Македонија
Судењето за Диво насеље повторно отворено за јавноста
Во Врховниот Суд во Скопје, во големата сала, во четврток, продолжува судскиот процес за случувањата во кумановската Дива населба.
Судењето кое се водеше зад затворени врати, денеска повторно ќе биде отворено за очите на јавноста, а треба да бидат сослушани последните двајца сведоци предложени од страна на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Од ова рочиште, со дополнување на обвинението, каде главен збор ќе има одбраната, седниците ќе бидат од отворен карактер. Одбраната ќе треба да ги презентира доказите, а како сведоци не се исклучува можноста да бидат повикани и политичари и поранешни функционери од органите на безбедноста.
Одбраната нема да поднесува посебни жалби, туку како што соопштија нивните адвокати, ќе биде изготвена заедничка листа од нивна страна со која ќе се оспорат доказите на Обвинителството во овој случај и ќе се стремат да го сменат обвинителниот акт кој сега се води како терористички акт.
Инаку, процесот трае веќе една година, беше оложуван и враќан од почеток. Судењето почна од почеток во јуни минатата година откако судот ги спои предметите „Дива населба“ и „Молња“, во кои вкупно 37 лица се осомничени за тероризам и за терористичка организација.
За потсетување, на 9 и на 10 мај, 2015 година, во кумановската Дива населба вооружена
група се судри со безбедносните сили. Во престрелката загинаа осум полицајци од специјалните и од посебните единици на МВР, додека четириесетина беа тешко повредени. Убиени беа и десет лица од вооружената група./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Бараме локален референдум за рудникот со антимон и исполнување на клучни услови
СДСМ бара за најавата за отворање рудник со антимон во кривопаланечко Луке да има поширока јавна дебата и директно изјаснување на граѓаните преку локален референдум.
Од партијата посочуваат дека станува збор за сериозно прашање кое се однесува на тоа како државата одлучува за своите ресурси, за здравјето на граѓаните и за иднината на локалните заедници.
„Особено што на пример, старото еколошко жариште Лојане со децении стои нерешено, а во исто време се најавува нов рудник за антимон“, се наведува во соопштението.
СДСМ нагласува дека не е против инвестиции, но дека моделите не смеат да бидат насочени исклучиво кон профитот, со висок ризик по здравјето на граѓаните.
„Не може да се зборува само за економска корист која не е сигурна. А при тоа никој да не зборува за загадувањето и опасноста по луѓето, за цената на загадена вода, за цената на заболени луѓе и за цената на уништено земјоделие. Тоа не се бројки во извештаи, тоа се последици кои траат со генерации“, велат од партијата.
Оттаму додаваат дека доколку државата не може да го реши Лојане, „нема кредибилитет да отвора нови рудници“.
СДСМ бара граѓаните да бидат вклучени во процесот на одлучување преку јавни расправи со реално влијание, локален референдум и учество на стручната и локалната јавност.
Партијата наведува дека за вакви проекти мора да бидат исполнети неколку клучни услови:
Владата итно да ги реши постојните еколошки жаришта, Целосна транспарентност – јавно објавување на договори, економски параметри и студии, Детални информации за фирмите вклучени во проектот, Затворен еколошки систем без испуштање во почва, вода или воздух, Финансиска гаранција однапред обезбедена од инвеститорот, Независен мониторинг со јавни податоци во реално време, Директен локален бенефит за општината и граѓаните, Континуирана здравствена заштита финансирана од инвеститорот.
„Доколку овие услови не се исполнат, тогаш подобро е да нема рудник“, се додава во соопштението на СДСМ.
Македонија
И денес сончево време, од утре дожд и пад на температурите
Времето денес сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 9, а максималната ќе достигне од 17 до 24 степени.
Во Скопје, претежно сончево и релативно топло со слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Во текот на новата седмица ќе преовладува променливо облачно време. Од понеделник до среда ќе има локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни, а во вторник ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
МВР и ТАВ Македонија: Успешно спроведена вежбата „Сигурен хоризонт 2026“ – тестирана подготвеноста за одговор на сложени безбедносни закани
Денеска на аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид успешно беше реализирана симулациската вежба „Сигурен хоризонт 2026 – двојна закана“, во организација на Секторот за полициски работи од општа надлежност при Бирото за јавна безбедност, во соработка со ТАВ Македонија.
На вежбата присуствуваа директорот на Бирото за јавна безбедност, Александaр Јанев и заменик генералниот директор за операции на ТАВ Македонија, Перо Лупевски, како и претставници од повеќе институции вклучени во системот за безбедност и управување со кризни состојби.
Симулациската вежба се спроведе согласно Националниот план за постапување во вонредни состојби предизвикани од незаконско постапување против безбедноста на цивилното воздухопловство и имаше за цел тестирање на подготвеноста и координацијата на сите надлежни служби во услови на сложени безбедносни закани.
Сценариото на вежбата опфати повеќе фази, вклучително и диверзија со импровизирана експлозивна направа во ВИП зоната, координиран терористички напад со заложничка криза во терминалната зграда, активирање на кризен штаб, како и синхронизиран одговор на специјалните единици, евакуација, преговори и неутрализација на сторителите, проследени со медицинска интервенција и стабилизација на состојбата.
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александaр Јанев истакна дека ваквите вежби се од исклучително значење за безбедносниот систем.
„Целта на оваа вежба е сеопфатно тестирање на системот за одговор во услови на сложени безбедносни закани, преку симулација на реални сценарија. Преку вакви активности ја проверуваме оперативната подготвеност на полициските службеници, нивната способност за брза и ефикасна реакција, како и нивото на координација и комуникација меѓу сите инволвирани субјекти“, потенцираше Јанев.
Заменик генералниот директор за операции на ТАВ Македонија, Перо Лупевски, нагласи дека безбедноста на патниците и персоналот е врвен приоритет.
„Денешната симулациска вежба на Аеродромот „Св. Апостол Павле“ ја потврди високата подготвеност на безбедносните служби на ТАВ Македонија и одличната координација со Министерството за внатрешни работи.Преку вакви вежби ја зајакнуваме способноста за брза и ефикасна реакција во услови на сложени безбедносни предизвици.“, изјави Лупевски.
Со реализацијата на вежбата беа тестирани капацитетите за брза реакција, интер-институционалната координација и комуникација, како и способноста за ефикасно управување со кризни ситуации, со посебен акцент на заштита на патниците, персоналот и аеродромската инфраструктура.
МВР се заблагодарува на сите учесници кои учествуваа во подготовката и реализацијата на вежбата, ТАВ Македонија, Противпожарната служба и службата за итна медицинска помош при ТАВ Македонија.
Министерството за внатрешни работи и ТАВ Македонија и во иднина ќе продолжат со заеднички активности и вежби, со цел континуирано унапредување на безбедноста и подготвеноста за справување со сите видови закани.
