Македонија
Столтенберг на средба со претседателот Иванов
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, го прими генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. На средбата беше разговарано за актуелната внатреполитичка состојба во Република Македонија, за евро-атлантските интеграции на земјата и за напредокот на реформите во одбраната и безбедноста во согласност со НАТО-стандардите.
Македонскиот претседател истакна дека Република Македонија е силно посветена на промовирањето на мирот и стабилноста и придонесува за безбедноста во и надвор од нашиот регион. Тој нагласи дека Република Македонија во континуитет покажува дека е доверлив и стратешки партнер и сојузник на НАТО, додавајќи дека уште во 2008 година Република Македонија ги исполни условите за членство во НАТО и сиве овие години активно придонесувајќи во меѓународните мировни мисии го заслужува членството во НАТО без дополнителни услови.
„Верувам дека вистинското место на Република Македонија е во Европската Унија и алијансата. Ќе продолжам да ги поддржувам нашите стратешки цели. Ho, Европската Унија и НАТО во никој случај не смеат да бидат алиби за лош договор“, порача претседателот Иванов на средбата со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Иванов истакна дека сите негови обврски како врховен командант на вооружените сили во однос на одбраната се завршени и дека АРМ ги исполни поставените задачи и успеа да се покаже како рамноправен партнер со армиите на земјите членки на НАТО како на обуките, вежбите и проверките, така и во пракса во изведувањето на операциите.
Во таа насока, претседателот Иванов посочи дека го поддржа процесот на донесувањето на стратегискиот одбранбен преглед согласно со препораките на НАТО советодавните тимови и дека новата стратегија, што е исклучиво ориентирана кон зачленувањето во НАТО, е изготовена.
Имајќи ги предвид новите реални предизвици со коишто се соочуваат регионот и Европа, додаде претседателот Иванов, одржувањето на безбедноста, стабилноста и просперитетот на нашиот регион треба да претставува колективен интерес на сите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Радев: Преговорите помеѓу Бугарија и Северна Македонија завршија пред две години
Преговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија завршија во јули 2022 година, кога двете земји го потпишаа билатералниот протокол по Договорот за добрососедство и соработка, изјави бугарскиот претседател, Румен Радев, кој смета дека нема потреба од посредништво во дијалогот помеѓу Македонија и Бугарија.
Со овие зборови тој одговори на прашање за изјавата на премиерот на Христијан Мицковски, дека е подготвен за преговори со бугарскиот претседател.
Радев посочи дека секогаш бил отворен за дијалог, но мора да се прави разлика меѓу дијалог и преговори.
„Преговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија завршија во јули 2022 година, кога двете земји го потпишаа билатералниот протокол по договорот за добрососедство и соработка“, рече Радев, пренесува „Новини.бг“.
Според него, доколку се зборува за дијалог, тој треба да се води меѓу Северна Македонија и Европската комисија и врз основа на преговарачката рамка за Северна Македонија усвоена во исто време.
„Дијалогот е таму, а се работи за условите што мора да ги исполни Северна Македонија, за да можат да почнат преговорите за членство на земјата во ЕУ“, додаде.
Радев истакна дека Бугарија може и треба да помогне во овој процес, за Северна Македонија побрзо и поефективно да ги исполни условите и самоуверено да го тргне својот европски пат.
Македонија
Уште еден земјотрес почувствуван во Македонија
Земјотрес со јачина од 3,6 степени според Рихтеровата скала вечерва е регистриран во близина на граничните премини помеѓу Македонија, Косово и Србија.
Според информациите на ЕМСЦ земјотресот се случил на длабочина од 10 километри, на 9 километри од Врање.
Граѓаните веднаш се огласија на социјалните мрежи и, како што велат, ова е четврти земјотрес од синоќа.
„Добро удри! Немаше нишање, повторно вертикално“, сведочи граѓан на Врање кој го почувствувал потресот, пренесува „Б92“.
„Силно, но кратко“, се дел од коментарите на корисниците на EМСЦ.
Земјотресот бил почувствуван во делови од Македонија, Србија, Косово и Бугарија.
Претходно утрово, земјотрес со јачина од 4 степени според Рихтеровата скала ја погоди јужна Србија, а беше почувствуван и во Македонија и во Бугарија.
Македонија
Огромни гужви на грчко-македонската граница: „Се чека и до три часа“, се жалат граѓани
Колони возила има попладнево на граничниот премин Еврзони од грчка страна, додека голем број македонски граѓани се враќаат од продолжениот празничен викенд кој го поминаа на туристичките места во Грција.
Според информациите од АМСМ, за влез во земјава се чека повеќе од еден час.
Граѓани пак, сведочат дека чекаат и до три часа.
„Колони има до патарина“, се жалат македонските туристи.
Гужви има и на велешката патарина, а колона возила стои во место и на влезот на Гостивар од „Стража“.
Според последните информации, на Табановце времето за чекање веќе е намалено откако претходно денес и таму беше забележано зголемено движење.
(Фото: архива)