Македонија
Стигнаа околу 13.000 вакцини „Фајзер“

Пристигнаа дополнителни 12.870 дози вакцини од производителот Фајзер, соопшти министерот за здравство, Венко Филипче.
Вакцините се обезбедени преку директните преговори со производителот и преку ЕУ која ги обезбедува како помош преку трилатерални договори во рамките на програмата „Тим Европа“ (Team Europe).
Филипче апелира сите кои досега се немаат пријавено за вакцинација да го сторат тоа што поскоро.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на работна средба со претставници на Стејт департментот: Потврдени одличните билатерални односи помеѓу Македонија и САД

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, од вчера престојува во работна посета на Соединетите Американски Држави. Во рамки на посетата тој оствари работна средба со високи претставници на Стејт Департментот.
„Во рамките на средбата со Стивен Џи, Директор во Директоратот за Јужно-Централна Европа и Бенсон Сивек, офицер кој е одговорен за Македонија ги потврдивме одличните билатерални односи помеѓу нашата држава и САД кои неопходно е во иднина да продолжат да се надградуваат во духот на стратешкото партнерство помеѓу двете земји“, напиша Муцунски во својата Фејсбук објава.
Муцунски во својата објава потенцираше дека на средбата ја нагласил заложбата на ВМРО-ДПМНЕ за итни и темелни реформи во правосудниот систем, но и забрзан економски развој како одговор на тешката економска состојба во државата и високото ниво на криминал и корупција.
Во следните неколку денови тој ќе оствари средби со членови на Конгресот, високи претставници на меѓународните организации и ќе присуствува на Националниот молитвен појадок кој ќе се одржи утре во Вашингтон.
Македонија
Мицкоски: Повикувам на мирно и достоинствено чествување на Гоце Делчев

При денешната посета на општина Карбинци, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во однос на 4 февруари и дека тој ќе биде настан од висок ризик и дали се повикувани членови на информативни разговори во полициска станица, истакна дека има такви информации за такви информативни разговори и ги повика граѓаните во Македонија да не подлегнуваат на провокации и мирно, чесно и достоинствено да го чествуваат великанот Гоце Делчев.
„Имам информации за такви информативни разговори и јас ја користам оваа пригода да ги повикам граѓаните во Македонија да не подлегнуваат на провокациите што секојдневно се присутни и кои имаат само една цел и тие одат во полза само на една структура, а тоа е на Владата на ДУИ, поддржана од СДСМ, и на нашиот источен сосед. Ниту една провокација на која ќе потпадне кој било граѓанин не оди во полза на македонскиот народ и на Македонија како држава, затоа ги повикувам – ние сме мирен, честит, достоинствен народ, библиски народ, ќе потсетам, народ што знае да тагува, народ што знае да празнува, но и народ што знае да да даде почест на луѓето, кој ги почитува, еден таков е великанот Делчев, и јас ги повикувам сите на тој ден достоинствено да се поклониме во црквата ‘Св. Спас’ во Скопје за да можеме да покажеме дека на овој народ местото му е онаму каде што одамна треба да му биде, а тоа е во Европа. А не да се враќаме назад и да не дозволиме оние корумпирани полициски структури, кои имаат обид да го разединат македонскиот народ, да успеат, ние треба да ги поразиме со едно достоинствено чествување на денот и затоа ги повикувам сите оние што тој ден ќе се одлучат достоинствено да го чествуваат“, нагласи Мицкоски.
На прашањето дали, сепак, се повикани членови на партијата на информативни разговори, Мицкоски нагласи дека има таква информација, но не сака да создава паника бидејќи навикнати се пет години да живеат под политички терор на Владата на СДСМ и ДУИ.
„Па, имам такви информации, но сега за сега не би сакал и не треба да создаваме паника, ние сме навикнати, пет години живееме под политички терор на Владата на СДСМ и ДУИ, навикнати сме, едноставно отпорни сме на сето тоа, повикувани се и ќе бидат повикувани сè до моментот додека оваа Влада не замине, потоа оние што ја злоупотребуваат таа позиција, ќе треба да дадат одговори на многу прашања и тогаш треба да бидат силни како што се сега силни, знаете кога ќе сте во институциите, имате чувство дека, ако малку помалку имате животно искуство, дека сте семоќни, но доаѓа денот кога ќе треба да дадете одговори на многу прашања и потоа нема бегање, нема плачење, нема лелекање, нема кукање, ќе треба да се дадат одговори, а тој ден доаѓа. Месеци се во прашање кога ќе дојде денот кога многумина во оваа држава за она што го правеа во овие 5 години ќе треба да дадат одговор“, истакна Мицкоски.
Во однос на прашањето дали на 4 февруари очекува каква било случка која би ја нарушила безбедносната состојба во државата, Мицкоски истакна дека каква било случка што би ја нарушила безбедноста би била само грев на Владата и на МВР бидејќи ако МВР ги слуша сите овие апели што ги упатува, добро се организира и не сака да дојде до таква случка, нема да дојде.
„Каква било случка која би ја нарушила, ќе биде само грев на Владата и на МВР бидејќи ако МВР ги слуша сите овие апели што ние ги упатуваме и добро се организира и не сака да дојде до таква случка, верувајте, нема да дојде. Но, доколку Спасовски и луѓето околу него сакаат да дојде до таква случка, ќе дојде. Така што, единствен виновник ќе бидат тие“, нагласи Мицкоски.
Македонија
Каевски: Наместо проекти и решенија, градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ги задолжуваат општините

Масовна партизација, поскапи услуги за граѓаните и задолжување на општините, тоа е учинокот на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ и шпицниот градоначалник Христијан Мицкоски за првите 16 месеци власт, истакна на денешната прес-конференција Дарко Каевски, портпарол на СДСМ и пратеник.
Наместо проекти и решенија за развој, градоначалниците и советничките групи од ВМРО-ДПМНЕ, вели Каевски, ги задолжуваат општините, кои важат за едни од најбогатите и финансиски најстабилни.
„Градоначалникот на Гази Баба со обврзница од пет милиони евра ја задолжи Општината, без притоа да биде наведено на кој рок ќе биде издадена обврзницата, без да биде наведено колкава е каматната стапка. Тој пример го следи и градоначалникот на општина Бутел, кој ќе издаде обврзница во вредност од два милиона евра или неверојатни 55 отсто од годишниот буџет на Општината. Претходно, постапка за издавање обврзница издаде и Општина Аеродром, предводена од Тимчо Муцунски и ВМРО-ДПМНЕ, а обид за издавање имаше и Општина Штип“, рече Каевски.
Според него, освен што овие обврзници се издаваат во период кога каматните стапки се значително високи, заедничко за сите обврзници е што тие ќе може да бидат откупени од кој било приватен субјект.
Со тоа, оценува Каевски, се создава опасност обврзниците да бидат купени од големи градежни компании и крупниот бизнис и потоа да може да влијаат врз работата на градоначалниците при носењето урбанистички планови или одредени тендерски постапки.
Појаснува дека ваквото масовно задолжување лично го најави шпицниот градоначалник Мицкоски.
„16 месеци изминаа, а градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ не сработеа ништо. Потрошија милиони за партиски вработувања, за набавка на скапи мобилни телефони и компјутери, се искараа за провизии и тендери, а интересите на граѓаните се целосно игнорирани. Локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ е најнеспособната и најнеуспешна локална власт досега“, посочи Каевски.