Македонија
Сугарески: Нема да има селективност при уривање на дивоизградените објекти во Охрид и Струга

Законот е еднаков за сите и нема да се применува селективност при уривање на дивоизградените објекти во Охрид и Струга“, истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, при денешната работна посета на општина Охрид.
Тој потенцира дека инспектори од Државниот градежен инспекторат уште од почетокот на изминатата недела се на терен и вршат масовни контроли на Охридско-струшкото крајбрежје.
При посетата на Охрид министерот Сугарески во придружба на градоначалникот Константин Георгиески изврши увид во градежните работи за реконструкција на водоводна и канализациона мрежа на улицата Абас Емин во Охрид.
Проектот е во вредност од 466.376 евра и предвидува реконструкција и изградба на 4 километри водоводни и канализациски линии.
„Како Министерство особено сме задоволни што овозможуваме огромна поддршка на општините за реализација на проекти од огромно значење за граѓаните, па затоа низ текот на овие години силен фокус ставивме на подобрување на комуналната инфраструктура во општините, преку изградба и реконструкција на водоводи и канализации. Токму овој проект е резултат на заедничка соработка меѓу централната и локалната власт. Исто така, сакам да истакнам дека заедно со ЈП за државни патишта го реконструираме и транзитот низ Охрид, завршивме со стариот пат за Струга, годинава започнуваме со реконструкција и на патниот правец до Ќафасан, во меѓувреме работиме на изградбата на автопатот Кичево – Охрид, а рехабилитиравме и неколку регионални патни правци во Струшкиот Регион. Дополнително работиме и на рехабилитација и санација на локалните патишта и улици, за што општина Охрид преку Министерството за транспорт и врски доби на располагање 1 милион евра. Генерално имаме силна реализација на капитални инвестиции во овој регион и верувам дека овие проекти овозможуваме подобар живот за граѓаните и услови за развој на општините“, изјави Сугарески.
Сугарески додаде дека капиталните инвестиции во ресорот Транспорт ќе продолжат и во следниот период да се одвиваат со силно темпо и нагласи дека ќе биде реализирано сè она што во Владината програма е предвидено за оваа година.
Градоначалникот Георгиески истакна дека станува збор за доста значаен проект со кој се решава еден горлив проблем на граѓаните кои живеат во овој дел на градот.
„Веднаш по завршувањето на реконструкцијата на водоводните и канализационите линии следува тампонирање и асфалтирање на улицата во два слоја, а како што тече изградба на комуналната мрежа, така службите на нискоградба и водовод паралелно прават и приклучоци на новата мрежа“, изјави градоначалникот на општина Охрид, Константин Георгиески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Костадинов ги пречека Заев и Ципрас

Вечерва градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов во својот кабинет ги пречека поранешните премиери Алексис Ципрас и Зоран Заев.
„Двајца поранешни лидери кои ги кренаа рампите меѓу Македонија и Грција и трасираа пат на пријателство, разбирање, меѓусебна почит, ги зближија двата народи и ја зајакнаа севкупната соработка меѓу двете држави“ соопшти општината.
Во кабинетот, во кој цели три мандати помина поранешниот премиер Зоран Заев, градоначалникот разговараше со своите гости за функционирањето на Општината, нејзиниот развој, новите предизвици и состојби во државата и регионот.
„Прекрасно е чувството кога разговараш со храбри и одлучни политичари и кога си на иста линија со нив, бидејќи само така можеш да обезбедиш сигурна иднина за граѓаните, општината и државата, порача градоначалникот Костадин Костадинов.
Македонија
Топло време со свежи утра до среда, од четврток дожд

Времето утре наутро ќе биде свежо, преку денот сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 16, а максималната ќе достигне од 22 до 28 степени.
Во Скопје сончево со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 27 степени.
Продолжува периодот на стабилно и релативно топло време со свежи утра. Во четврток и петок во попладневните часови ќе има локално зголемување на облачноста и услови за краткотраен локален дожд.
Македонија
Контејнери за електричен и електронски отпад поставени на 12 локации во Кисела Вода

Жителите на општина Кисела Вода од денес, на 12 различни локации, имаат на располагање специјализирани контејнери наменети за електричен, електронски отпад и отпадни батерии. Општината во соработка со Друштвото за управување со отпад „Нула Отпад“ од Скопје започнува со собирање и селектирање на електричен и електронски отпад, како и на отпадни батерии.
На самиот контејнер има инструкции за користење, како и список на дозволени видови на отпад, кои може да се одлагаат во него: батерии, мобилни телефони, мали куќни апарати како миксери, тостери, фенови, мали монитори, статични и преносни компјутери, тастатури, глувчиња, кабли, звучници и други слични уреди. Важно е да напоменеме дека контејнерите не се наменети за комунален отпад, стакло, хартија, пластика, облека и слични материјали.
Оваа иницијатива претставува значаен чекор кон заштитата и одржливоста на животната средина, помагајќи во намалувањето на опасниот отпад на улиците и сузбивањето на создавање на диви депонии околу контејнерите. Исто така, селектирањето и правилното одлагање на отпадот, придонесува за зголемување на јавната свест меѓу граѓаните.
Општина Кисела Вода апелира до сите свои жители за одговорно и свесно однесување и правило користење на поставените контејнери. Само заеднички можеме да допринесеме кон подобрување на состојбата на животната средина и остварување на одржливи практики кои ќе имаат долготрајни позитивни ефекти.