Македонија
Стојаноски: Нема да поддржиме одлука за прераспределба на средства, која значи повеќе пари за тендери во четири очи, криминал и корупција
Денес, почнува расправата по одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите.
Според пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, формално ова не е ребаланс иако промените се значајни и власта можела да достави ребаланс на буџетот до Собранието.
„Причината за ваквото избегнување е неажурноста, бегањето од редовна постапка и рокови и немањето капацитет да се изработи ваков значаен документ. Одлуката за прераспределба тежи околу 300 милиони евра според зборовите на министерот за финансии, а образложението, кое е во прилог, е само 138 збора. Се намалуваат приходите од ДДВ за 120 милиони евра. Ова е многу силна измена од повеќе аспекти. Во услови на двоцифрена инфлација кога сите производи се поскапени, поголем е и износот на ДДВ што се прибира“, рече Стојаноски.
Дополнително, потсети дека власта го зголеми и ДДВ-то на струјата од јули оваа година, а дека планира да повлече дополнителни 150 милиони евра од домашните банки преку долгорочни обврзници.
„Со оваа расипничка власт не е чудо што јавниот долг е над 8,3 милијарди евра и тој е зголемен за 3,6 милијарди од 2017 до денес. Власта вели дека зголемувањата се во делот на плати и надоместоци за јавниот сектор. Сметаме дека јавниот сектор многу порано требаше да добие зголемување на своите плати со оглед дека инфлацијата во овие две години е двоцифрена и надминува 30 % кумулативно, а кај храната и електричната енергија покачувањата се речиси 50 %. Каде крати Владата? Тоа се капиталните инвестиции, кои власта не успева да ги реализира поради неспособност и тоа што традиционално ги предимензионира за во овој период од годината да ги префрли на ставки од кои полесно ќе може да ги испумпа кон свои фирми“, истакна тој.
Стојаноски обвини и дека се кратат средства од зелен развој, програма што ја воведе оваа Влада, дека при секој ребаланс парите се пренаменуваат, а зелениот развој остана само флоскула на ДУИ.
„Со оваа одлука за прераспределба се кратат десетици милиони евра и од армијата, т.е. Министерството за одбрана. Македонија е една од земјите што испрати своја воена опрема на Украина, но власта, наместо да ја замени со нова и современа опрема, предвидените средства ги крати.
Загрижувачки е односот на власта во образованието и таму по којзнае кој пат се кратат предвидените средства од споменикот на неспособноста на ДУИ и СДСМ, т.е. зградите на ФИНКИ и ФФК. Освен за оваа намена, власта не може да реализира инвестиции и за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, како и за спортски сали“, изјави Стојаноски.
Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи ваква одлука за прераспределба, која под превезот на поголеми плати за јавниот сектор значи повеќе пари за тендери во 4 очи, криминал и корупција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силјановска-Тајани: Членството во Европската Унија е наш стратешки приоритет
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова го прими министерот за надворешни работи на Италијанската Република, Антонио Тајани.
На средбата беше разговарано за можностите за унапредување на соработката на билатерален и меѓународен план, за тековните состојби во однос на македонскиот пристапен процес за членство во Европската Унија, како и за актуелните случувања во регионот.
Соговорниците изразија задоволство од активниот и континуиран политички дијалог, којшто е потврда на традиционално добрите и пријателски односи меѓу двете земји.
Истакнувајќи дека членството во Европската Унија е наш стратешки приоритет, претседателката изрази благодарност за континуираната поддршка од Италија на македонските евроинтеграции и доследното застапување на политиката на проширување на Европската Унија.
Во интерес на стабилноста, просперитетот и економскиот раст, претседателката Сиљановска Давкова ја потенцираше неопходноста од забрзување на пристапувањето кон ЕУ и изрази очекување дека со помош и силна поддршка од нашите вистински пријатели, земјава ќе успее полесно да го изоди европскиот пат.
Во таа насока, претседателката ја потврди посветеноста на исполнување на реформската агенда, одржување на добрососедските односи и активна регионална соработка.
Потенцирајќи дека Италија е наш важен политички и економски партнер, претседателката Сиљановска Давкова изрази очекување за унапредување на економската и трговската соработка меѓу двете земји и натамошно дополнително јакнење на безбедносната соработка во рамки на НАТО Алијансата.
Претседателката ја истакна подготвеноста и за унапредување на соработката преку културната и јавната дипломатија и ја посочи можноста за соработка со италијанските региони во областите на туризмот, младите и спортот, како и во областа на креативните индустрии.
Македонија
Средба на Гаши со Тајани: Благодарност до Италија за поддршката за пристапувањето во ЕУ
Претседателот на Собранието Африм Гаши се сретна со потпретседателот на италијанската Влада и министер за надворешни работи и меѓународна соработка, Антонио Тајани, кој допатува во посета на Северна Македонија.
На средбата присуствуваа и пратеници од Собранието, членови на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Италија.
Претседателот Гаши се заблагодари за значајната поддршка од Италија во процесот за пристапување во Европската Унија. Тој нагласи дека двете држави неодамна одбележаа 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи и дека нашите релации се традиционално добри и пријателски, со активен политички дијалог и динамична секторска соработка.
Тајани изрази силна поддршка од Италија за полноправното членство на нашата земја, како и на другите држави од Западен Балкан, во Европската Унија, откако ќе се затворат сите поглавја. Тој рече оти очекува тој процес да заврши што е можно побрзо, нагласувајќи ја притоа важната улога на парламентите.
Вие како парламентарци, рече шефот на италијанската дипломатија, може да почнете многу иницијативи и да ја искористите својата позиција за вашиот глас да се слушне во другите национални парламенти и пред се во Европскиот парламент, каде што со посебна важност се третира прашањето на проширувањето, како и интеграцијата на земјите од регионот.
Гаши истакна дека Северна Македонија и регионот во целина географскии припаѓа на Европа и дека се надева оти многу брзо и политички ќе стане дел од Европската Унија. Притоа, претседателот на Собранието нагласи дека Северна Македонија, на патот кон остварувањето на своите стратешки цели, покажа голем капацитет за дијалог и за компромиси, што треба да биде пример за другите аспиранти за членство како се надминуваат отворените прашања и как се градат добри меѓусоседски односи.
Македонија
Муцунски на средба на Тајани: Италија сака што поскоро да ја види Северна Македонија во ЕУ
На покана на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во еднодневна посета на нашата земја престојуваше потпретседателот на Владата и министер за надворешни работи и меѓународна соработка на Италијанската Република, Антонио Тајани. Денешната посета претставува прва посета на министер за надворешни работи од земја членка на Европската Унија, по формирањето на новата влада.
Во таа насока министерот Муцуснки истакна дека денешната посета претставува силна потврда на нашата заедничка определба за продлабочување на политичкиот дијалог и зајакнување на соработката на сите нивоа, додавајќи дека голема е честа што ова претставува и прва официјална посета на министер од земја членка на Европската Унија, по формирањето на новата влада.
Двајцата соговорници изразија задоволство од одличните билатерални односи меѓу двете земји и ги потенцираа бројните можности за унапредување на оваа соработка, а особено на економски план и во таа насока во следниот период планирано е да одржи бизнис форум на кој ќе се разгледаат можностите за инвестирање во двете земји.
Министерот Муцунски го запозна својот соговорник и со најновите состојби во Регионот, процесот на интеграцијата во Европската Унија, ангажманите за засилување на добрососедските односи и регионалната соработка, во функција на обезбедување европска перспектива за нас и за земјите од Западен Балкан. Притоа, тој ги поздрави континуираните заложби на Италија за одржување на динамиката во процесот на проширување на ЕУ, заблагодарувајќи се за принципиелната поддршка од официјален Рим за нашата европска перспектива. Воедно порача дека европската идеја на Балканот ќе биде заокружена само доколку процесот добие вистинска валоризација преку интеграција на земјите од Западен Балкан во Унијата, како историска пресвртница не само за државите, туку и за целиот регион.
Министерот Тајани нагласувајќи го политичкото убедување на Италија за интеграција на Западниот Балкан во ЕУ потенцираше дека тие остануваат силен поддржувач на нашата држава, охрабрувајќи ја нашата земја да продолжи со реформите и посветено да го зајакнува општествениот капацитет како клучен елемент за успешноста во совладувањето на домашните и регионални предизвици.
„Денешната посета и средбата со министерот Муцунски е јасна порака за влогот кој Италија го дава за побрз пристап на Западниот Балкан во Европската Унија. Ние посветено работиме за Северна Македонија што поскоро да биде дел од унијата“, потенцираше Тајани во обраќањето пред медиумите.
Во фокус на разговорите на двајцата Министри беа и миграцијата, актуелните безбедносни прашања, трговијата и економските релации помеѓу двете земји.