Македонија
Судот од почеток ќе одлучува дали Владата треба да плати фактури од 25 илјади евра за сервисирање на климите

Основниот суд Скопје 2 повторно ќе треба да одлучува дали Владата треба да ѝ ги плати фактурите за сервисирање на климатизацијата по раксинувањето на договорот на фирмата „Мото електроникс“, направени пред 8 години, пресече Врховниот суд по барањето за ревизија на предметот. Судската постапка е од 2015 година, а вредноста на спорот 1.495.179 денари или приближно 25 илјади евра.
Фирмата што со години ги сервисирала клима-уредите поднела тужба за ненаплатени фактури откако Владата одлучила предвреме да го раскине договорот. Судиите во највисокиот суд утврдиле нејасност и противречност во фактите и доказите во текот на постапката кај пониските судови, а противтужбеното барање на Владата е одбиено како неосновано. Врховен смета дека судовите не дале доволно јасни и образложени причини во однос на висината на штетата што ја досудиле на тужителот поради неоснованото раскинување на договорите.
При повторното судење, првостепениот суд ќе треба да ги има предвид укажувањата на Врховниот суд, да ја отстрани суштествената повреда и да донесе јасна и разбирлива пресуда подобна за испитување. Треба да ги има предвид и укажувањата во однос на фактите од кои произлегува основата за тужбеното барање и висината на штетата.
Основниот суд Скопје 2 го усвоил прецизираното тужбено барање Владата да му плати на тужителот – на име надомест на штета како резултат на неосновано раскинување на договорот за сервисирање и одржување на дизел електрични агрегати и УПС-уреди. Апелациониот суд Скопје со пресуда од 2016 година ја потврдил пресудата на Основниот суд Скопје 2.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Џамбаски контра Пендаровски: Дрскоста на бугаромразите во Скопје навистина нема крај

„Дрскоста на бугаромразите во Скопје навистина нема крај и навистина е потсмев. Стотици бугарски граѓани со часови виселе на студ, стотици биле вратени од граница со летечки белешки испечатени од печатачи кои очигледно не работат на струја“ напиша на Фејсбук бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски.
Во неговата објава на социјалната мрежа стои: „Властите во Скопје прават црни и забранувачки списоци за бугарските граѓани, новинари, публицисти и политичари.
Како се овие европски вредности? Како е ова право на слободно движење? Како ова не е антибугарска омраза? Каде е револтот на активистите за човекови права во Брисел?“
Ова доаѓа по денешната изјава на македонскиот претседател Стево Пендаровски кој рече:
„Оние кои се обидоа да ја нападнат полицијата, се разбира, заработија прекршочни пријави и депортација од нашата земја. Секоја европска држава го прави тоа на идентичен начин. Нека ни се јави еден граѓанин на Република Бугарија на кој му било одбиено да влезе во Република Северна Македонија да оддаде почит на гробот на Гоце Делчев, се разбира освен оние кои правеа проблеми за што има и видео снимки“.
Македонија
Македонија испраќа помош во Турција по катастрофалниот земјотрес

Македонската Влада попладнево одржа вонредна седница, со цел обезбедување итна помош за Турција, по катастрофалниот земјотрес што ја погоди земјата со големи човечки загуби, повредени граѓани, како и големи материјални штети.
МНР информираше дека има државјани од Северна Македонија во погодените подрачја во Турција, кои се наоѓаат на безбедни локации и меѓу кои нема жртви и повредени. Почесниот конзулат, според информацијата од Министерството за надворешни работи, има подготвено планови за сместување, брза медицинска помош и поддршка со храна и пијалаци за наши државјани, доколку за тоа се појави потреба.
Владата го задолжи Министерството за надворешни работи, преку дипломатско конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во Република Турција (Анкара и Истанбул), да ги координира активностите за евакуација на државјаните на Република Северна Македонија од погодените подрачја.
Владата, на предлог на Министерството за надворешни работи, го задолжи Министерството за финансии да подготви и до Владата да достави одлука за одобрување на средства од резервите на Буџетот во износ од шест милиони денари за помош на настраданите во катастрофалниот земјотрес;
„Се задолжуваат Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи, во координација со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, итно да подготват и до Владата да достават соодветна одлука за испраќање на сили/тимови за заштита и спасување, коишто ќе се вклучат во погодените подрачја, како и одлука за испраќање хуманитарна помош за заштита и спасување во Република Турција;
Се задолжува Министерството за одбрана во рамките на своите надлежности итно да подготви и до Владата да достави одлука за обезбедување соодветна помош во персонал, опрема во вид на механизација, шатори, душеци, ќебиња, грејни тела и друг вид соодветна помош;
Се задолжува Министерството за здравство, во рамките на своите надлежности, итно да подготви и до Владата да достави одлука за обезбедување помош во вид на медицински персонал, медицинска опрема и лекови“ се дел од заклучоците од вонредната владина седница.
Од Дирекција за заштита и спасување се обезбедува и комплетна специјализирана опрема и материјално – текхнички средства за пребарување и спасување од урнатини, шест возила за транспорт на опремата и луѓето и две противпожарни возила.
Македонија
Oсмани: ОБСЕ дава сериозна поддршка преку активности и проекти за борба против антисемитизмот

Претседавачот со ОБСЕ Бујар Османи денеска во Скопје ја отвори првата конференција организирана во рамки на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ, посветена на справувањето со Антисемитизмот. Станува збор за традиционален собир на земјите учеснички на Организацијата, реномирани експерти и граѓански организации, кој се одржува со цел да се постави заедничка агенда за обновување на заложбата на ОБСЕ за толеранција и недискриминација.
Во своето обраќање Османи изрази сериозна загриженост за алармантниот пораст на антисемитизмот, присутен во регионот на ОБСЕ и пошироко.
„За жал, сведоци сме дека светот не докрај ги има научено историските лекциите од Холокаустот. Денеска сме во екот на воена агресија на тлото на Европа. Последиците за многу генерации ќе бидат тешки и ќе остават траен белег во нивните сеќавања. Конфликтот, секогаш отвора простор за нова омраза. Негирањето на едни кон други, чинови на насилство и предизвикување на омраза отвораат простор и услови за други форми нетолеранција и дискриминација“, рече Османи.
Османи истакна дека нетолеранцијата, непочитувањето, навредување во однос на религиозна припадност, личното самоопределувањето на секој поединец се појави кои дополнително ги усложнуваат состојбите во ОБСЕ регионот.
„Растот на антисемитизмот директно ја поткопува структурата и заложбите што ги сочинуваат темелите на ОБСЕ, како и еден од приоритетите на нашето претседавање, кој се однесува на толеранцијата и недискриминацијата. Од оваа причина, земјите учеснички на ОБСЕ треба цврсто да ги поддржуваат сегашните и идните активности на Организацијата, во справувањето со омраза против еврејското население, но генерално и против сите други“, потенцираше Османи.
Зборувајќи за контекстот во Северна Македонија, Османи рече дека Антисемитизмот е главно реактивен, освен случајни, индивидуални коментари на социјалните мрежи или други изолирани медиуми. Тој го посочи како позитивен пример искуството на нашата земја основано на толеранција и меѓусебно почитување.
„Тешко стекнато искуство на Северна Македонија во создавањето на функционално мултиетничко, мултикултурно и мулти-конфесионално општество, базирано на толеранција и меѓусебно почитување, е наш придонес и пример за создавањето на отпорни општества, во поглед на сите форми на дискриминација. Во рамките на претседавањето и лично како претседавач на ОБСЕ го нудиме овој модел до сите оние во ОБСЕ регионот, кои имаат политичка волја да го применат кај себе“, нагласи Османи.
Османи потсети и на Антисемитизмот во историските наративи на земјата, особено за историјата на Втората светска војна и убиството на 7144 македонски Евреи во логорот Треблинка, осврнувајќи се на заедничката историја меѓу Македонците и Евреите и силната историска врска. Тој додаде и дека раководство во Северна Македонија настојува да одржува добри врски со државата Израел и со сопствената Еврејска заедница, што се потврдува и со Декларацијата на Собранието пред 5 години.
Претседавачот со ОБСЕ Османи за време на своето обраќање пред присутните на конференцијата го спомена и изобличувањето на Холокаустот и навредливите антисемитски теории за кои рече дека биле користени од изворите на пропаганда за промовирање и оправдување на руската воена агресија против Украина.