Македонија
Субвенции за струја за ранливи домаќинства: обработени 745 апликации, следува исплата

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги финализира административните проверки на апликациите пристигнати по јавниот оглас за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија за ранливи категории домаќинства во 2025 година.
Досега се пристигнати и првично прегледани вкупно 745 апликации од двете категории корисници:
· За домаќинства со деца со попреченост, пристигнати се 488 апликации, од кои 344 ја имаат доставено потребната документација, а 144 се одбиени по различни основи.
· За згрижувачки семејства, пристигнати се 257 апликации, од кои 110 се со уредна документација, а 102 се одбиени.
Комисијата која ја спроведува постапката веќе е во завршна фаза на разгледување и на останатите апликации, по што ќе следува дополнителна проверка на податоците со УЈП, Министерството за труд и социјална политика и ЕВН Хоум.
„Очекуваме во јуни 2025 година да бидат објавени конечните списоци за двете категории на домаќинства, по што ќе отпочне исплатата на субвенциите. Согласно Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2025 година, секое домаќинство кое ги исполнува критериумите ќе добие субвенција од 1.000 денари месечно за покривање на дел од трошоците за електрична енергија, во траење од 12 месеци“, велат од Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) Успешна спасувачка акција на Пелистер

По пријава на повредено лице од страна на граѓанин преку телефонскиот број за итни повици 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побара организирано извлекување со хеликоптер на планинар од Велес, кој се здобил со повреда на Пелистер планина, во близина на Битола.
Во 12:30 часот успешно интервенираа припадници на Министерството за внатрешни работи, со хеликоптер и специјалната единица „Тигар“. Повреденото лице беше извлечено и безбедно транспортирано до Градскиот стадион во Битола, каде што беше преземено од екипа на Итната медицинска помош – Битола, и пренесено во Клиничката болница Битола, на Одделот за ортопедија.
Лицето во текот на целата акција било свесно и во контакт со спасувачките служби, велат од ЦУК.
Македонија
(Видео) Лефков: Структури од СДС делуваат со бугарската антимакедонска пропаганда

До нас стигнаа информации кои укажуваат на јасна поврзаност на бугарската антимакедонска пропаганда и политички структури поврзани до и од СДС, кажа денеска на прес-конференција, Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Лефков истакна дека „според тие сознанија, постои целосна поврзаност и соработка кон негирање на македонскиот идентитет и јазик, и напад на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски, кои се единствена брана за македонските интереси“.
„Информациите говорат дека одредени кругови во СДС и блиски до нив, се целосно финансирани од бугарски фондови, а до цел оркестрирано измислување и ширење на лаги и конструкции за политичари од ВМРО-ДПМНЕ и државниот врв. Ова што го зборуваме, многу јасно се гледа и од брзината со која фабрикациите за ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Мицкоски од бугарските медиуми, се шират во македонскиот етер од структури блиски до СДС. Како поткрепа на оваа антимакедонска пропаганда, стои Венко Филипче и неговата скриена за јавноста позиција, дека ќе прифати внесување на Бугарите во Уставот, без било какви барања“, кажа Лефков.
Според него, „целта на целиот напад и акцијата е да се нанесе штета на ВМРО-ДПМНЕ, а во игра се и пари“.
„СДС се обидува да се наметне како фактор во целиот процес, од кој подоцна би зависела надворешната политика на државата. Ваквата пропаганда покажува само едно, а тоа е дека СДС нема намера да се наметне со програма на избори, туку својата безидејност ја заменува со распродажба на македонските интереси, обидувајќи се да одигра на страната на Бугарија“, рече пратеникот Лефков.
Македонија
(Видео) Кузеска: Тошковски кога ќе порасне сака да биде како Груевски – со партиска милиција под своја контрола

Очигледно министерот Панче Тошковски оди по стапките на својот идол – Никола Груевски и делува како негов партиски клон, рече денеска на прес-конференција, Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Според неа, „со предлог законските измени кои Тошковски ги предлага во Законот за полиција, тој готви партиска милиција на ВМРО-ДПМНЕ под негова контрола“.
„Наместо модерна, професионална, европска полиција – Тошковски го претвора Министерството за внатрешни работи во пара-полициски апарат на ВМРО-ДПМНЕ. Ова не е реформа, ова е отворање на вратите за криминалци, послушници и партиски војници.
Ова е рецепт за полициска држава! Законот за измени на Законот за полиција што го предлага Тошковски е опасен за целиот безбедносен систем, антиевропски и длабоко корумпиран обид за партизација на полицијата, елиминација на кариерниот систем и уривање на безбедносниот поредок“, вели Кузеска.
Таа рече дека „наместо полиција што штити граѓани, Тошковски прави партиска милиција што штити криминалци“.
„Бараме итно повлекување на законот, прекин на узурпацијата на МВР и отворање јавна дебата за департизација на полицијата. Полицијата мора да биде сервис на граѓаните, не оружје во рацете на партиската мафија. Ова не е политичка борба – ова е борба за безбедност, за државата и за правото! Македонија не смее да си дозволи нова верзија на режимот на Груевски, со Тошковски во улога на негов партиски клон“, кажа Кузеска.