Македонија
Страшевски: Не сум ѝ се заканувал на поротничката, сакаат да ме замолчат
Адвокатот во случајот ТНТ, Јовица Страшевски, во писмено соопштение вели дека во неговите дописи до медиумите нема закани кон никого, најмалку кон поротничката Лилјана Ивановска-Кочковска. Според него, во писмата што тој ги испраќал до медиумите има само информации и цитирање закони. Страшевски е дециден дека ако во кое било писмо се пронајде закана, тој ќе одговора пред надлежните институции.
„Сите писма ги имате, ако најдете макар и една закана, јас сум спремен да одговорам. Цитирам закони и давам информации. Јас не велам дека некој ќе биде осуден или обвинет, туку посочувам закони. Тоа што кажав дека имам информација од човек што видел дека поротничката поднела оставка, а не изјава во архивата – не е закана. Информација е. Нема еден збор закана. Немам намера кон никого да се заканувам. Тоа се добронамерни укажувања. Немам намера за опструкции на судењата. Тоа го прави судот, кој даде почетен датум и краен датум на судењето. Тие се обидуваат да нè замолчат, а ако тоа се случи, ќе биде лошо за целиот правосуден систем. Зошто еднаш да не завладее правото? Јас нема да попуштам и на сите закани што ги прават против мене. Јас сум спремен да одам и во МВР, Обвинителството, секаде“, вели Страшевски во писмото.
Од Кривичниот суд преку соопштение велат дека судијката поротник побарала средба кај претседателот на судот, Иван Џолев, кому му се пожалила дека прима закани да се откаже од постапување во случајот ТНТ. Кога ѝ било укажано дека судот ќе го заштити нејзиниот углед, таа прифатила да постапува сè до нејзиното евентуално разрешување од Судскиот совет. Во истото соопштение Кривичниот суд вели дека дописите на Страшевски ги потврдуваат заканите и притисоците што се обидува да ги направи врз судијката поротник.
„Како и од каде адвокатот би знаел какви дописи се доставуваат до судот, од други лица, кога тие се доставуваат само до приемното одделение? Како се дозволува некој и понатаму да влијае врз судиите и судиите поротници и надвор од судница. Поради сите овие прашања, судот повторно апелира до Министерството за правда, Адвокатската комора, Судскиот совет на РСМ и до јавниот обвинител да преземат соодветни мерки и да го заштитат судот бидејќи доколку овие методи вродат со плод, може да бидат применети и во сите други судски постапки“, велат од Кривичниот суд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стаменкоска Трајкоска-Клеин: Соработката со Унгарија е пример за вистинско партнерство
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, денес во просториите на општината оствари средба со амбасадорот на Унгарија во Република Македонија, Андраш Клеин. Во рамките на разговорот, таа ја претстави својата визија за развој на општината, а посебно беше нагласена подготвеноста за унапредување на долгогодишната соработка меѓу општината и Унгарија.
Соговорниците посебен акцент ставија на продолжувањето на традицијата на чествување на Шандор Петефи, чија биста е поставена во новиот парк во Драчево. И годинава ќе продолжат активностите поврзани со неговото одбележување, а најавен е и конкурс за учениците од основните училишта, посветен на теми од унгарската историја и државност.
-Преку вакви проекти не само што го унапредуваме урбаниот и културниот живот во Кисела Вода, туку и ги зајакнуваме врските меѓу македонскиот и унгарскиот народ. Нашата соработка со Унгарија е пример за вистинско партнерство и верувам дека и во иднина ќе реализираме уште многу заеднички иницијативи-истакна градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.
На средбата присуствуваше и претседателот на Здружението на Унгарците во Македонија-Теледом, Јожеф Шутуш, кој ја потврди долгогодишната соработка и одличните релации со Општина Кисела Вода, како основа за понатамошно зближување и заеднички развој.
Македонија
Мицкоски: Над 160 проекти се предвидени во образованата инфраструктурa
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, во текот на посетата на Кратово и реновираната спортска сала, одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали оваа година ќе има инвестиции во образовната инфраструктура, изјави дека се предвидени повеќе од 160 проекти во областа на образованието.
„Па да. Впрочем, и овој објект е дел од тие инвестиции, би рекол. Инаку, повеќе од 160–170 проекти ширум државата се предвидени за инвестирање во делот на образованието, училишта, студентски домови, итн, нешто што претставува императив за оваа Влада“, рече Мицкоски.
Премиерот истакна дека за година и половина, повеќе од 65 милиони евра се инвестирани во образованието и дека продолжуваат со нови инвестирања во оваа област.
„Инаку чисто за да споменам, последно што го разгледувавме, беше дека за година и половина, повеќе од 65 милиони евра се инвестирани во образованието, а од тие некаде околу 56–57 милиони се дел од програмата АА. Така што образованието е еден од нашите главни приоритети како Влада. Продолжуваме и понатаму да инвестираме, бидејќи без квалитетно и добро образование нема иднина“, изјави тој.
Македонија
Mицкоски очекува добри вести во наредните денови од САД
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува наскоро добри вести за македонските граѓани од САД.
Тој појасни дека суспендирањето на визите за 75 земји, меѓу кои и Македонија, не ги опфаќа визите за потребите на студирањето и туристичките посети, туку само оние кои се однесуваат на имиграција.
„Мислам дека во деновите кои следат ќе има добри вести за македонските граѓани кога станува збор за ваквов тип на односи помеѓу нашиот стратешки партнер“, рече Мицкоски.
Во таа насока изрази и разочараност од однесувањето на опозицијата.
„Жалам што опозицијата, по жестоките и рафални критики кон Обединетото Кралство, тоа го прави сега и со САД. Неодамна кога беа наметнати оние трговски тарифи од 30 до 35 отсто, истите тие кои јас ги нареков талог на општеството во политиката поитаа да го навредуваат САД, а ги немаше да се извинуваат кога стапката се намали на 15 проценти“, рече премиерот.
Мицкоски очекува позитивен исход.
„Јас би бил внимателен и трпелив и очекувам добри вести“, додаде.

