Македонија
Стојаноски: Конечно се зборува за тоа колку километри автопатишта се градат, тоа е едно нормално, коешто граѓаните на оваа држава го заслужуваат

На денешната собраниска седница, посветена на пратенички прашања свое обраќање имаше пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски. Тој постави три прашања кои се однесуваа до претседателот на Владата, Христијан Мицкоски. Стојаноски праша кои се идните чекори коишто се планирани во насока на подобрување на здравствената инфраструктура, бидејќи како што кажа тој истото е една од општествените сфери кои најмногу ги интересираат граѓаните.
„Кои се идните чекори коишто се планирани во насока на подобрување на здравствената инфраструктура и во здравството како сфера воопшто, бидејќи од она коешто може да се види тоа е една од општествените сфери кои најмногу ги интересираат граѓаните“, вели Стојаноски.
Стојаноски постави дополнително прашање од енергетиката. Тој праша до каде е процесот за отпочеток на градбата за интерконекторот за гас со Грција, нешто коешто треба да даде енергетска независност на Македонија, како и дополнителни околности за функционирање на нашето стопанство.
„До каде е процесот за почеток на градбата за интерконекторот за гас со Грција? Нешто коешто сме го зборувале тука неколку години, коешто треба да даде една енергетска независност, или приклучок на Македонија со гас за да можеме да бидеме и во таа рамка, односно во тој дел, да добиеме дополнителна енергетска независност, како и дополнителни олеснителни околности за функционирање на нашето стопанство и на нашите граѓани“, истакна Стојаноски.
Стојаноски смета дека прашањата треба да се однесуваат за реализација на мерки и проекти кои треба да го подобрат животот на граѓаните. Тој додаде дека драго му е што конечно дојдовме до ниво да разговараме за тоа колку и какви услуги се достапни, колку километри автопатишта се градат, и додаде дека тоа е едно нормално коешто граѓаните на оваа држава го заслужуваат.
„Сметам дека ова се прашања кои ги интересираат граѓаните. Она коешто се најавува како дискурс во јавноста, што е присутно во медиумите, во ТВ дневниците или порталите. Драго ми е што конечно се зборува за тоа колку и какви услуги се достапни, можеби од аспект на дигитализација на одредена платформа, колку километри автопатишта се градат, дали е потребно да градиме. Дојдовме до тоа ниво, разговараме колку клиники ќе отвориме, или какви болници ќе се градат, каде ќе се градат и сметам дека тоа е едно нормално коешто граѓаните на оваа држава го заслужуваат“, дециден е Стојаноски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ганиу го осуди нападот врз Арсовска: Ниту еден вработен или функционер на oпштина Чаир не бил инволвиран, ниту пак присутен на местото на настанот

Градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу го осуди нападот врз Данела Арсовска и негира поврзаност со инцидентот.
„Општина Чаир најостро го осудува инцидентот што се случи помеѓу градоначалничката на Град Скопје, г-ѓа Данела Арсовска, и неколку лица на територија на Општина Чаир.
Ваквите дејствија се неприфатливи и претставуваат сериозно нарушување на нормите на однесување во едно демократско и цивилизирано општество.
Сметајќи дека е важно јавноста да биде точно информирана, ја појаснуваме фактичката состојба – настанот воопшто не е поврзан со нашата институција. Ниту еден вработен или функционер на Општина Чаир не бил инволвиран, ниту пак присутен на местото на настанот.
Општина Чаир останува посветена на зачувувањето на јавниот ред, почитувањето на институциите и унапредувањето на соживотот меѓу заедниците.
Во тој контекст, постапувањето останува во надлежност на соодветните институции, кои согласно своите процедури, ќе делуваат со внимание и одговорност, во насока на расветлување на настанот и зачувување на јавниот ред и мир“, напиша Ганиу на социјалните мрежи.
Македонија
ДОМ за нападот врз Арсовска: Насилството и дивоградбите не смеат да ја урнат демократијата

Демократска обнова на Македонија (ДОМ) најостро го осудува нападот врз градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, кој се случил пред полициска станица, во присуство на полиција и пред очите на јавноста.
„Без разлика на политичките разлики или несогласувања, насилството е неприфатливо и мора да биде јасно санкционирано. Овој инцидент го надминува прашањето на лична безбедност, станува збор за напад врз жена во политика, врз носителка на јавна функција и врз институционалниот интегритет.
ДОМ потсетува дека со години се залага за безбедна јавна средина, политичка култура без насилство и поддршка за жените во политика и јавниот живот. Денешниот настан покажува дека тие заложби не се декларативни, туку итно неопходни.
Молкот од институциите во вакви случаи може да значи само охрабрување на насилството и легитимизација на урбаната мафија, која го претвора јавниот простор во Скопје во зона на страв, закани и неказнивост.
Бараме брза, одлучна и транспарентна интервенција од МВР и Јавното обвинителство за ваквите случаи како и за инцидентот со советничката Ирина Витина никогаш повеќе да не се повторат во иднина“, се наведува во соопштението на ДОМ.
Македонија
Националната мрежа против насилство врз жени со најостра осуда за бруталниот напад врз градоначалничката Данела Арсовска

Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство најостро го осудува денешниот срамен и недозволив физички и вербален напад врз градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, кој се случи за време на нејзиното извршување на службени обврски
при увид на локација со дивоградба.
„Овој напад претставува флагрантно кршење на човековите права, напад врз достоинството на жената и грубо поткопување на институционалниот интегритет. Тоа е атак не само врз една жена на јавна функција, туку и врз основните темели на правната држава и демократијата. Бараме итна, темелна и непристрасна истрага, како и најстрога санкција за сите вклучени сторители. Државата мора да испрати јасна и недвосмислена порака дека насилството – без разлика врз кого е насочено – е неприфатливо и нема да се толерира“, велат од Националната мрежа против насилство врз жените.
„Како мрежа која повеќе од една деценија се залага за искоренување на родово базираното насилство, остро алармираме за растечките трендови на говор на омраза, деградација и физички напади врз жени, особено оние кои се активни во политиката и јавниот живот.
Жените политичарки сè почесто се цел на закани, омаловажување и насилство, особено на социјалните мрежи, создавајќи средина на страв и самоцензура.
Резултатите од истражувањето на Националниот демократски институт и Охридскиот институт од 2020 година покажуваат дека 65% од жените во политиката во Македонија доживеале некаков вид на насилство, додека 62% од нив не го пријавиле, поради недоверба во институциите, и покрај нивниот јавен ангажман.
Оваа реалност мора да се промени. Насилството не смее да биде цена што жените ја плаќаат за јавно учество. Потребни се итни системски мерки, силна политичка волја и јавна осуда од сите општествени чинители.
Само преку решителна, гласна и солидарна реакција можеме да изградиме општество во кое секоја жена, без разлика на нејзината позиција, ќе биде безбедна и подеднакво вклучена“, соопшти Националната мрежа против насилство врз жените.