Македонија
Струјата, најверојатно, нема да поскапи 13 отсто, претпоставува Бектеши и остави Регулаторната да одлучи

Цената на струјата, најверојатно, нема да се покачи 13 отсто како што бараат некои од компаниите. Ова го посочува министерот за економија, Крешник Бектеши, потсетувајќи дека и минатата година некои од компаниите бараа зголемување и до 100 отсто. Тој повтори дека конечната одлука ќе ја донесе Регулаторната комисија за енергетика.
„Претходната година енергетските компании бараа зголемување, ако се сеќавате – 78 отсто, па надминаа и над 100 отсто некои компании. Не е важно колку бараат тие, важно е колку ќе се одобри од Регулаторната комисија за енергетика и која ќе биде цената што ќе ја утврди Владата на ЕСМ, која ќе ја даде кон универзалниот снабдувач, во овој случај ЕВН, цена што важи за домаќинства и мали потрошувачи. Тоа значи дека 13 отсто зголемување, кое е барање од страна на енергетските компании, најверојатно нема да се прифати. Јас можам да кажам дека нема да се прифати цената што би можело да ја бара ЕСМ, а работа на Регулаторната комисија за енергетика е да направи калкулации за барањето од страна на МЕПСО и другите компании“, рече Бектеши.
ЕСМ засега нема побарано од Владата да се утврди цена со која ќе учествува на тендерот.
„Цената што ја нудат ЕСМ на ‘ЕВМ хоме’ се разгледува на затворена седница на Владата. Откога ќе имаме барање од ЕСМ, ќе бидете известени навремено. Тоа ќе биде во согласност со интересите на граѓаните и заштита на животниот стандард. Сè уште немаме информација од ЕСМ до Владата за Владата да утврди цена со која ќе учествува на тендерот“, додаде Бектеши.
Претходно, Бектеши посочи дека цената на струјата за граѓаните нема да поскапи во наредните шест месеци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Времето денеска сончево и топло

Времето денеска ќе биде сончево со мала, а претежно во северните делови со умерена облачност. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец, најизразен долж Повардарието (каде на места ќе има брзина и над 60 км/час).
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 16, а максималната ќе достигне од 23 до 30 степени.
Во Скопје сончево со умерена облачност и со умерен до засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне 27 степени.
Продолжува периодот на претежно сончево и релативно топло време со свежи утра и со повремена умерена облачност.
Утре ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Во четврток и петок ќе има делумно зголемување на облачноста и услови за краткотраен локален дожд.
Македонија
Започна „Бела ноќ“ во Скопје

Изложби, перформанси, инсталации, концерти, театарски претстави и филмски проекции ќе се одржуваат вечер во главниот град во рамки на 19. традиционалната културна манифестација „Бела ноќ 2023“.
Централната манифестација ќе се одржи пред порта „Македонија“. Скопјани ќе имаат можност да уживаат во композициите на маестро Кире Костов во изведба на Андријана Јаневска, Наде Талевска, Дани Димитровска и Ламбе Алабаковски, придружувани од Биг бенд оркестарот, под диригентската палка на Љупчо Мирковски, проследени со специјално визуелно шоу со 3Д-мапирање на портата. Ќе претходи рок-концерт на музичкото училиште „Ентерпрајз“.
Првото издание на „Октомвриски музички поход“ ќе биде кај „Школка“, во Градскиот парк, каде што ќе настапат: групата „Педро Хоризонте“, Стефан Петановски бенд, Занаду бенд, Димиш бенд и диџеите Раста Грл, Чарли и Јаска.
Во ГТЦ, пак, ќе може да се види изложбата „Игри и мечтаења“ на Друштвото на ликовните уметници, а на Факултетот за драмски уметности ќе може да се проследат повеќе театарски претстави, како и филмска и музичка програма. На плоштадот „Филип Втори“ повеќе културно-уметнички друштва ќе изведат традиционални македонски ора.
Во Кинотеката на Македонија ќе може да се проследат македонски филмски и музички достигнувања, а во галеријата „Остен“ ќе биде поставена изложбата „Право на јавни простори“ од Факултетот за архитектура и дизајн на Универзитет „Американ колеџ“. Во Капан ан ќе биде прикажан проектот „Никеја“ со Славе Димитров и Весна Ѓиновска-Илкова, а во Домот на културата „Кочо Рацин“ ќе биде поставена изложбата „Култура во кутија“ на културното јадро „Доминиум“.
Во ноќниот клуб „Пјур“ (Pure) ќе биде одржан „Скопски моден фестивал“ (Skopje Fashion festival), на кој ќе се претстават модните дизајнери Ивана Кнез, Џорџе Башаревиќ, како и Бошко и Цеце Т.
Програмата ќе ја збогатат и културните институции: Културно-информативен центар – Скопје, Детски културен центар „Карпош“, Музеј на Град Скопје, Музеј на современата уметност, Библиотека „Браќа Миладиновци“, НУ Национална галерија, НУ Музеј на македонската борба и самостојност и НУ Турски театар.
Сите настани се од отворен карактер и се бесплатни за посетителите. И оваа година е обезбеден бесплатен јавен превоз за сите граѓани за време на одржувањето на „Бела ноќ 2023“. Бесплатниот превоз ќе може да се користи од вечер, од 18 часот, до 5 часот во недела (1 октомври 2023).
Македонија
Откако протекоа документи за токсично млеко и јогурт, утре директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство ќе има прес-конференција

Откако ВМРО-ДПМНЕ денеска објави документи за токсично млеко и јогурт во Македонија, и побараа одговорност од АХВ, попладнево од Агенцијата најавија дека директорот утре ќе го каже својот став.
„Директорот на Агенција за храна и ветеринарство Николче Бабовски, утре, во 11 часот ќе одржи прес конференција. На прес конференцијата директорот Бабовски ќе одговори за прозивките за работењето на Агенцијата“, стои во поканата.
Претходно, Цветан Трипуновски, претседател на комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ рече дека „се работи за протеински јогурт увезен од Република Србија, и од него се гледа зголемено ниво на амфлатоксин, вториот документ е лабораториски извештај за млеко од една млекарница од Република Македонија, која исто така покажува присуство на амфлатоксин над дозволената граница“.
Трипуновски праша дали протеинскиот јогурт од соседна Србија и млекото од млекарница во Македонија се пуштени во промет, или истото е преработено и се наоѓа на некој по рафтовите ширум маркетите во Република Македонија?
„Овие документи се уште еден показател дека контролата на млекото и млечните производи, како домашни, така и од увоз, АХВ не ги прави согласно потребите да ги заштити граѓаните од злоупотреби. Сакам да нотирам и дека Националниот систем за брзо известување не функционира, односно вакви известувања не се нотирано“, истакна Триупуновски