Македонија
Стојкоски: Ѓорче Петров ќе стане првата независна енергетска општина
Александар Стојкоски, кандидат за градоначалник за општина „Ѓорче Петров“ од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на денешниот митинг одржан во рамките на изборната кампања, под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, ја истакна програмата содржана од 140 проекти поделена во сите сегменти на жителите во Ѓорче Петров.
„На овие избори настапуваме со програма од 140 проекти поделени во сите сегменти коишто го зафаќаат живеењето на жителите во Ѓорче Петров, програма којашто ќе ги опфати сите возрасти, категории. Јас во фокусот секогаш ги имам младите и во оваа програма ќе реализираме пет нови детски градинки во Ѓорче. Една детска градинка веќе ја правиме во Стопански, договорот е потпишан, и наредната недела започнува детската градинка во Дексион. Ќе продолжиме посветено да работиме и за децата во основното образование и тука ќе направиме пет доградби и едно основно училиште Гоце Делчев“, рече Стојкоски.
Стојкоски исто така истакна дека ќе се изградат три нови спортски комплекси, и дека со воведувањето на фотоволтаичната централа на јавните објекти, општина Ѓорче Петров ќе стане првата независна енергетска општина.
„Ќе продолжиме да работиме посветено и на спортската инфраструктура, ќе направиме три нови модерни спортски комплекси, ќе работиме силно и посветено за животната средина, Ѓорче Петров ќе ја добие и првата 2,2, мегаватна фотоволтаична централа на крововите на јавните објекти, со тоа општината Ѓорче Петров ќе стане првата енергетски независна општина“, рече Стојкоски.
На крај Стојкоски посочи дека ќе се изгради и нова летна сцена со нов плоштад, како и изградба на нов мега парк од 18.000м2.
„Ќе го изградиме новиот мега парк Македонија којшто ни е во постапка на кејот на реката Вардар со површина од 18.000м2 којшто ќе ги содржи сите потребни зони за рекреација, ќе има нова летна сцена, нов плоштад со нови патеки и нова фонтана. Во делот на животната средина ќе набавиме и ново комунално возило за собирање на зелен отпад, планирана изградба на првиот центар за примарна селекција на отпад“, објасни Стојкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
За девет месеци од наплата на патарините државата заработила над 58 милиони евра
Вкупните приходи од наплата на патарина за првите девет месеци од годинава изнесуваат 3.611.645.604, денари (58,725 милиони евра).
Во септември годинава прометот на наплатните станици изнесува 401.971.971 денар, а во летните месеци кога е највисока фрекфенцијата на возила, биле инкасирани 494.308.025 во август, 469.811.647 во јули и 399.325.680 денари во јуни годинава.
Најпрофитабилна е наплатната станица Романовце, а најниски се приходите на Кадрифаково.
Македонија
Најмногу дожд во изминатото деноноќие падна во Пожаране и Попова Шапка
Најмногу дожд во изминатото деноноќие наврал во Пожаране и Попова Шапка, а најмалку во Штип и Кавадарци.
Управата за хидрометеоролошки работи информира дека во Пожаране и Попова Шапка наврнале 32 литри на метар квадратен, во Маврови Анови и Крушево 23, во Тетово 21, во Претор 20, во Лазарополе 14, во Гевгелија 11, во Битола, Тополчани и Скопје-Зајчев Рид 6, во Ѓуриште, Пожар-Радовиш 5, во Прилеп, Велес, Скопје-Петровец 4 и во Штип и Кавадарци еден литар на метар квадратен.
До вторник синоптичарите најавуваат променливо облачно време со локални врнежи од дожд. Денеска наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 30 l/m² за 24 часа), проследени со засилен ветер и појава на ретки грмежи.
Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од јужен, а долж Повардарието од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 12 до 17 степени.
Македонија
Таен ринг за борби со кучиња разоткриен во битолско, заработувале од мачење животни
Грчки државјанин сопственик на куче, пит бул, косовски државјанин сопственик на куче од расата американски стафорд, како и двајца македонски државјани како соизвршители ќе одговараат на кривично дело – Убивање и мачење животни од член 233 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Основното јавно обвинителство Битола ги прибра сите потребни докази и поднесе обвинение, бидејќи на 1 ноември во селото Црнеец во близина на Стрежево, тие заради користољубие грубо ги злоупотребувале и ги изложиле на непотребни маки кучињата.
Првообвинетиот организирал борба меѓу двете кучиња во дворот од семејната куќа на второобвинетиот, кој претходно имал подготвено ринг каде се одвивала борбата. Настанот го следеле и други лица од Косово, Грција и Македонија, кои полициските службеници ги затекнале на лице место и кај кои биле пронајдени парични средства во различни апоени на евра и денари наменети за обложување.
Како резултат на борбата, со особено тешки повреди се здобило кучето од расата пит бул, кое имало угризни рани со различна големина, тешки повреди на главата и видливи знаци на трауматски шок.
Доказите обезбедени до овој момент упатуваат на сомненија дека се работи за организирана операција за која бил подготвен ринг за борби за кучиња во кој се пронајдени траги кои укажуваат дека вакви борби се случувале и друг пат, како и лекови за пружање прва помош на повредени кучиња.
Јавниот обвинител до Основниот суд во Битола достави предлог за продолжување на претходно определената мерка куќен притвор за двајцата македонски државјани.
Доколку двајцата странски државјани кои се во бегство од моментот на сторување на делото, не бидат обезбедени до почетокот на судската постапка, јавниот обвинител ќе предложи нив да им се суди во отсуство.

