Македонија
Судот го опомена Бојан Јовановски, одбиено е барањето за изземање на судијката

Претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев, го одби барањето на обвинетиот Бојан Јовановски за изземање на судијката Софче Гаврилова-Ефремова од судењето за невладината организација Меѓународен сојуз. Според судот, барањето е неосновано.
„По повод барањето за изземање, одлучено е барањето за изземање да биде одбиено како неосновано“, соопшти судијката Гаврилова-Ефремова на почетокот од судењето.
Бојан Јовановски и на денешното рочиште побара изземање на претседателот на судијката, но овој пат и на целиот судечки совет.
„Поради основано сомневање дека судијката е политички иструирана и поврзана со претседателот на овој суд за кој знам како е избран, што ми дава право за сомневање за систем на сврзни садови, имам сомневање дека овој судечки совет е контролиран од премиерот Зоран Заев и други политички субјекти. Новата околност укажува дека на минатото рочиште судијата, без никаква моја навреда кон судот или личноста на судијата, во записникот нотира дека јас сум ја навредил и сум го навредил овој суд. Сомнежот за непристрасно судење е дека јасно може да се види односнот кон едната страна во оваа постапка, односно Обвинителството и обвинетите што седат на оваа клупа ни криви ни должни“, рече Јовановски.
Првообвинетиот Бојан Јовановски на минатото рочиште рече дека барањето е поради пристраснос, бидејќи судијката била дел од судечкиот совет на случајот „Рекет“.
На самиот почеток судијката го опомена Бојан Јовановски бидејќи ѝ се обрати со зборовите: „Немојте да се дерете, не сме мали деца“. Реакцијата на Јовановски доаѓа откако судијката Гаврилова-Ефремова ја прекина обвинетата Фросина Ташевска-Ременски за да даде објаснување за што смее да се произнесе пред судот.
Јовановски е обвинет за измама и перење пари. Ременски, како почесен претседател на невладината организација, е обвинета за помагање во делото измама, Мандиќ за помагање во измамата и перењето пари, Миле Јовановски се товари за помагање во перењето пари и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје. Како правно лице обвинета е и невладината организација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Апасиев го откажа учеството на лидерската средба: Треба да биде ден на жалост, а не лидерска за датум за избори

Утре треба да биде ден на жалост заради двојното убиство, а не на лидерска за датум за избори, вели претседателот на Левица, Димитар Апасиев.
Тој го откажа своето учество на планираната средба.
„Апелирам до премиерот истата (средбата) да се помести за посоодветен тајминг, после расчистувањето – преку парламентарна надзорна расправа – на сите неразјаснети прашања поврзани со пропустите на МВР и ОЈО изминативе денови (за време на самитот на ОБСЕ)“, напиша Апасиев на социјалните мрежи.
Македонија
Taткото на Вања во полициска станица, досега не е побаран притвор

Таткото на 14-годишната, Вања Ѓорчевска, по која се трагаше цела недела, а чиешто тело беше најдено денеска, се’ уште е во полициска станица во рамки на истрагата, информираат од Обвинителството.
Од ОЈО велат дека досега не е побаран притвор за него.
Претходно Обвинителството и МВР објавија дека девојчето било убиено неполни три часа по исчезнувањето во понеделникот, а осомничени се пет лица, од кои за три се бара притвор, едно е во странство и уште едно во станица. Тие се осомничени и за убиство на 74-годишен велешанец, Панче Жежовски, по кој се трагаше од 24 ноември, а чиешто тело било пронајдено во Велес, додека неговиот опожарен автомобил беше најден пред неколку дена во Скопско.
Мотив за убиствата, според Обвинителството е користољубие, а неофицијалните информации сугерираат дека тоа подразбира изнуда на пари, и во двата случаи. Деталите ќе бидат образложени утре, на прес конференција.
Македонија
Во „Песталоци“ ќе биде отворена книга на жалост, психолози ќе комуницираат со соучениците на Вања

Утре од 9 часот, на службениот влез на училиштето Јохан Хајнрих – Песталоци ќе биде отворена книга на жалост.
Општина Центар ги повика блиските и сите граѓани кои сакаат да оддадат почит да дојдат да се потпишат.
Во моментот, менаџментот на училиштето во соработка со повеќе психолози се подготвува за утрешниот ден со цел обезбедување поддршка за учениците и комуникација со нив на начин со кој сите полесно ќе го пребродат овој трагичен настан.
Градоначалникот Герасимовски и сите вработени во Општина Центар изразуваат најдлабоко сочувство до семејството и блиските на Вања.
„Извршителите на овој грозоморен чин мора да одговараат во најкус рок, ги повикуваме институциите да го расветлат целосно случајот. Апелираме и до граѓаните да останат обединетив во овие тешки моменти и да не подгреваат шпекулации. Нека и е светол патот на Вања, ваква трагедија никогаш повеќе да не се повтори“, објави општина Центар.